наука и технологија

Во Скопје промовиран „ТЕХНОФЕСТ 2020“

На ТЕХНОФЕСТ ќе се реализираат технолошки натпревари во 23 категории како што се иновации во биотехнологијата, едукативни технологии, дизајн на хеликоптери, дизајн на млазни мотори, земјоделски технологии, технологии за животна средина...

Seyyid Emin   | 19.02.2020
Во Скопје промовиран „ТЕХНОФЕСТ 2020“ Фото: Seyyid Emin/АА

СКОПЈЕ (АА) – Во Скопје денеска беше промовирана програмата за аплицирање на Фестивалот за воздухопловство, вселена и технологија ТЕХНОФЕСТ, што ќе се одржи во Газиантеп, Турција, од 22 до 27 септември, јавува Агенција Анадолија (АА).

На промоцијата на ТЕХНОФЕСТ организирана од страна на Технолошкиот тим на Турција (Фондацијата Т3) во соработка со Институтот „Јунус Емре“, поддржана од Проектот за академска и научна соработка на Турција (ТАБИП) присуствуваа амбасадорот на Турција во Скопје, Хасан Мехмет Секизќок, министерот за култура на Северна Македонија, Хусни Исмаили, министерот задолжен за странски инвестиции, Елвин Хасан, членот на Управниот одбор на Фондацијата Т3, Алпер Ѓузел, претставници на турските институции и организации, наставници и голем број гости.

Во својот говор на промоцијата, амбасадорот на Турција, Секизќок, се осврна на зголемувањето на животниот стандард, потребата за креативни и иновативни луѓе и идеи, за иновациите и за човечкиот фактор.

Истакнувајќи дека во Турција се посветува големо внимание на ефикасното користење на човечките ресурси и нивното збогатување, рече: „Во оваа насока, во последните години, Технолошкиот тим на Турција, со слоганот „Национален технолошки зафат“ даде голем придонес во технологиите од областа на воздухопловството, вселената и одбраната. Организацијата ТЕХНОФЕСТ отвора нови хоризонти за младите таленти.“

Секизќок нагласи дека ТЕХНОФЕСТ 2020 се препорачува и на младината од балканските земји. „На овој начин се овозможува младите луѓе да си создадат правец за нивната кариера. Исто така ќе даде големи можности за утврдување на претставниците на Турција во областа на технологијата во овие земји. Формирањето на технолошките тимови во овие региони секако ќе биде во заеднички интерес на нашите земји.“

Членот на Управниот одбор на Фондацијата Т3, Алпер Ѓузел, рече дека ТЕХНОФЕСТ е најголемиот меѓународен фестивал на воздухопловство, вселена и технологија, и дека во овие рамки се одржуваат многу значајни натпревари.

Наведувајќи дека како резултат на натпреварите, учесниците можат значително да ги зголемат своите знаења во областа на технологијата, Ѓузел рече: „За настанот да го доведеме на меѓународно ниво, најпрвин сакавме нашиот глас да се слушне во балканските земји. Сакаме учениците од Северна Македонија да дојдат на ТЕХНОФЕСТ, да ги раскажат нивните проекти од областа на технологијата и да зачекорат со нас кон патот што го нарековме национална технологија. И тие нека бидат во оваа игра, и тие да го доживеат овој развој заедно со нас.“

Говорејќи за промоциите во балканските земји, Ѓузел рече: „Сакаме тука на учениците да им пренесеме за содржината на натпреварите, за тоа што ги чека на ТЕХНОФЕСТ и за возбудата таму.“

Министерот задолжен за странски инвестиции, Елвин Хасан, истакна дека верува оти настанот е од големо значење за Република Северна Македонија.

Тој рече дека во Северна Македонија како мала земја, и покрај тоа што нема направено чекори во областа на технологијата, активностите на младите можат да придонесат во процесот на индустријализацијата на земјата.

„Република Турција како и секогаш, и денес придонесува за сите граѓани во Република Северна Македонија. Денеска со промоцијата на ТЕХНОФЕСТ можеме тоа повторно да го видиме. Се надевам дека во иднина нашите млади луѓе, ученици од Северна Македонија и од балканските земји ќе ги искористат овие можности што ги нуди Република Турција и ќе работат на овие области“, нагласи Елвин Хасан.

Директорот на Институтот „Јунус Емре“ Скопје, Серхат Кула, рече дека ТЕХНОФЕСТ оваа година првите меѓународни проектни аплицирања ќе ги прими од балканските земји и дека промотивната фаза на проектот ќе биде со поддршка на канцелариите на Институтот „Јунус Емре“ во Балканскиот Регион.

„Денес се сретнавме со група студенти на Меѓународниот балкански универзитет и со претставници на компании кои се обидуваат да преземат нови чекори од областа на технологијата. Проектот го промовираше членот на Управниот одбор на Фондацијата Т3, Алпер Ѓузел. Оваа година за првпат на ТЕХНОФЕСТ се поканети ученици од Балканскиот Регион“, рече Серхат Кула.

Беше наведено дека програмите за промоција ќе се одржат и во Косово и во Албанија, а во соработка со Институтот „Јунус Емре“ аплицирањето ќе може да се направи до 28 февруари.

На ТЕХНОФЕСТ ќе се реализираат технолошки натпревари во 23 категории како што се иновации во биотехнологијата, едукативни технологии, дизајн на хеликоптери, дизајн на млазни мотори, земјоделски технологии, технологии за животна средина и енергија и паметен транспорт.

Со цел да се поддржат проектите на илјадници млади кои работат на овие полиња, на тимовите кои ќе ја поминат предизборната фаза ќе им биде обезбедена вкупна материјална поддршка од над 4 милиони турски лири (околу 600.000 евра).

Тимовите кои ќе се квалификуваат за пласман на ТЕХНОФЕСТ во Газиантеп, ги чекаат награди од над 3 милиони турски лири (450.000 евра).

Минатата година, на технолошките натпревари во 19 категории од сите 81 општина во Турција и од 122 различни земји од светот, учествувале 17.373 екипи и 50.000 ученици.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.