наука и технологија

Бројот на екстремно топли денови што достигнуваат до 50 Целзиусови степени се зголемува секоја година

Екстремно жешките денови во споредба со претходните години се евидентираат во повеќе делови во светот.

Zuhal Demirci   | 14.09.2021
Бројот на екстремно топли денови што достигнуваат до 50 Целзиусови степени се зголемува секоја година Фото: Sefa Karacan/AA

ЛОНДОН (АА) - Бројот на екстремно топли денови со температури што достигнуваат 50 Целзиусови степени започнувајќи од 1980-тите секоја година е скоро двојно зголемен, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Во глобалната анализа на „Би-би-си“ се истакнува дека екстремно жешките денови во споредба со претходните години се евидентираат во повеќе делови во светот. Екстремно жешките денови претставуваат невидени предизвици за здравјето на луѓето.

Вкупниот број денови над 50 Целзиусови степени во светот се зголемува започнувајќи од 1980-тите години. Во просек, во периодот од 1980 до 2009 година, температурите надминаа 50 степени околу 14 дена во годината.

Овој број се зголеми на 26 дена годишно во периодот 2010-2019 година.

Д-р Фредерике Ото, заменик-директор на Институтот за промени во животната средина на Универзитетот „Оксфорд“, истакна дека зголемувањето на температурата може 100 проценти да се припише на потрошувачката на фосилни горива.

По рекордните температури од 48,8 Целзиусови степени во Италија и 49,6 Целзиусови степени во Канада ова лето, научниците предупредија дека топли денови над 50 Целзиусови степени ќе има и на друго место, доколку не се спречат емисиите на фосилни горива.

Од друга страна, во истражувањето се наведува дека температурите од 50 Целзиусови степени главно се забележуваат на Блискиот Исток и во заливските региони.

Анализата на „Би-би-си“, исто така, посочи дека во текот на изминатите 10 години, максималните температури се зголемени за 0,5 Целзиусови степени.

Овие зголемувања, според анализата не се чувствуваа подеднакво низ целиот свет. Во Источна Европа, Јужна Африка и Бразил, некои максимални температури се зголемија за повеќе од 1 Целзиусов степен, додека зголемување од повеќе од 2 Целзиусови степени беше забележано во делови на Арктикот и Блискиот Исток.

- Младите се чувствуваат многу загрижени за климатските промени -

Глобалното истражување на примерок од 10.000 млади луѓе на возраст од 16 до 25 години од 10 земји откри дека кај младите луѓе вознемиреноста што ја чувствуваат поради климатските промени е многу голема.

Околу 60 проценти од младите велат дека се чувствуваат „многу загрижени или крајно загрижени“ за климатските промени.

Повеќе од 45 проценти од испитаниците истакнале дека нивните чувства за климата влијаат врз нивниот секојдневен живот, додека три четвртини од младите велат дека иднината е страшна, а повеќе од половина (56 проценти) сметаат дека доаѓа крајот на човештвото.

Две третини од младите изјавија дека се чувствуваат тажно, страшно и вознемирено. Од друга страна, многу од младите исто така изразија страв, гнев, безнадежност, тага и срам поради климатските промени.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.