Турција

„Познатите центри на моќ сакаат да заземат позиции во изборниот процес во Турција“

„Глобалниот систем не се грижи за локалните избори во која било европска земја, но во Турција секои избори се важни и познатите центри на моќ се обидуваат да заземат свои позиции во тој процес“, рече Сојлу

Fatih Mehmet Kürkçü   | 20.01.2019
„Познатите центри на моќ сакаат да заземат позиции во изборниот процес во Турција“

Samsun

САМСУН (АА) - Министерот за внатрешни работи на Република Турција, Сулејман Сојлу, денес истакна дека Турција на 31 март ја очекуваат локалните избори кои се исклучително важни, но и дека е јасно дека во процесот свои можности ќе бараат и центрите на моќ кои се вознемирени од стабилноста и прогресот на земјата, јавува Anadolu Agency (AA).

Ресорниот турски министер Сојлу во Самсун присуствуваше на собирот во врска со безбедноста за време на претстојните локални избори во Турција, а во обраќањето пред присутните истакна дека тоа е уште еден во низата собири на кои се подготвуваат потребните мерки за мирен, безбеден и демократски изборен процес.

Укажувајќи дека на собирот присуствуваат гувернери и шефови на органите за безбедност од 11 турски области, Сојлу рече дека интересот и одзивот на изборите во Турција се значително повисоки во однос на другите земји.

„Со развојот и зајакнувањето, Турција станува сѐ повлијателна земја во регионот, а така и сѐ поприсутна на глобалната сцена. Државата директно се бори против низа глобални проблеми како тероризмот, миграциите и трговијата со дрога. Нашата земја има важна геополитичка положба, и како таква го поврзува развиениот Запад со неразвиениот, но богат со енергетски и човечки ресурси Блиски Исток“, рече Сојлу.

Тој нагласи дека затоа секој потег на Турција и секое случување во неа внимателно се следи на глобалната сцена, додавајќи дека Турција негува многу висок степен на свест и култура за изборите, без оглед што во минатото била средиште на бројни воени удари.

Потсетувајќи дека Турција премина од парламентарен на претседателски систем на владеење, Сојлу нагласи дека новиот систем претставува значително поефикасен механизам за спроведување на демократски избори како и за силен економски и кој било друг вид на развој.

„Мислам дека имаме причина да бидеме горди. Претстојните избори нема да бидат обично бирање на градоначалници на општини. Глобалниот систем не се грижи за локалните избори во која било европска земја, но во Турција секои избори се важни и познатите центри на моќ се обидуваат да заземат свои позиции во тој процес“, рече Сојлу, и додаде дека и терористичките организации ќе бараат свои можности.

Тој нагласи дека одредени општествени параметри укажуваат на можни безбедносни ризици за време на изборниот процес и порача дека турските надлежни институции ќе ги преземат сите потребни мерки, со цел спречување инциденти, кршење на законот и нарушување на јавниот ред и мир.

„Нашата одговорност е на секој граѓанин да му овозможиме слободно да гласа и да го искористи неговото демократско право“, порача Сојлу.

Истакнувајќи дека турските сили особено ќе работат на неутрализирање на терористичките закани во текот на изборниот процес, Сојлу рече дека посебно внимание е насочено кон плановите на терористичката ПКК да ги прошири своите активности во подрачјето на Црното Море.

„Јасно е дека терористите на ПКК сакаат да дојдат до брегот на Црното Море заради криумчарење мигранти, што им е основен извор на финансирање. Реагиравме навремено и брзо, и ги спречивме овие терористички намери. Ќе следиме и ќе спречиме секаква закана на терористите на ПКК во тој и во сите други региони на Турција“, порача Сојлу.

Истакнувајќи дека турското Министерство за внатрешни работи во текот на изборите на располагање ќе ги стави сите ресурси, со цел да не дојде до загрозување на безбедноста, Сојлу рече дека ќе бидат ангажирани сите 553.000 припадници на безбедносните сили. 

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın