политика

Шекеринска во Брисел: „Ова е историски момент за нас и за Алијансата“

„Ова е историски момент за нас и за Алијансата. Заедно поминавме низ многу предизвици. Заедно остануваме одлучни да ја браниме слободата, заедничкото наследство на нашите народи, базирани на принципите на демократијата...“

Ekipa   | 13.02.2019
Шекеринска во Брисел: „Ова е историски момент за нас и за Алијансата“ Фото: МО

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Министерката за одбрана на Република Северна Македонија, Радмила Шекеринска, денес присуствуваше на официјалниот состанок на министрите за одбрана на Северноатлантскиот совет на НАТО, што се одржа во Брисел, пренесува Anadolu Agency (AA).

Шекеринска е првиот министер на земјата, кој учествува на официјален состанок на Северноатланскиот совет на НАТО.

Министерството за одбрана соопшти дека на почетокот на состанокот генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, ѝ посакал добредојде на министерката Шекеринска и изразил задоволство за учеството на министерскиот состанок.

„Ова е историски момент за нас и за Алијансата. Заедно поминавме низ многу предизвици. Заедно остануваме одлучни да ја браниме слободата, заедничкото наследство на нашите народи, базирани на принципите на демократијата, индивидуалните слободи и владеењето на правото“, истакнала Шекеринска пред министрите за одбрана на земјите-членки на НАТО.

Во соопштението се вели дека министерката Шекеринска нагласила дека државата е партнер на Алијансата долги години покажувајќи ја својата доверливост, посветеност и флексибилност. 

„Како полноправен член, Алијансата може да смета на нас како способни и подготвени да дадеме придонес кон колективната мисија за заштита и одбрана на нашите заеднички демократски вредности“, додава министерката.

Шекеринска посочила дека одбранбениот буџет е во пораст, согласно насоките од Алијансата за издвојување на 2 проценти од бруто-домашниот производ, додавајќи дека Армијата е посветена да биде проактивен дел од структурите и мисиите на Алијансата и дека се во тек реформите за развој на интероперабилни воени сили.

„Отворените врати за Република Северна Македонија во НАТО се доказ дека Алијансата е динамична институција која гледа кон иднината и може да се носи со предизвиците на одбраната и денеска како и пред 70 години. Република Северна Македонија е со вас. Се радувам на нашата заедничка иднина“, нагласила министерката Шекеринска.

На маргините на министерскиот состанок во Брисел, министерката Шекеринска досега имаше средби со бугарскиот, со канадскиот и со британскиот министер за одбрана. Посетата продолжува со билатерални состаноци со грчкиот, со турскиот и со белгискиот министер за одбранa.

Министерката за одбрана, пред состанокот во Брисел, истакна дека денешниот ден е голем ден, бидејќи Република Северна Македонија го зазема своето место на масата на НАТО.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın