политика

Проект на ЕУ, МВР и НБРМ за поефикасна борба против фалсификувањето евра

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, потсети дека Република Македонија е во предворјето на почетокот на преговорите за членство во ЕУ и дека овој процес од сите ќе бара големи напори, пред сѐ за исполнување на европските стандарди.

Husameddin Gina  | 15.01.2019
Проект на ЕУ, МВР и НБРМ за поефикасна борба против фалсификувањето евра Husameddin Gina/AA

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Во Народната банка на Република Македонија денеска се одржа Конференција за означување на почетокот на проектот „Јакнење на капацитетите на системот за борба против фалсификување евра“, финансиран од Европската Унија (ЕУ), јавува Anadolu Agency (AA).

Во своето обраќање министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, потсети дека Република Македонија е во предворјето на почетокот на преговорите за членство во ЕУ и дека овој процес од сите ќе бара големи напори, пред сѐ за исполнување на европските стандарди.

„Проектот „Јакнење на капацитетите на системот за борба против фалсификување на еврото“ започна со имплементација на 1 ноември 2018 година. Проектот има за цел да воспостави ефикасно функционирање на системот за спречување на фалсификување пари, спречување на вршење криминални активности, јакнење на монетарниот систем на Република Македонија, како и приспособување на македонските со европските стандарди за борба против фалсификување пари“, нагласи Спасовски.

Според министерот Спасовски, фалсификувањето на парите, вклучително и на еврото, ќе биде една од клучните области во поглавјето 24 кои ќе бидат таргетирани со започнување на скрининг-процесот за пристапување во ЕУ.

Вицегувернерката на Народната банка на Република Македонија (НБРМ), Емилија Нацевска, на денешното обраќање нагласи дека набргу по влезот на земјата во ЕУ, интегритетот на еврото ќе се штити како и интегритетот на домашната валута.

„Сигурна сум дека ќе ја оправдаме довербата. Не само со степенот на нашата посветеност на проектните активности во наредните осум месеци, туку и со подготвеноста за спроведувањето на сите потребни активности за воспоставување цврст и ефикасен систем за борба против фалсификување евра во земјава“, истакна Нацевска.

Проектот ќе трае осум месеци и буџетот за него изнесува 250.000 евра. Ќе го спроведуваат Министерството за внатрешни работи, Народната банка и Дојче Бундесбанк, со поддршка од експерти од Хрватската, Австриската и од Европската централна банка.

Целта на овој Твининг лајт проект на ЕУ е да се поддржи воспоставувањето цврст и ефикасен систем за заштита на националните финансиски интереси и на финансиските интереси на ЕУ, преку ефикасно следење на фалсификувањето евра.

На веб страницата на Анадолу Агенсу објавен е дел од системот на проток вести (HAS). За целосни вести, ве молиме контактирајтене за претплата.Abonelik için lütfen iletişime geçiniz.