СКОПЈЕ (АА) - Агенцијата за супервизија на осигурување на денеска на прес-конференција ги претстави најновите резултати за работењето на осигурителниот сектор во државата, за периодот од 1.1.2017 до 30.6.2017 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Според Климе Попоски, претседател на советот за експерти, во првата половина од 2017 година, забележен е пад во имотното осигурување, меѓутоа, по број на продадени договори има значителен пораст.
„Во однос на самата кампања, за осигурување и развивање на свеста кај граѓаните за потребата од купување на осигурување заради заштита од ризиците од природни катастрофи, како што се земјотреси и поплави, сепак тоа треба да го прави самата осигурителна индустрија, но тука улога имаме и ние со едукација на населението, а имаме и амбициозна кампања во нашата агенда, а сме присутни и со рекламирање на разни брошури и флаери“, истакна Попоски.
Тој истакна дека висока делегација од Светска банка на почетокот на септември ќе ја посети Македонија при што ќе бидат понудени одржливи решенија во форма на јавно приватно партнерство, со што преку осигурителен механизам ќе се овозможи полесен пристап до осигурителните продукти за имотно осигурување против ризиците од катастрофална природа.
Зоран Стојановски од Агенцијата за супервизија и осигурување, на денешната прес-конференција истакна дека во 15-те друштва за осигурување вработени се 1.927 лица што претставува пораст на вработените лица од 17,43 отсто во однос на минатата година.
„Во однос на неживотното осигурување остварена е БПП (Бруто полисирана премија) во износ од 3,97 милијарди денари што претставува пораст на приходите од 1,2 проценти во споредба со 2016 година. Додека пак бројот на склучени договори изнесува 615.986, што претставува пораст од 6,5 проценти во споредба со 2016 година“, истакна Стојановски.