свет

Војната во Јемен прерасна во хуманитарна криза: Жителите немаат пристап до помошта и храната

Цивилите се обидуваат да пронајдат начини да се изборат со лошите услови за живот, а поголемиот дел останаа беспомошни пред гладта и миграциите. Има сѐ повеќе лица кои се принудени да просат

Ekipa   | 19.02.2019
Војната во Јемен прерасна во хуманитарна криза: Жителите немаат пристап до помошта и храната

Yemen

ЈЕМЕН (АА) - МУХАМЕД ЕС САМИ -

Дваесет и осум милиони лица во Јемен, земја во која политичката нестабилност и судирите прераснаа во хуманитарна криза, се бори со екстремна сиромаштија, глад и миграции, пишува Anadolu Agency (AA).

Во Јемен, Хусите, кои ги поддржува Иран, сакаа поголемо право на глас во властa, а кога нивните барања не беа исполнети, посегнаа по оружјето и кон крајот на 2014 година извршија удар на Владата во Сана. Потоа коалицијата, предводена од Саудиска Арабија, во март 2015 година започна операција против Хусите, што доведе до додатни тензии во земјата.

Војната, која и покрај предупредувањата на меѓународната заедница и хуманитарната криза, и понатаму трае, ја фрли на колена економијата и инфраструктурата на земјата, а Обединетите нации (ОН) ја нарекуваат најголема хуманитарна криза на светот.

Цивилите се обидуваат да пронајдат начини да се изборат со лошите услови за живот, а поголемиот дел останаа беспомошни пред гладта и миграциите. Има сѐ повеќе лица кои се принудени да просат.

Во земјата во која милиони семејства живеат без постојани примања, луѓето сѐ потешко пронаоѓаат начини да се прехранат себеси и блиските.

Мухамед Мукбил (12) на новинарот на Anadolu Agency (AA) му раскажа како по улиците на Сана собира пластичен отпад кој го продава и така се обидува да го прехрани семејството.

Мукбил и неговото петочлено семејство живеат во мала соба, а тој работи секој ден до доцните часови.

„Пред неколку месеци, поради војната моравме да ја напуштиме Худејда. Мојот татко долго време бараше работа во Сана, но не му појде од рака“, изјави Мукбил.

Тој додаде дека понекогаш не успева да собере доволно отпад за да купи храна, поради што мора да побара помош.

И покрај тоа што меѓународните хуманитарни организации постојано праќаат помош во Јемен, поголемиот дел од населението се жали дека нема пристап до таа помош.

Афаф ал Абара истакнува дека проблемите со кои луѓето се соочуваат, растат од час во час.

„Кога ќе излезете надвор во Сана, гледате десетици мајки кои просат на улиците. Луѓето, поради гладта која ја донесе војната, се принудени да бараат помош. Луѓето, кои поради војната ги изгубија своите работи, се принудени да работат што било за да заработат“, додава Абара.

Тој смета дека ситуацијата се влошува секој ден и дека немаат сите пристап до помошта.

Обединетите нации претходно повикаа на транспарентност кога станува збор за поделбата на помош, односно на тоа како е поделена, каде и кој ја дели, но јасниот одговор не е добиен. Сѐ почести се наводите дека помошта која ОН ја праќаат за населението кое умира од глад, се продава на црниот пазар.

Економистот Саид Абдулмумин изјави дека и покрај пратената помош, кризата расте секојдневно и дека се трага по алтернативни решенија. Тој потсети дека моментално нема доволни количества брашно, што доведува до зголемување на цените на оваа намирница.

Тој укажа и дека се намалени количините на намирниците кои се увезуваат, првенствено на пченицата.

„Растат цените на пченицата и брашното. Нема доволни количества. Истото се однесува и за шеќерот и оризот“, додава Абдулмумин.

Тој појасни дека и недоволните количества врнежи предизвикуваат пад во земјоделското производство. 

Се верува дека наредниот период ќе биде особено тежок за поголемиот дел од населението во Јемен.

„Нема назначувања дека кризата во Худејда ќе биде завршена и дека со другите пристаништа ќе се управува добро“, предупредува Абдулмумин.

За намалувањето на хуманитарната криза смета дека е неопходно да се стави крај на судирите, бидејќи штетата со тек на времето расте и е сѐ потешко да се решат голем број проблеми со кои населението се соочува.

Ја повика меѓународната заедница да помогне во трагањето по решението за недостигот на храна.

„Да се пружи поддршка на домашните доверливи трговци кои храната ќе ја продаваат на домашното население по прифатливи цени, може да биде едно од решенијата“, смета Абдулмумин. 

Податоците на ОН покажуваат дека на повеќе од 22 милиона лица во земјата итно им е потребна хуманитарна помош и заштита.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın