култура и уметност

„За да го најдеме човекот во себе треба да го отфрлиме егото“

Арсовска вели дека најпрвин мораме да сфатиме дека „ние сме животот, а сè она што нè опкружува се само животни ситуации“ и дека е потребно да ги „фатиме добро конците во свои раце“ и да управуваме со животните ситуации, без разлика каде и да сме.

Admir Fazlagic   | 24.01.2021
„За да го најдеме човекот во себе треба да го отфрлиме егото“ ( Foto: Umeys Sulejman / Anadolu Agency )

СКОПЈЕ 

Секоја животна приказна носи своја тежина, а за да го најдеме човекот во себе треба да го отфрлиме егото. Накратко, со овие зборови ја сублимира пораката на своето книжевно дело „Човекот кој ме хранеше Сонце“, авторката Бети Арсовска.

Во разговор за Агенција Анадолија (АА) Арсовска зборува за животот во дијаспората, односно во Соединетите Американски Држави (САД), за начинот на кој македонската дијаспора е организирана во САД, но и за важноста од интегрирањето на луѓето во општествата во кои живеат.

На почетокот од разговорот Арсовска вели дека најпрвин мораме да сфатиме дека „ние сме животот, а сè она што нè опкружува се само животни ситуации“ и дека е потребно да ги „фатиме добро конците во свои раце“ и да управуваме со животните ситуации, без разлика каде и да сме.

На далечниот континент, како што ги нарекува САД, каде што живее повеќе од две децении, вели дека не може да се каже дека животот е нешто многу поразличен од овдешниот, со оглед на тоа дека живееме брз живот без разлика дали сме тука или таму.

Во однос на тоа како е организирана македонската дијаспора во САД и каков е нивниот живот таму, Арсовска информира дека постои организацијата „Обединета македонска дијаспора“ (ОМД), чија главна цел е поврзување на Македонците од сите континенти, но постојат и други иницијативи на поединци кои се грижат за активностите на дијаспората.

„Организација постои. Имаме официјална организација Обединета македонска дијаспора (ОМД), чија главна цел е конектирање, односно сврзување на Македонците од сите континенти и генерално сите тие настани од било која област доаѓаат преку ОМД. Постојат и други иницијативи на поединци, на личности, зависно во која област станува збор“, вели Арсовска.

Таа потсетува дека имале неколку организациски акции што почнале во 2011 година.

„Тоа беше една иницијатива на двајца поединци. Се организираше петкилометарска трка, чија главна цел беше помош за деца без родители и сите тие донирани средства се даваа на Домот за деца без родители „11 Октомври“ во Скопје. Тоа беше една многу интересна иницијатива за обединување, за дружење на Македонците, меѓутоа имаше и една друга позадина, активирање на младите во некои спортски активности, во поздрав начин на живот“, истакнува Арсовска.

Таа додава дека се одржуваат и концерти на многубројни македонски уметници што доаѓаат во САД, објаснувајќи дека македонската Амбасада, исто така е еден дел од овие активности, како што се различни промоции на дела на автори, уметнички изложби и слично. Генерално, преку ОМД, меѓутоа и преку самоиницијативни организации, дијаспората одбележува и некои празници.

Говорејќи за важноста од интегрирањето на човекот во општество како што е Америка, Арсовска смета дека интеграцијата е неизоставна и неопходна доколку човекот сака да е во чекор со времето.

„Ние мораме да се интегрираме, од друга страна, глобализацијата го прави своето. Ние, сакале или не, дали овде или во било која друга земја, на еден начин сме интегрирани во тоа западно општество, во начин на размислување, во начин на дејствување и така натаму. Генерално, во еден сегмент, може и да има мали разлики во таа интеграција зависно од генерацијата којашто доаѓа, да речеме во една друга земја, ете конкретно во САД. Ние во последно време имаме една генерација, млада популација коишто се професионалци и мислам дека токму поради таа глобализација нивната интеграција е многу полесна, ако направиме споредба со претходните генерации. Меѓутоа, интеграцијата е неопходна“, порачува таа.

Меѓу другото, Арсовска смета дека човекот каде и да оди со себе носи дел од културолошката матрица.

„Америка од една друга страна гледано мислам дека би била една од најподобните држави за интеграција, затоа што тоа е држава во којашто тие културолошки матрици ја губат својата сила, а сепак се почитувани на едно доста високо ниво, почнувајќи со јазикот, со начинот на изразување, комуникација, говорот на телото... Америка е еден сад на мешање на тие култури. Многу полесно да се адаптирате и да го прифатите тој начин, а во исто време да бидете прифатени“, вели Арсовска.

За тоа колку е лесно во дијаспората да се зачува мајчиниот јазик, Арсовска, поаѓајќи од својот личен пример, вели дека на родителите, како на најдобри познавачи на сопствениот јазик, останува да им го пренесат јазикот на своите деца.

Пред само неколку дена во Делчево, од каде што потекнува Арсовска, е промовирана нејзината прва книга насловена „Човекот кој ме хранеше Сонце“. Книгата е збирка од 13 раскази и претставува една животна приказна испреплетена со човечката судбина на два континенти. Заснована и напишана е според вистинско искуство со порака што остава читателите самите да ја откријат.

„Секоја книга носи своја тежина. Секоја книга може да се чита во неколку слоеви. Јас мислам дека оваа книга би требало да се прочита во три слоја, животната приказната на еден човек барајќи го човекот во себе преку случки и настани. Во еден момент се навраќам во еден од расказите и вели „Скитник до заборав“. Талкањето, наоѓањето... Ако одиме во еден следен слој, е што е човекот? И на крајот, за да разбереме, како што е во последниот расказ, отфрлањето на егото колку и да е тешко во ова време, во ова лудило можеме слободно да кажеме, во оваа замаеност, ние мораме ако сакаме да го задржиме човечкото, најпрвин да го најдеме, е да го отфрлиме егото“, истакнува Арсовска, порачувајќи „секој нека земе онолку колку што може да понесе со себе и од оваа книга нека направи своја приказна“.

Во разговорот, таа најави уште едно книжевно дело, роман, за кој изрази уверување дека ќе има интересна содржина.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.