култура и уметност

На новосадските фасади, мурали посветени на Ѓорѓе Балашевиќ

Ѓорѓе Балашевиќ почина на 19 февруари во Клиничкиот центар „Војводина“ од последиците на заразувањето со коронавирусот

Aleksandar Savanovic   | 18.04.2021
На новосадските фасади, мурали посветени на Ѓорѓе Балашевиќ ( Foto: Aleksandar Jovanocić / Anadolu Agency )

НОВИ САД

Нови Сад и Балашевиќ. Тој однос на најпознатиот новосаѓанец на просторите на поранешна Југославија и Нови Сад често се објаснувал со зборовите: „Оние кои не те сакаат, не знаат да скријат, а оние кои те сакаат, не знаат да го покажат тоа.“

Смртта на Балашевиќ го потресе целиот регион, по него јавно се тагуваше од Триглав до Гевгелија, но новосаѓаните покажаа колку го сакаа својот сограѓанин со разни спонтани собири на кои му оддадоа почит на „панонскиот морнар“.

Од неговата смрт до денес во Нови Сад настанаа и три мурали посветени на познатиот кантавтор, што се наоѓаат на фасадите од зградите во новосадската населба Лиман, јавува Агенција Анадолија (АА).

- Непрекината врска

Врската на Балашевиќ и Нови Сад не се прекина ниту по неговото заминување, бидејќи на својот роден град му даде и остави најмногу, како најголемиот, бесплатен концерт на отворено што го одржа на 5 мај 2012 година на Плоштадот на слободата, но и традиционалните концерти на Спенс, кои ги одржуваше ноќта на Богојавление, концерт што на 19 јануари оваа година не се одржа поради коронавирусот (Ковид-19).

Малку кој од неговите поддржувачи, кои од разни краеви од светот се собираа на тој јануарски концерт во Нови Сад, можеше да претпостави дека Ковид-19 засекогаш ќе ја прекине таа традиција, а посебно не дека Балашевиќ ќе биде жртва на вирусот и тоа точно еден месец подоцна во однос на неодржаниот концерт.

Во своите песни ги вткаи панонската рамнина, обичаите, но и својот Нови Сад, па новосаѓаните, спонтано, почнаа да искажуваат почитување на својот сограѓанин преку приватни иницијативи и ѕидовите на зградите да ги украсуваат со мурали на Ѓорѓе Балашевиќ.

- Приватни иницијативи

Уметникот од Добој, Дени Божиќ, кој во својот град, исто така, го наслика Балашевиќ, остави свој авторски потпис на ѕидот во Фрушкогорската улица во Нови Сад, а кратко потоа во улицата „Иво Андриќ“ настана и муралот што го направи Милан Милосављевиќ-Дерокс. Во двата наврати е во прашање приватна иницијатива. Последниот мурал на Булеварот „Цар Лазар“, што сè уште е во фаза на изработка, го „нарача“ самиот автор, академскиот сликар Марко Миловиќ.

„Муралот го нарача внукот на мојот дедо, единствено што остана е да се добие согласност од станарите од зградата, што траеше. Го почнав муралот кога спласна еуфоријата по смртта на Балашевиќ. Не робувам на рокови, работам колку што можам, кога ќе дојдам од работа, па додека мојот грб, кој е постар од мене, одмори, тогаш ги земам четките, кистот, акрилните бои и одам да сликам“, вели низ шега Миловиќ за АА.

Иако досега работел различни техники и големи формати, со оглед дека е вработен во Српскиот народен театар, каде што, меѓу другото, слика сценографии за претстави, ова е негов прв мурал. Вели дека важен бил и изборот на ѕидот за мурал, бидејќи оваа локација е под балкон и е заштитена од дожд, што значи дека ќе биде долготраен.

Одлучил, за разлика од постоечките два мурали на Балашевиќ, овој да биде со ведри и светли бои.

„Сакав да внесам ведри бои. Бидејќи Балашевиќ ни внесуваше светло. Тој нè будеше, нè опоменуваше, но донесуваше светлина“, наведува Миловиќ.

- Благодарност за постоењето

Посебно му е драго што во текот на сликањето доаѓаат соседите и минувачите со кои разговара за Балашевиќ, а наведува и дека за соседите било изненадување тоа што соседот им е сликар, бидејќи претежно го познаваат по тоа што ги храни мачките во дворот од зградата.

Времето не беше наклонето во изминатите недели за сликање на отворено, па не сака да лицитира кога ќе биде готов.

„Кога ќе видите потпис, ќе знаете дека е готово“, вели Марко Миловиќ.

Тој нагласува дека идејата за мурал се родила сосема спонтано.

„Многу ме погоди неговата смрт. Ова е мојот начин да му се заблагодарам на Ѓорѓе што постоеше“, заклучува Миловиќ.

Ѓорѓе Балашевиќ, поет, писател, сценарист, композитор, стендап-комичар, новосаѓанец, почина на 19 февруари во Клиничкиот центар „Војводина“ од последиците на заразувањето со коронавирусот. Погребан е на Новите гробишта во Нови Сад во присуство на членовите на семејството и пријателите. Сепак, бројни почитувачи на делото на Балашевиќ речиси секојдневно го посетуваат гробот на најпознатиот новосадски кантавтор на Новите гробишта. Ѓорѓе Балашевиќ на 11 мај би наполнил 68 години.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın