култура и уметност

Македонскиот филм „Медена земја“ со номинации за Оскар во две категории

Македонскиот документарен филм „Медена земја“ („Honeyland“) на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов успеа да добие две номинации за претстојното доделување на „Оскар“ – за најдобар документарен филм и за најдобар странски филм

Ekip   | 13.01.2020
Македонскиот филм „Медена земја“ со номинации за Оскар во две категории

ЛОС АНЏЕЛЕС (АА) - Македонскиот документарен филм „Медена земја“ („Honeyland“) на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов успеа да добие две номинации за претстојното доделување на „Оскар“ – за најдобар документарен филм и за најдобар странски филм. Ова е првиот македонски филм со две номинации за „Оскар“, пренесува Агенција Анадолија (АА)

Американската академија за филмски уметности денес ги објави номинациите за 92. доделување на престижната филмска награда „Оскар“, што ќе биде одржано на 9 февруари во Лос Анџелес.

Документарецот „Медена земја“ во февруари минатата година беше во официјална конкуренција на престижниот американски Фестивал за независни филмови „Санденс“, во категорија со уште 11 документарци од целиот свет, при што ја доби наградата на жирито за најдобар документарен филм во конкуренција со документарци на светско ниво. Исто така, филмот ја освои и наградaта за најдобра кинематографија (Special Jury Award for Cinematography) и специјалното признание од жирито за влијание за промена (Special Jury Award for Impact for Change).

Филмот ја раскажува приказната за Атиџе, Турчинка по потекло, последната жена одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во село што се наоѓа во централниот дел на Република Северна Македонија. Една од главните пораки на филмот е подигнување на свесноста кај луѓето за средината во која живеат, а режисерите веруваат дека нивното дело е придонес кон подигнувањето на таа свест.

Актерката Иса Реј и нејзиниот колега Џон Чо ги објавија номинациите во 24 категории, во кои ќе бидат наградени филмските остварувања од 2019 година.

Освен македонскиот документарец „Медена земја“, меѓу останатите меѓународни филмови номинирани за Оскар се наоѓаат и „Корпус Кристи“ („Corpus Christi“) од Полска, „Клетници“ („Les Miserables“) од Франција; „Болка и слава“ („Pain and Glory“) од Шпанија и „Паразит“ („Parasite“) од Јужна Кореја.

Меѓу петте номинирани за најдобар документарец се и „Американска фабрика“ („American Factory“), „Пештерата“ („The Cave“), „Работ на демократијата“ („The Edge of Democracy“) и „За Сама“ („For Sama“).

Најмногу номинации за „Оскар“, 11, доби филмот „Џокер“ („Joker“), додека „Ирецот“ („The Irishman“) е втор на листата со 10 номинации за „Оскар“.

Во категоријата за најдобар филм се натпреваруваат девет филсмки остварувања: „Форд против Ферари“ („Ford V Ferrari“), „Ирецот“ („The Irishman“), „Џоџо Зајакот“ („Jojo Rabbit“), „Џокер“ („Joker“), „Малата жена“ („Little Women“), „Приказна за бракот“ („Marriage Storry“), „1917“, „Си беше некогаш во Холивуд“ („Once Upon a Time… in Hollywood“) и „Паразит“ („Parasite“).

За најдобра женска улога номинирани се Синтија Ериво („Harriet“), Скарлет Јохансон („Marriage Story“), Сурша Ронан („Little Women“), Шарлиз Терон („Bombshell“) и Рене Зелвегер („Judy“).

За Оскар за најдобар актер номинирани се Антонио Бандерас („Pain and Glory“), Леонардо Ди Каприо („Once Upon a Time ... in Hollywood“), Адам Драјвер („Marriage Story,“), Џонатан Прајс („The Two Popes“) и Хоакин Феникс („Joker“).

Во категоријата за најдобар анимиран филм се „Како да дресираш змеј: Таинствениот свет“ („How to Train a Dragon: The Hidden World“), „Приказна за играчките 4“ („Toy Story 4“), „Го загубив моето тело“ („I Lost My Body“), „Клаус“ („Klaus“), „Изгубена врска“ („Missing Link“).

Церемонијата на 92. доделување Оскари ќе се одржи на 9 февруари во театарот „Долби“ во Лос Анџелес. Минатогодишното доделување на Оскари во живо го проследија 29,6 милиони гледачи.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.