образование, култура и уметност

Во Скопје се одржа изложба на цртежи на учениците од курсот Мотиви

На изложбата под наслов „И ние имаме соништа“ беа прикажани 35 цртежи направени од 21 ученик на возраст од 10 до 13 години, кои биле дел од овој курс што продолжува веќе 6 години

Furkan Abdula   | 04.04.2021
Во Скопје се одржа изложба на цртежи на учениците од курсот Мотиви Фото: Umeys Sulejman/АА

СКОПЈЕ (АА) – Во организација на Фондацијата „Little Bits of Good Foundation“ денес во Скопје се одржа програма во чии рамки беа изложени цртежите на учениците од курсот Мотиви, јавува Агенција Анадолија (АА).

На изложбата под наслов „И ние имаме соништа“ беа прикажани 35 цртежи направени од 21 ученик на возраст од 10 до 13 години, кои биле дел од овој курс што продолжува веќе 6 години.

Градоначалникот на скопската Општина Чаир, Висар Ганиу, рече дека е импресиониран од делото на учениците.

„Навистина сум импресиониран од направените дела. Но, од друга страна, исто така сум мотивиран со работата на курсот Мотиви. Сигурно дека оттука ќе произлезат и многу други идеи кои ќе бидат како додаток на образовната програма предвидена во училиштата“, нагласи тој.

Ганиу истакна дека во општеството постојат некои актуелни теми, и додаде: „Но забораваме дека посебен фокус треба да се постави на уметноста, математиката, музиката итн.“

Тој се осврна на начинот на одржување на наставата во земјата поради пандемијата на Ковид-19.

„Физичкото отсуство (во училиштата) остава некој вакуум кај учениците за да не го апсорбираат 100 отсто сето тоа знаење. Затоа сметам дека ова здружение е во вистинско време, на вистинско место и навистина дава голем придонес во оваа насока“, рече Ганиу, изразувајќи ја и поддршката на општината.

Сопственикот и иницијатор на курсот Мотиви, Исмет Абази, истакна дека верува оти овој град има многу ангели чувари, и рече: „Кога растевме во моето соседство, го немавме сето ова, но имавме многу љубов. Во Канада и западниот свет многу се зборува за грижа и споделување. Но, тука е вистинското значење и животот на луѓето. Бидејќи луѓето тука навистина споделуваат.“

Абази нагласи дека верува оти овие деца може да постигнат многу и не треба да се откажат.

„Овие места се нарекуваат туторски центри кои ќе им помагаат на децата да се занимаваат со наука и да се вљубат во науката“, додаде Абази.

„На овие деца им велат дека и тие може да сонуваат. Можеби вие живеете во посиромашна населба, но ако ја споделувате љубовта на вашите родители, на вашите браќа и сестри, и ако сте добри со соседите, тогаш можете да ги остварите вашите соништа и еден ден ќе можете да им помогнете и на другите“, истакна тој.

Учителката по уметност на курсот Мотиви, Сухејла Адеми, нагласи дека секогаш треба да се поддржуваат децата за да ги постигнат своите соништа.

„Курсот Мотиви е место каде на децата им се дава шанса да го истакнат својот талент и своите соништа. Однадвор оваа изложба може да изгледа мала, но за нас учителките во курсот е многу посебен чекор кој уште повеќе ќе ни ја зголеми љубовта и волјата за да бидеме покрај децата и учениците, остварувајќи ги нивните соништа“, додаде Адеми.

Меѓу другото, младата уметничка Дарија Дамевска-Идриз рече дека со уметност почнува да се занимава од четири години, кога нејзината мајка ѝ го купила првото платно.

„Таа ми рече земи и нацртај што сакаш, што ти душа сака. И нацртав едно апстрактно дело кое претставуваше еден замок. Од тој ден понатаму секој ден сè повеќе и повеќе ми растеше желбата да цртам. Кога дојдов во основно училиште имав една професорка којашто секој ден ме мотивираше понатаму да се унапредувам и да одам на натпревари. Учествувам на многу натпревари, зедов многу награди. Тоа сè повеќе и повеќе ме тераше напред. Сè до овој ден јас сакам да цртам и испробувам многу техники и затоа сакам секое младо дете што сака да црта да продолжи и понатаму и никогаш да не се откажува“, додаде Идриз.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın