Турција воведува нови ограничувања со цел запирање на вториот бран на коронавирусот
„Полицискиот час ќе се применува секој работен ден од 21 до 5 часот наутро“, соопшти турскиот претседател

АНКАРА (АА) - Со цел зајакнување на мерките против вториот бран на пандемијата на Ковид-19, Турција денес воведува нови ограничувања, меѓу кои и полициски час за работните денови и за време на викендите, јавува Агенција Анадолија (AA).
„Полицискиот час ќе се применува секој работен ден од 21 до 5 часот наутро“, рече турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган по состанокот на Кабинетот во претседателскиот комплекс во главниот град Анкара.
Тој истакна дека ќе биде воведен полициски час и за викендите, од петок од 21 часот до пет часот наутро во понеделник.
Ердоган рече и дека на луѓето на возраст од 20 години и помлади, како и на оние на возраст од 65 години и повеќе, им е забрането користење на јавен превоз. Тој изјави дека рестораните ќе работат само за достава.
Турскиот претседател нагласи дека новите ограничувања ќе стапат на сила од утре.
На 20 ноември Турција најави делумен полициски час за викендите од 20 до 10 часот наутро и други ограничувања низ целата земја кои ќе помогнат во запирање на ширењето на вирусот.
Со започнувањето на вториот бран на вирусот оваа есен, земјите во светот повторно воведоа ограничувања во интерес на јавното здравје.