Коронавирус

Северна Македонија: Бројот на смртните случаи од Ковид-19 се искачи на 10

Министерот Филипче нагласи дека се дијагностицирани 25 нови заразени лица, со што вкупниот број потврдени случаи достигна 354

Abdula Berisha   | 01.04.2020
Северна Македонија: Бројот на смртните случаи од Ковид-19 се искачи на 10

СКОПЈЕ (АА) - Министерот за здравство на Северна Македонија, Венко Филипче, на редовната прес-конференција рече дека во последните 24 часа е регистриран еден нов смртен случај од Ковид-19 во земјата, со што вкупниот број починати се покачи на 10, пренесува Агенција Анадолија (AA).

„За жал, имаме уште еден смртен случај. Тоа е пациентка на 65-годишна возраст со бројни претходни заболувања на белите дробови, зголемен крвен притисок, дијабет, хронична болест на срцето“, изјави Филипче.

Министерот за здравство исто така информира дека вкупно 59 пациенти се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести во Скопје. Тој истакна дека од хоспитализираните пациенти, 12 се во потешка состојба, од кои 5 пациенти се сместени на апарати за дишење.

Министерот Филипче нагласи дека се дијагностицирани 25 нови заразени лица, со што вкупниот број потврдени случаи достигна 354.

„Во изминатите 24 часа се регистрирани 25 нови случаи на пациенти со коронавирусот во нашата земја. По градови, во Скопје 7, во Куманово 7, во Прилеп 2, во Тетово 5, во Струга 2, во Гевгелија 1 и во Кочани, 1 пациент. Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти во нашата земја изнесува 354“, рече Филипче.

Тој исто така рече дека вкупниот број спроведени тестови за Ковид-19 во Северна Македонија е 3.775.

Филипче исто така информира дека позитивен бил тестот за Ковид-19 и кај пациентка која починала во струшката болница, на која ѝ било земено брис откако починала, додавајќи дека се очекуваат резултати од сличен случај во Битола.

Потсетуваме, со одлука на Владата на Северна Македонија, на целата територија во државата воведен е полициски час од 21:00 до 05:00 часот. Исто така, во деновите на викендот, во сабота и недела, забрането е движење на населението од 16:00 часот до 05:00 часот наутро.

Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, на 18 март прогласи вонредна состојба на територијата на целата држава, со цел полесно справување во борбата против ширењето на коронавирусот.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın