наука и технологија, Коронавирус

Првата индиска вакцина против Ковид-19 доби одобрение за тестирање на луѓе

Вакцината КОВАКСИН (COVAXIN), е развиена од компанијата „Барат биотек“, во соработка со Индискиот совет за медицински истражувања и Националниот институт за вирологија

Ekipa   | 30.06.2020
Првата индиска вакцина против Ковид-19 доби одобрение за тестирање на луѓе

ЊУ ДЕЛХИ (АА) - Првата индиска вакцина против Ковид-19 доби одобрение од регулаторното тело за нејзино тестирање на луѓе, во период кога бројот на заразени со коронавирусот и на смртните случаи продолжува да расте, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Вакцината наречена КОВАКСИН (COVAXIN), е развиена од компанијата „Барат биотек“ (Bharat Biotech), во соработка со Индискиот совет за медицински истражувања и Националниот институт за вирологија (NIV).

„Националната, инактивирана вакцина е развиена од видот SARS-CoV-2, од страна на Националниот институт за вирологија и во објектот на компанијата со 3. ниво на биолошка безбедност, лоциран во градот Хајдерабад, во јужна Индија“, се вели во соопштението на компанијата „Барат биотек“.

„Нашето истражување и експертиза за прогнозирањe на епидемии ни овозможија успешно да произведеме вакцина за пандемијата на H1N1“, истакна Сучитра Ела, директор на компанијата.

Дозволата да се отпочне фазата I и II од тестирањето на вакцината на луѓе е добиена откако компанијата ги доставила резултатите добиени од претклиничките студии, кои покажале безбедност и одговор на имуниот систем.

Клиничките испитувања на луѓе се закажани да започнат во јули низ цела Индија.

„Продолжувајќи го нашето фокусирање кон создавање на единствените капацитети со 3. ниво на биолошка безбедност за производство и тестирање во Индија, компанијата е посветена кон унапредување на развојот на вакцините како прашање од национално значење, со цел да се истакне моќта на Индија во справувањето со идни пандемии“, рече Ела.

Со регистрирани 18.522 нови случаи на коронавирусот во текот на изминатите 24 часа, вкупниот биланс на досега заразени лица со Ковид-19 во Индија достигна 566.800. Од нив 120.000 се пријавени изминатата недела.

Бројот на починати од вирусот во земјата достигна 16.893 со 418 смртни случаи во изминатите 24 часа, додека вкупно 334.821 лице оздравеа од вирусот.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın