свет, Коронавирус

Кина ја одби СЗО за втората фаза од истрагата за потеклото на Ковид-19

„Работниот план за втората фаза од истрагата за потеклото на вирусот предложен од СЗО содржи јазик што не ја почитува науката“

Riyaz Khaliq Khaliq   | 22.07.2021
Кина ја одби СЗО за втората фаза од истрагата за потеклото на Ковид-19

АНКАРА (АА) - Кина денеска соопшти дека нема да го прифати предлогот на Светската здравствена организација (СЗО) за спроведување на втората фаза за пронаоѓање на потеклото на Ковид-19, пренесува Агенција Анадолија (АА)-

„Работниот план за втората фаза од истрагата за потеклото на вирусот предложен од СЗО содржи јазик што не ја почитува науката“, рече Зенг Јиксин, заменик-претседателот на кинеската Национална комисија за здравство, објави Кинеската државна радио-телевизија КГТН (CGTN).

Одлуката уследи откако СЗО во петокот предложи втора фаза на истражувањето за потеклото на коронавирусот, вклучително и проверка на лабораториите и пазарите во Вухан, каде што беа пријавени првите случаи на вирусот во декември 2019 година.

Зенг го нарече овој потег арогантен и едно непочитување на здравиот разум со враќањето кон теоријата за „излегување од лабораторија“, објави дневниот весник „Саут Чајна морнинг пост“ (South China Morning Post).

Тој рече: „Бев многу изненаден затоа што се става хипотезата дека ’кршењето на лабораториските протоколи во Кина предизвикало протекување на вирусот‘, како еден од приоритетите во истражувањето.“

Кинескиот претставник тврди дека никој од персоналот или постдипломците од Институтот за вирусологија во Вухан - во центарот на тврдењата за „бегање“ на вирусот од лабораторијата, не биле заразени со коронавирусот и дека лабораторијата не спроведувала студии за зајакнување на вирусот.

Барањето за втора фаза од истрагата дојде по притисокот од западните држави откако заедничкиот тим на СЗО и Кина го објавија извештајот во февруари, по посетата на Кина која траеше повеќе од десет дена, во потрага по потеклото на вирусот.

Пекинг истакнува дека ваквите напори ја политизираат научната работа.

„Тие таканаречени научници се политичари. Вистинските научници со неутрална позиција се соочуваат со напади од екстремните сили на одредени земји“, рече Ванг Венбин, портпарол на кинеското Министерство за надворешни работи, на почетокот на месецот.

Тим на меѓународни експерти од СЗО и Кина на прес-конференција во февруари соопштија дека нема доволно докази дека коронавирусот се проширил во Вухан пред декември 2019 година.

Д-р Питер Бен Ембарек, од тимот на СЗО, истакна дека доказите укажуваат на природен извор на вирусот, т.е. популацијата на лилјаци.

„Но, бидејќи околу Вухан не е [лоцирано] хабитат на лилјаци, таков директен „скок“ на вирусот во Вухан не е веројатен“, рече тој. „Како вирусот влегол на пазарот, допрва ќе се открива. Домаќинот допрва ќе се идентификува.“

Кина рече дека СЗО треба „правилно да ги третира активностите за пронаоѓање на потеклото на Ковид-19 како научно прашање, и да се ослободи од мешањето на политиката“.

Таа ја повика СЗО „активно и претпазливо да ја прошири работата за пронаоѓање на потеклото на вирусот континуирано во повеќе земји и региони низ целиот свет“.

„Она што е спроведено во првата фаза од потрагата по потеклото, особено за она за што е донесен јасен заклучок, не треба да се повторува“, додаде Зенг.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın