свет, Коронавирус

Канада: Трудо бара дополнително разгледување на планираниот здравствен данок за невакцинирани

„Сите возрасни жители на Квебек кои одбиваат да ја примат првата доза во наредните недели, ќе добијат сметка.“

Barry Ellsworth   | 13.01.2022
Канада: Трудо бара дополнително разгледување на планираниот здравствен данок за невакцинирани

ТРЕНТОН (АА) - Канадскиот премиер Џастин Трудо порача дека планот за наплаќање данок на невакцинираните жители на провинцијата Квебек треба дополнително да се разгледа, истакнувајќи дека силните мерки покажале резултати, јавува Агенција Анадолија (АА).

Трудо истакна дека планот треба подобро да се проучи бидејќи данокот мора да биде легален според Законот за здравство на Канада и да ги исполнува „правата што сите ги негуваме како Канаѓани“.

„Деталите се важни. Треба да знаеме точно какви мерки се предлагаат“, изјави за новинарите на прес-конференцијата во Отава. „Треба да ги знаеме условите за да можеме да знаеме дали ќе биде ефективно.“

Квебек е среде Ковид-бура, со илјадници случаи на Омикрон на дневно ниво и опасност дека хоспитализациите ќе го преоптоварат здравствениот систем.

Премиерот на Квебек, Франсоа Лего, во вторникот го најави планираниот данок, изнесувајќи неколку детали и додавајќи дека веројатно ќе изнесува повеќе од 100 канадски долари по поединец. Само 10 проценти од жителите на Квебек се невакцинирани, но тие сочинуваат 50 проценти од 255-те луѓе што се на интензивна нега во провинцијата.

„Оние кои одбиваат да се вакцинираат создаваат товар на медицинскиот персонал и важен финансиски товар за поголемиот дел од жителите на Квебек“, рече Лего. „Сите возрасни жители на Квебек кои одбиваат да ја примат првата доза во наредните недели, ќе добијат сметка.“

Тој рече дека оние кои имаат медицинска причина ќе бидат ослободени од претстојниот данок.

Премиерот Трудо рече дека Федералната влада открила дека силните мерки функционираат за луѓето кои се противат да се вакцинираат.

„Како што кажавме, силните мерки, без разлика дали се работи за вакцинални пасоши, дали се барања за патување, или пак барање јавните службеници да бидат целосно вакцинирани, ние презедовме многу силни мерки во минатото и тие функционираа за Канаѓаните да бидат безбедни“, рече тој.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.