свет, Коронавирус

Индија со над 314.000 заразени со Ковид-19 е држава со рекорден дневен број на заразени во светот

Со нови 314.835 случаи на заразување регистрирани во последните 24 часа, Индија зад себе ги остави Соединетите Американски Држави, кои најголем број на новозаразени на дневна основа имаа на 8 јануари

Nuri Aydın   | 22.04.2021
Индија со над 314.000 заразени со Ковид-19 е држава со рекорден дневен број на заразени во светот

АНКАРА (АА) - Повеќе од 314.000 новозаразени се откриени во последните 24 часа во Индија, една од земјите најпогодени од новиот тип коронавирус (Ковид-19), што претставува најголема бројка на случаи на дневно ниво некогаш забележана во светот во време на епидемијата на Ковид-19, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Министерството за здравство на Индија информира дека во последните 24 часа починале 2.104 лица од последици предизвикани од Ковид-19, со што бројката на починати се искачи на 184.657.

Со нови 314.835 случаи на заразување регистрирани во последните 24 часа, Индија зад себе ги остави Соединетите Американски Држави, кои најголем број на новозаразени на дневна основа имаа на 8 јануари. Вкупниот број на лица позитивни на коронавирусот во Индија изнесува 15.924.806.

Махараштра со 67.468 случаи, Утар Прадеш со 33.106 и Делхи со 24.638 се региони и индиски држави кои забележуваат најголемо зголемување на новозаразени на дневно ниво.

Во земјата во која бројот на луѓе кои оздравеле од коронавирусот достигна бројка од 13.454.880, во моментов бројката на активни случаи изнесува 2.291.413 лица.

Експертите предупредуваат дека здравствениот систем е „во фаза на колапс“, посочувајќи дека стапките на зафатеност во болниците бележат највисоки нивоа по зголемувањето на случаите на новозаразени низ целата земја.

Наведувајќи дека во болниците во главниот град Њу Делхи се појави недостиг на боци со кислород, кревети и некои важни лекови потребни во третманот Ковид-19, здравствените власти ја повикаа Централната влада во државата за да обезбедат итна помош и да ги санираат недостатоците.

- Земјата со регистриран најголем број на новозаразени во светот на дневна основа -

Во Индија, каде што првиот случај на Ковид-19 е детектиран на 30 јануари 2020 година, со текот на времето се зголемуваше и бројот на новозаразени на дневна основа, кој се зголеми на 97.859 на 16 септември 2020 година, тргна по надолна линија по овој датум. Дневниот број на новозаразени опаѓаше во следните 4,5 месеци, и на 1 февруари 2021 бројката на лица позитивни на Ковид-19 на дневна основа изнесуваше 8.587.

По првиот бран, кривата на новозаразени започна да се движи по стрмна нагорна линија по февруари, создавајќи нов, многу поголем бран на заразување од првиот.

Индија е земја со најголем број на случаи регистрирани во светот на дневно ниво од 2 април досега.

- Бројот на дадени вакцини надмина 132 милиони -

Индија е земја со население од околу 1,4 милијарди жители, во која се спроведува голема кампања за вакцинација против вирусот низ целата земја.

Министерството за здравство на Индија објави дека бројот на дадени вакцини во земјата достигнал 132.330.644 дози.

Според веб-страницата „Ourworldindata.org“, која ги собира податоците поврзани со вакцинацијата против Ковид-19, Индија е „трета земја во светот во која се вакцинирани најголем број луѓе“, по САД и Кина.

- Се шират нови варијанти на вирусот со високи инфективни својства -

Во Индија, која е една од првите земји што се соочија со новиот бран на епидемија, се претпоставува дека причина за неодамнешното зголемување на новозаразени на дневна основа претставуваат новите мутации на Ковид-19 со зголемени инфективни својства.

Поточно, на трите мутирани вида што се појавија во Јужна Африка, Велика Британија и Бразил, експертите гледаат со голема загриженост. Овие мутации на вирусот се откриени кај 7 % од 11.000 примероци на вируси во Индија чија генетска низа е извлечена од 30 декември 2020 година досега.

Властите во Пенџаб на 24 март објавија дека на нивна територија кај 404 од примероците и секвенционираните гени собрани во периодот од 1 јануари до 10 март, кај 81 % се среќава варијантата на Ковид-19 со високи инфективни својства, која првпат се појави во Велика Британија.

Министерот за здравство, Харш Вардхан, на 8 април призна дека недостигот на мерки за намалување на масовната мобилност и социјалната интеракција придонеле за зголемување на случаите на новозаразени.

Вардан посочи на прославите на верски фестивали и одржувањето на изборни митинзи како главна причина за зголемувањето на новозаразени во 11 индиски држави, истакнувајќи дека луѓето ги занемаруваат правилата за држење дистанца за време на колективните настани.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın