свет, Коронавирус

Во некои од земјите на Европа во подем бројката на заразени и смртни случаи од Ковид-19

Во земјите како Велика Британија, Франција, Германија, Шпанија и Португалија, бројот на новозаразени и смртни случаи повторно почна да се зголемува во последните неколку дена

Ekipa   | 21.01.2021
Во некои од земјите на Европа во подем бројката на заразени и смртни случаи од Ковид-19

АНКАРА

Бројките на новозаразени и смртни случаи предизвикани од новиот тип коронавирус (Ковид-19), кои започнаа да се намалуваат по преземените превентивни мерки против епидемијата што ја зафати и Европа, од неодамна започнаа повторно да се зголемуваат во некои европски земји, пишува Агенција Анадолија (АА).

Во земјите во кои многу бргу почна да се шири Ковид-19, како што се Велика Британија, Франција, Германија, Шпанија и Португалија, бројот на новозаразени и смртни случаи, по трендот на намалување кон крајот на 2020 година, повторно почна да се зголемува во последните неколку дена.

Во последниот месец во Британија е забележан постојан подем на бројката на смртни случаи поврзани со новиот тип на коронавирусот (Ковид-19), при што во оваа земја на секои 30 секунди во болниците е примен пациент позитивен на коронавирусот.

Во Британија на 19 јануари регистрирани се 1.610 смртни случаи предизвикани од последици на заразувањето со Ковид-19, додека на 20 јануари таа бројка се зголеми на 1.820 починати, што претставува највисока бројка на смртни случаи во земјата од почетокот на епидемијата досега. Вкупниот број на починати во Британија се искачи на 93.290; особено голема смртност е регистрирана во последниов месец.

Бројката на смртни случаи на дневно ниво како последица на коронавирусот, која се намали на 215 починати на 21 декември 2020 година во земјата, од тој датум наваму постојано се зголемува. Велика Британија се наоѓа на прво место во Европа по смртноста предизвикана од Ковид-19.

Од друга страна, иако бројката на новозаразени на дневно ниво на 19 декември се намали на 27.000, а веќе на 8 јануари се зголеми до 68.000, сепак, како резултат на воведениот карантин од почетокот на месецот, во последната недела се забележува опаѓање на бројот на новозаразени.

Британските власти соопштуваат дека зголемувањето на бројката на новозаразени и починати е поради појавата на една нова варијанта на коронавирусот која се шири за 70 проценти побрзо.

- Франција бележи раст од крајот на 2020 година 

Додека Франција во вториот бран на епидемијата го достигна својот врв во ноември 2020 година, бројот на новозаразени на дневно ниво на почетокот од декември 2020 година се зголеми најмногу до 12.000 случаи. Но откако на 25 декември и во Франција за првпат е регистрирана новата варијанта на коронавирусот којашто се шири побрзо, забележано е зголемување на бројката на новозаразени на дневна основа.

Претседателот на Научниот комитет, Жан-Франсоа Делфреси, на 13 јануари изјави дека новата варијанта на коронавирусот која брзо се пренесува, ќе се рашири и во Франција, и доколку не бидат преземени превентивни мерки, во почетокот на април бројката на новозаразени брзо ќе се зголеми.

Според податоците на Јавната здравствена институција, бројот на заразени на дневна основа во периодот 4 - 10 јануари е зголемен за 30 проценти во споредба со претходниот месец.

Францускиот премиер Жан Кастекс на 14 јануари соопшти дека епидемијата активно продолжува да се шири низ земјата и дека просечната бројка на новозаразени случаи на Ковид-19 изнесува 16.000.

Со зголемувањето на бројот на случаи на вирусот, Владата ги заостри своите мерки.

Во Франција, дневниот број на смртни случаи предизвикани од Ковид-19 во последните неколку недели се движи од 300 до 400.

- Смртните случаи во Германија се на високо ниво 

Како резултат на мерките што се на сила повеќе од два месеци во Германија, забележано е мало намалување на бројот на новозаразени во последната недела, но бројката на смртни случаи предизвикана од заразувањето со Ковид-19 продолжува да е висока.

Додека бројката на нови случаи на заразување забрзано расте од почетокот на вториот бран на епидемијата, кој започна во средината на октомври 2020 година во Германија, за првпат на 6 ноември 2020 година се регистрирани 21.506 случаи на заразување на дневна основа.

Германската Влада започна да ги заострува мерките во ноември 2020 година, бидејќи дневната бројка на новозаразени не се намалуваше и покрај преземените мерки во овој период. Во средината на декември 2020 година беа преземени поостри мерки, меѓу кои е и затворањето на училиштата.

Строгите мерки не стапија на сила веднаш, а на 18 декември 2020 година регистрирани се 33.077 случаи на новозаразени на дневна основа. Тоа е највисока бројка на новозаразени со коронавирусот од почетокот на епидемијата досега.

Спроведувањето на помал број тестирања за време на божиќните и новогодишните празници и задоцнетото доставување на податоците од страна на здравствените оддели до Институтот „Роберт Кох“ предизвика бројката на новозаразени, која почна да се намалува, повторно да почне да се зголемува во втората недела од јануари, достигнувајќи 30.000 случаи. Во последната недела бројката на новозаразени во Германија варира од 7.000 до 20.000.

Иако експертите тврдат дека преземените мерки почнуваат да го даваат својот резултат, премиерката Ангела Меркел на состанокот со премиерите на германските покраини одржан на 19 јануари, ја продолжи важноста на острите мерки до 14 февруари, со цел овој пад да биде траен и да се спречи евентуалното ширење на новата варијанта на коронавирусот во земјата.

Во земјата во која бројката на смртни случаи продолжува да следи високо ниво, во последната недела во просек починаа 1.027 луѓе од последици на Ковид-19.

Бројката на починати, која на 1 декември 2020 година изнесуваше 16.637, за еден и пол месец тројно се зголеми и на 20 јануари се искачи на 48.770.

- По божиќните празници Португалија се најде меѓу „ризичните земји“ 

Португалија, која беше прикажана како „земја модел“ поради мерките преземени во првиот бран на епидемијата и нискиот број на случаи и починати, стана една од „најризичните земји“ во Европа по олабавените мерки за време на божиќниот период.

Во земјата со популација од околу 10 милиони жители, во последните две недели се забележува последователно зголемување на бројката на новозаразени и смртни случаи на дневна основа.

Додека дневните жртви надминаа 200 за првпат од почетокот на епидемијата, бројката на новозаразени го следи нивото на 10.000.

Според податоците на Министерството за здравство на Португалија, вкупниот број општини (провинции и области) со најголем ризик за пренесување на епидемијата, кој на 11 јануари изнесуваше 55, во моментов се зголеми на 155.

Додека мерките воведени во рамките на вонредната состојба во Португалија кои стапија на сила на 9 ноември 2020 година се прошируваат секоја недела, во земјата започнаа дискусии за премин кон образование од далечина во училиштата.

- Шпанија започна да плаќа висока цена за релаксирањето на мерките 

Шпанија започна да плаќа висока цена поради олабавувањето на превентивните мерки против Ковид-19 за време на божиќните и новогодишните празници. Во последните две недели е забележено рекордно зголемување на бројот на новозаразени и починати во оваа земја.

Бројката на починати на дневна основа во Шпанија надминува 400, а бројката на новозаразени со Ковид-19 се движи од 30.000 до 35.000 случаи.

Додека на 10 декември 2020 година во Шпанија, во просек 188 лица се позитивни на Ковид-19 на секои 100.000 жители, на 19 јануари овој просек се зголеми на 714.

Некои шпански автономни региони, од 25 октомври воведоа дополнителни превентивни мерки за да се спречи ново зголемување на случаи во рамките на вонредната состојба што е на сила во Шпанија.

Министерот за здравство, Салвадор Илја, истакнувајќи дека состојбата во земјата е многу загрижувачка, потенцира: „Има многу сериозно зголемување на бројот на новозаразени. Се зголемува пополнетоста на болниците.“

- Белгија 

По почетокот на вториот бран во Белгија, во октомври 2020 година во земјата се воведени строги мерки, при што е регистрирано намалување на бројката на новозаразени, која на дневна основа во последните недели изнесува околу 2.000.

- Чешка 

Во Чешка, каде што бројката на новозаразени на дневна основа во декември 2020 година се намали на 3.500 во просек, од почетокот на јануари повторно се забележува зголемување на новозаразени, а во последнава недела во просек се регистрирани 7.800 новозаразени со коронавирусот на дневна основа. Во овој период, во Чешка во подем е и бројката на смртни случаи предизвикани од Ковид-19.




На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın