свет, Коронавирус

Во Индија регистрирана нова рекордна бројка од 3.980 починати од Ковид-19 на дневна основа

По регистрираните 402.351 случај на заразување детектирани во еден ден на 30 април, регистрираната бројка на новозаразени уште еднаш го надмина прагот од 400.000, забележувајќи нов врв

Emre Aytekin   | 06.05.2021
Во Индија регистрирана нова рекордна бројка од 3.980 починати од Ковид-19 на дневна основа

АНКАРА - Во Индија, која е една од најпогодените земји во светот од епидемијата на новиот вид коронавирус (Ковид-19), повторно е забележана рекордна бројка на починати на дневна основа од почетокот на епидемијата досега, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Во последните 24 часа во Индија се регистрирани 3.980 смртни случаи предизвикани од коронавирусот, додека во истиот период регистрирани се 412.262 новозаразени.

По регистрираните 402.351 случај на заразување детектирани во еден ден на 30 април, регистрираната бројка на новозаразени уште еднаш го надмина прагот од 400.000, забележувајќи нов врв.

Бројката на смртни случаи продолжува да се зголемува, забележувајќи нови рекорди секој нареден ден.

Додека вчера беше регистрирана највисока смртност од 3.780 починати во едно деноноќие, денеска е регистриран нов врв на смртни случаи од 3.980.

Експертите предупредуваат дека вистинските бројки на новозаразени и починати можат да бидат многу поголеми од наведените.

Индија е земја со најголем број регистрирани случаи на заразување и смртни случаи на дневна основа во светот. Вкупната бројка на лица позитивни на Ковид-19 во оваа земја изнесува 21.077.410, додека вкупниот број на смртни случаи предизвикани од Ковид-19 се искачи на 230.168.

Во моментов во болниците низ Индија се лекуваат 3.566.398 пациенти.

- Недостиг на кислород -

Според вестите објавени во индиските медиуми, проблемите во здравствениот систем се јавуваат како резултат на зголемувањето на случаите на Ковид-19, како и поради недостигот на медицински кислород и вакцини.

Според веста што ја објави весникот „Тајмс оф Индија“ (Times of India), во градот Ченгалпет на југот од Индија, 11 пациенти починаа поради дефект во цевководот што со кислород ги снабдуваше пациентите заразени со Ковид-19 поврзани на респиратор.

Во веста се наведува дека потребите од медицински кислород се двојно зголемени во последната недела.

Додека потребата од медицински кислород е зголемена за седумпати во последниот месец поради зголемената бројка на новозаразени во земјата од почетокот на април, Владата има потешкотии во воспоставувањето нови капацитети за производство на кислород и доставувањето резервоари и цилиндри со течен кислород до медицинските центри во кои се неопходни.

Повеќето болници во земјата немаат капацитет самите да произведуваат кислород.

На оваа тема изјава даде Харш Вардан, министерот за здравство на Индија, кој истакна дека Индија има доволно кислород, но дека повеќето од производствените капацитети се наоѓаат во источниот дел од земјата, што предизвикува проблеми во транспортот до западните и северните региони, каде што се концентрирани новите случаи на заразување со Ковид-19.

За итно снабдување со медицински кислород, создаден е мост за снабдување помеѓу Индија и заливските земји Бахреин и Кувајт.

- Кампања за вакцинација -

Министерството за здравство на Индија објави дека во оваа земја, со популација од 1,4 милијарди лица, почнувајќи од 16 јануари досега, се дадени 162.513.339 дози вакцини.

Адар Пунавала, извршниот директор на Институтот за серум во Индија, најголемиот светски производител на вакцини, во интервју за „Фајненшл тајмс“ (Financial Times), дадено претходниот ден, предупреди дека има недостиг на вакцини и дека тоа ќе потрае неколку месеци.

Институтот, кој со компанијата „АстраЗенека“ има обврзувачки договор за производство на вакцината и за потребите на програмата на Светската здравствена организација (СЗО) со цел сите да имаат пристап до вакцините против Ковид-19, поради итната побарувачка од вакцини во Индија, можеби нема да биде во можност да одговори на барањата од странство, што негативно би се одразило во дистрибуцијата на овие вакцините низ светот.

САД, Велика Британија, Германија и други земји го интензивираа извозот на лекови, комплети за тестирање и медицински помагала за кислород во Индија, како и на супстанциите што се користат во производството на вакцини.

Дабиел Б. Смит, вршител на должност на амбасадор на САД во Њу Делхи изјави дека компонентите за вакцините доставени во земјата ќе помогнат во производството на 20 милиони вакцини на „АстраЗенека“.

Пунвала, главен извршен директор (CEO) на Институтот за серум во Индија, упати повик до американскиот претседател Џо Бајден да го укине ембаргото за одредени суровини потребни за производство на вакцините.

САД се откажаа од правата на интелектуална сопственост на вакцините против Ковид-19 во знак на поддршка на производството на вакцини. Се проценува дека ваквиот чекор ќе го стимулира производството на вакцини во Индија.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.