свет, Коронавирус

Велика Британија: Со нови 593 смртни случаи, бројот на починати од Ковид-19 се искачи на 2.352

Националната здравствена служба, еден од најголемите конвенциски центри, „Ексцел центар“, го претвори во болница за итни случаи заразени од Ковид-19, со вкупно 4.000 кревети

Ahmet Gürhan Kartal   | 01.04.2020
Велика Британија: Со нови 593 смртни случаи, бројот на починати од Ковид-19 се искачи на 2.352

ЛОНДОН (АА) - Билансот на починати од коронавирусот во Велика Британија надмина 2.300, што претставува рекорден раст со 563 смртни случаи потврдени денеска, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Британското Министерство за здравство и социјална заштита (DHSC) соопшти дека до 21:00 часот синоќа (31 март), од Ковид-19 починале вкупно 2.352 лица.

Од Министерството исто така соопштија дека до 9:00 часот утрово тестирани се вкупно 152.979 лица, од кои 29.474 се позитивни на вирусот.

Велика Британија стана една од најтешко погодените земји во Европа по Италија, Шпанија и Франција, во однос на бројот на починати од Ковид-19.

Тринаесетгодишен ученик од муслиманска вероисповед од Брикстон, јужен Лондон, кој почина вчера, е најмладата жртва од коронавирусот во земјата.

Британскиот премиер Борис Џонсон и министерот за здравство, Мет Ханкок, се во самоизолација откако беа позитивни на тестот за вирусот.

Принцот Чарлс, наследникот на британскиот престол, исто така, беше позитивен на тестот и се наоѓа во самоизолација, откако разви благи симптоми.

Главниот град Лондон и Мидлендс се меѓу најпогодените подрачја во земјата, а се смета дека една третина од сите смртни случаи се во Лондон.

Националната здравствена служба, еден од најголемите конвенциски центри, „Ексцел центар“, го претвори во болница за итни случаи заразени од Ковид-19, со вкупно 4.000 кревети. 

Бројот на починати драматично се зголеми откако беа потврдени речиси 1.800 смртни случаи само во последните седум дена.

Откако за првпат се појави во кинескиот град Вухан минатиот декември, Ковид-19, болеста предизвикана од коронавирусот, се рашири во најмалку 180 земји и региони низ целиот свет, а епицентарот се префрли во Европа.

„Од вирусот во светот досега починаа над 44.200 луѓе, а заразени се над 885.000, додека над 188.000 луѓе се излекувани“, покажуваат податоците на американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.