Турција, живот

Туристичките бисери на Анадолија: Кападокија, Кајсери и Ерџијес привлекуваат сѐ повеќе странски туристи

- Овие три места во централна Турција претставуваат единствена туристичка понуда која оваа зима, и покрај коронавирусот, привлекува сѐ поголем број странски туристи

Aleksandar Niciforovic   | 28.02.2021
Туристичките бисери на Анадолија: Кападокија, Кајсери и Ерџијес привлекуваат сѐ повеќе странски туристи

КАПАДОКИЈА / КАЈСЕРИ / ЕРЏИЈЕС

– Александар НИЧИФОРОВИЌ


Кога ќе се спомене патување во Турција, многумина помислуваат на летување во Анталија, Кемер, Мармарис или Бодрум. Во последните неколку години Владата на Република Турција вложува милиони евра во развојот на зимскиот туризам, и напорите и капацитетите ги насочува во тоа, на странските туристи да им ги приближи и останатите дестинации и волшебноста што ја поседува Турција. Оваа зима единствената туристичка понуда ја сочинуваат и модерните ски-центри, вулканската планина Ерџијес, највисоката планина во централна Анадолија.

Иако е едно од најновите, Ерџијес денес е едно од најдобрите и најмодерните скијалишта во Турција. Ски-центарот сместен е на надморска висина од 2.200 до 3.400 метри, а самиот вулкан, односно планината е висока 3.916 метри. Оние што успеаја да се искачат на самиот врв тврдат дека во јасен и сончев ден, погледот оттаму досегнува до Црното Море на север и Медитеранот на западот од Турција. Ерџијес е единствена планина и по географската положба. За разлика од славните скијалишта во Швајцарија, Австрија или Италија, Ерџијес е оддалечен само 25 километри од аеродромот во градот Кајсери. Оттаму до планината се стига за околу 20 минути, преку модерен автопат со четири ленти. Кога ќе пристигнете во ски-центарот, започнуваат зимската магија и снежната волшебност. Тој ски-центар е добитник на сертификат за безбедно скијање во време на пандемијата на коронавирусот, па тоа може да биде само причина повеќе, наместо на Алпите, да ја посетите Анадолија, еден од седумте географски региони на Турција.

„Ние сме најмлад ски-центар во Турција. Со работа започнавме во 2012 година и имаме најмодерна и нова опрема што е во служба на доброто скијање. Скијачите се превезуваат со современи жичарници и гондоли. На Ерџијес имаме 34 стази со вкупна должина од над 100 километри. Стазите се сини, црвени и црни, за аматери и професионални скијачи. Стазите се поврзани со 18 жичарници и две гондоли кои во еден час можат да опслужат и до 26.000 скијачи. Сезоната кај нас почнува во декември и трае до крајот на април. Во случај на мали врнежи од снег, имаме 154 системи за вештачки снег на патеките. Сето ова верувам дека ќе им се допадне и на туристите од балканските земји. Се радуваме на нивното пристигнување на нашата планина“, зборуваше за Агенција Анадолија Мурат Џахид Џинги, директорот на ски-центарот Ерџијес.

Ваков современ ски-центар неспоредливо е поповолен во споредба со цените на ски-центрите во балканските земји. Цените на дневните ски-карти на Ерџијес се движат од 12 до 15 евра. Цената на храната и пијалаците е пристапна за секој турист, безалкохолните пијалаци чинат само едно евро, а две лица можат да ручаат за помалку од 10 евра. Вода, чај и кафе се околу половина евро. Хотелските капацитети продолжуваат да се прошируваат, а полн пансион во некој луксузен хотел на самата планина ќе ве чини околу 90 евра дневно. Од таа причина, бројните туристи отседнуваат во некој од хотелите во Кајсери, што се наоѓа недалеку од ски-центарот, каде што цените за сместување се за половина поевтини.


- Кајсери, во подножјето на згаснатиот вулкан Ерџијес

Кајсери е оддалечен од Истанбул еден час лет со авион. Поради добрата конекција со интернационалниот аеродром и авиолиниите, и поради близината на Ерџијес, Кајсери е сѐ поактрактивен за туристите од целиот свет. Станува збор за еден од поголемите градови во Турција, со популација од 1,6 милиони жители, што важи за индустриски и трговски центар со најголема индустриска зона во цела Турција.

Кајсери е интересен и поради архитектирата на Селџуците од XII и XIII век, градби изградени од црниот камен со вулканско потекло. Токму во тој период Кајсери го доживува својот најголем процут, кога таму владееле турските Селџуци. Богатата историја добро е сочувана во неколкуте големи музеи кои се често посетувани од бројните туристи. Кајсери важи за град на успешни бизнисмени, а во тој град се произведува дури 80 проценти од турскиот мебел.

„Моја препорака е секако да се посети овој град. Сега сме во убав период за патување во Турција. Кога ја посетувате Анадолија, зимските пејзажи се подеднакво убави како и летните. Прекрасно им е и на оние што не скијаат, бидејќи имаат прекрасна глетка на околината прекриена со снег. Кајсери е познат по интересната средновековна архитектура на Селџуците. Освен по архитектурата, Кајсери е познат и како еден од големите центри за трговија, место со најголем базар во Турција по истанбулската Капали чаршија. Тука може добро да се шопингува и да се ценкате за производот. Храната во овој крај е нешто што мора да се проба. Турски равиоли - мантии, лут суџук - кобасици и пастрма - говедска печеница, се нешто највкусно што секому му го препорачувам“, рече Ивана Дукчевиќ, патописец од Србија.


- Кападокија, место на единствена природа и историја

Туристите што скијаат на Ерџијес, откако ќе се запознаат со волшебноста на Кајсери, со сигурност ја посетуваат и Кападокија, која е оддалечена само еден час. Зборуваме за „осмото чудо“ на светот и една од најубавите дестинации на планетата. Нејзините пејзажи се на листата на светско наследство на УНЕСКО. Специфичните релјефи на Кападокија ги формирала лавата од вулканот Ерџијес и Хасан, пред неколку милиони години. Кападокија главно се посетува поради три причини, да се лета со балон, да се видат „вилинските оџаци“ и да се преспие во некој од хотелите издлабени во карпите.

„Северниот дел на Кападокија им е најпознат на туристите. Станува збор за три места, Ѓореме, Учхисар и Ургуп. Туристите главно доаѓаат кај кулата во Учхисар и тоа во предвечерието, од каде го гледаат најубавото заоѓање на Сонцето. Формациите на ‘вилинските оџаци’ настанале пред повеќе милиони години, кога еруптирале вулканите Ерџијес и Хасан на југот од Кападокија. Под влијание на дождот и ветрот, лавата се ладела на некој многу интересен начин, па така настанале овие формации кои му го одземаат здивот на секој турист што ќе дојде во Кападокија. Подземните градови се нешто што треба да се доживее и посети. Тоа се тунели и простории во кои древните народи се криеле од непријателите. Волшебно е сѐ она што останало по нивниот живот во градовите под земјата. Вулканскиот туф од кој се составени овие карпи е многу мек и порозен и од таа причина луѓето копале пештери во карпите. На луѓето им било дозволено да живеат во тие пештери до 1950/1960-тите години од минатиот век, а тогаш ги иселиле и оттогаш овој простор е огромна туристичка атракција, при што голем број пештери се претворени во хотели“, рече Дукчевиќ.

За оние што уживаат во адреналиската возбуда, задолжително е летањето со балони, кои во раната зора се вивнуваат на висина и до 1.000 метри, од каде се набљудува и најубавото изгрејсонце. Летот трае нешто повеќе од 1 час, а покрај изгрејсонцето, ви се пружа неверојатна глетка во далечина, на кањонот, но и на висина на која покрај вашиот, летаат уште десетици шарени балони.

Кападокија годишно ја посетуваат околу 2,5 милиони туристи. Поради и понатаму актуелната пандемија на коронавирусот, во Турција во сила е задолжително носење заштитна маска на отворено, како и во затворени простории. Оваа одлука се однесува на турските државјани, но и на туристите, без исклучок. Туристите во Турција, за разлика од населението, може непречено да се движат и за нив не важи полицискиот час, што во таа земја е воведен како една од мерките во борбата со коронавирусот.







На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın