живот

Со низа активности во Скопје одбележан Светскиот ден на бегалците

Својата бегалска судбина со присутните ја подели Бакр од Сирија кој раскажа како дојде до Македонија.

Admir Fazlagic   | 20.06.2016
Со низа активности во Скопје одбележан Светскиот ден на бегалците

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - По повод одбележување на 20-јуни -Светскиот ден на бегалците Фондацијата Отворено општество – Македонија, Легис, Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ и Младински образовен форум во Паркот на франкофонијата во Скопје приредија низа активности со цел да укажат на овој, како што велат значает ден за сите луѓе во светот кои се сметаат за бегалци, баратели на азил и внатрешно раселени лица, јавува Anadolu Agency (AA).

Настанот го отвори Мерсиха Смаиловиќ од невладината хуманитарна организација Легис од Скопје зборувајќи за важноста на подигнување на свеста кај луѓето за бегалците и нивната тешка состојба.

Смаиловиќ посочи дека светот се соочи со една од најголемите бегалски и хуманитарни кризи, наведувајќи дека сите општествени чинители кои во Република Македонија на секој начин се бореле да им помогнат на бегалците треба да продолжат да помагаат и понатаму, се до тогаш, кога во земјава нема да има ниту еден бегалец.

- Бакр: Од бегалец до волонтер

Својата животна приказна, бегалската судбина, сите предизвици, потекшкотии и искушенија кои ги носи со себе ги подели 16-годишниот Бакр Калфа од сирискиот град Хама.

Говорејќи за својот живот пред војната во Сирија Бакр рече дека одел во училиште, живеел со своето семејство и се се одвивално нормално поради што не гледал причина да ја напушти Сирија, но откако настапила војната и добивала поголеми размери состојбата се сменила и бил приморан да ја напушти земјата.

Тој се присети на моментот кога неговиот татко за време на месец Рамазан во Сирија поради тешката војна во земјата одлучи Бакир и брат му да заминат од Сирија и да се упатат кон Европа.

„Кога татко ми всушност одлучи дека ние треба да заминеме беше Рамазан. Јас и брат ми бевме во џамија, паѓаа бомби, татко ми рече дека одлучил ние да замиеме во Германија кај мојот постар брат", се присети младиот Бакр.

Тој истакна дека од Сирија тргнале кон Турција, после што се упатиле кон Грција со брод, раскажувајќи дека патувањето со брод било толку тешко и опасно до тој степен што нивниот живот бил доведен во прашање. 

„Имаше само еден брод 50 луѓе во него сите мислевме дека ќе загинеме, се слушаше плач и навистина беше многу опасно", објасни Бакр.

Откако стигнале во Грција, до Србија како што вели тој, се било во ред. Луѓето им помагале и немале посебни проблеми се додека не стасале до Словенија.

„Меѓутоа кога стасав во Словенија таму ме спречија ме вратија во Хрватска потоа во Србија. Откако стигнавме во Србија полицијата го уапси мојот брат, после еден ден откако ме задржаа, ми дозволија да се вратам во Македонија а мојот брат го однесоа во Унгарија. После тоа, брат ми, ми рече дека е во Унгарија а потоа во Германија", раскажа Бакр, кажувајќи дека го натерале да потпише документ за кој не добил објаснување што значи, а членовите на екипата на УНХЦР му објасниле дека потпишал документ со кој нема можност да ја помине границата.

„Полицијата речиси целиот пат добро се однесуваше со нас, не знам зошто ме вратија, ми бараа документи и ми рекоа да се вратам назад но јас не можам бидејќи ситуацијата е многу лоша и јас можам да бидам убиен", објасни младиот сириски бегалец Бакр.

Откако стасал во Македонија, овој млад сириски бегалец, два месеци останал во Табановце, и успеал да исконтактира со адвокат кој го посоветувал дека единствената шанса да остане во Македонија е да побара азил бидејќи е малолетник.

„После тоа три месеци бев во безбедна куќа и добив азил, ме однесоа во Визбегово бидејќи рекоа дека тоа е најдоброто нешто за мене", рече Бакр. Откако ги поминал сите потешкотии Бакр се запознал со хуманитарните активисти од Легис кои работат во справувањето со бегалската криза и им се придружил во нивната хумана мисија.

„Сега работам во Легис и им помагам на луѓето бидејќи мислам дека тоа е најдобро за мене", додаде Бакр, говорејќи дека откако има познаници и има обврски кои го исполуваат помалку му недостасува семејството бидејќи со тек на времето создал пријатели со кои ги дели најтешките животни мигови, одалечен илјадници километри од своите најблиски. 

Завршувајќи го раскажувањето на својата животна приказна, Бакр изрази надеж дека ќе дојде ден кога повторно ќе биде заедно со своето семејство. 

По тоа, во рамките на одбележување на Светскиот ден на бегалците се одржа јавната дискусија на тема „Право на азил во РМ: Дали пристапот до право на азил се претвори во нелегална размена и депортација помеѓу државите на Балканската рута? " на која учество зедоа Трпе Стојановски, експерт, Снежана Теодосиевска Јорданоска, Народен Правобранител на РМ, Воислав Стојановски, правен советник, Хелсиншки комитет за човекови права на РМ и Зоран Дранговски, правен советник за азил и миграции. 







На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın