живот

Садик Агалиу, радио-аматер од Албанија: „Аматерското радио е национално богатство“

- Садик Агалиу, кој околу 30 години се занимава со заборавеното аматерско радио во Албанија, истакна дека аматерското радио е национално богатство.

Saimir Alija,Furkan Abdula   | 30.07.2020
Садик Агалиу, радио-аматер од Албанија: „Аматерското радио е национално богатство“ Фото: Олси Шеху / Агенција Анадолија

ТИРАНА

- САИМИР АЛИЈА

Садик Агалиу, кој околу 30 години се занимава со заборавеното аматерско радио во Албанија, истакна дека аматерското радио е национално богатство.

Аматерското радио кое е еден вид на комуникациска услуга во светот, во Албанија се појави во 1950-тите години.

Аматерското радио, што значи употреба на специјален опсег на радиофреквенција, за време на комунизмот во Албанија се одвиваше во изолација без никаква комуникација со надворешниот свет.

Аматерските радија кои со години беа заборавени во земјата, за првпат почнаа да комуницираат со странски аматерски радија во 1990 година.

Албанскиот државјанин Агалиу (68) речиси три децении се обидува да ја одржи својата страст кон аматерското радио.

Во разговор за Агенција Анадолија (АА), Агалиу рече дека неговата страст за ова хоби започнала во раниот период и дека таа никогаш нема да заврши.

Тој раскажа дека пред 1990-тите години аматерското радио се користело за воени цели и дека оваа професија ја научил во војска.


- „Албанија е во срцето на Европа“

Наведувајќи дека во 1991 година по падот на комунистичкиот систем го основал Здружение на радио-аматери на Албанија, Агалиу рече дека тоа здружение придонесува Албанија да биде промовирана на меѓународната сцена.

Агалиу посочи дека на почетокот организирале курс со радио-аматери од САД, Јапонија, Германија, Финска, Италија и Англија.

„Со овој курс ги научивме правилата за да можеме да се вклучиме во меѓународната сцена. Ги поминавме фазите кои не беа познати или беа малку познати во Албанија. Многу луѓе прашуваа каде се наоѓа Албанија. Јас им велев: ’Албанија се наоѓа во срцето на Европа.‘ Правевме една скромна работа“, рече Агалиу.

Како што раскажа Агалиу, на почетокот биле посветени на промовирањето на Албанија.

„Со тоа продолживме сѐ додека не стигнавме до моментот кога веќе никој не прашуваше каде е Албанија. Затоа што веќе сите научија.“

Во разговорот тој рече дека со другите радио-аматери комуницирал преку неговиот личен код „ZA1E“.

„Секоја земја има свој симбол. „ZA“ е симбол на Албанија. „1“ значи Тирана, додека „Е“ е единствен симбол со кој сум познат во светот“, рече Агалиу.


- „Аматерското радио е национално богатство“

Благодарение на аматерското радио, Агалиу се запознал со многу аматерски радија на Балканот, Турција, Европа и светот со користење на Морзеовата азбука, и на тој начин имал можност да гради пријателство.

„Сакам да контактирам со моите турски пријатели кои ги запознав преку радиокомуникацијата. Преку радио разговарам со Бари Качани, кој живее во Турција, а по потекло е од Албанија. Неговиот симбол е „TA2BK“. Бари во Турција ја обезбедува врската меѓу Албанците и работи во Канцеларијата за туризам и информации. Исто така контактирав и со Спортскиот клуб Фенербахче на 100-годишнината од неговото основање. Фенербахче има и аматерска радиогрупа со која контактирав преку фреквенции.“

Меѓу другото, Агалиу вели дека денес младите не се заинтересирани за аматерско радио, но открива дека го научил својот син кој го завршил своето образование во областа на електрониката.

Раскажа дека е добитник на медали и сертификати во многу делови на светот на ова поле.

„Аматерското радио-емитување е национално богатство. Затоа што кога има итни ситуации или земјотреси во Италија, Грција и други земји, можам да контактирам со нив. Помошта која доаѓаше во Албанија, беше спроведена од аматерските радија со кои контактирав јас. Преку аматерското радио бесплатно го промовирав туризмот во Албанија. Тоа го направив за мојата земја. Најголемата несреќа во Албанија е тоа што никој не ја знае вредноста на аматерското радио“, истакна Агалиу.

Во текот на разговорот Агалиу комуницираше преку Морзеовата азбука и рече: „Упатив повик да видам кој е сега на фреквенција. Во вечерните часови, на фреквенцијата има поголема гужва.“

На крајот од разговорот, тој нагласи дека обезбедуваат комуникација преку Морзеовата азбука.

„Морзеовата азбука е еден од најубавите јазици за комуникација“, заклучи Агалиу во разговорот за АА.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.