живот

Лабрадорот Бен, верен пријател и животен сопатник на Александар

- Бен ја подава својата шепа на Александар, чекорејќи заедно надминуваат многу пречки, а со тоа целосно го менува неговиот поглед кон светот

Edıta Zekjırovıkj  | 08.10.2022 - Обновена : 11.10.2022
Лабрадорот Бен, верен пријател и животен сопатник на Александар Фото: Едига Зеќировиќ / АА

СКОПЈЕ (АА)

- Едита ЗЕЌИРОВИЌ

Доверба, лојалност и љубов. Луѓето со години трагаат и се обидуваат да ги пронајдат овие особини помеѓу нивните блиски луѓе, но голем дел сметаат дека до овие вредности многу тешко се стигнува или пак се целосно загубени во лавиринтот на модерното време.

Но во светот на животните е поинаку; овие вредности се длабоко врежани во нивниот карактер, што многупати било научно докажано. На еден ваков пример сведочеше тимот на Агенција Анадолија (АА), запознавајќи се со Александар Велески (39) од Скопје, кој боледува од церебрална парализа и неговиот четириножен пријател, лабрадорот Бен (9).

Александар со години залудно ја барал поддршката и довербата помеѓу луѓето. Сметал дека тие се целосно загубени сѐ до моментот кога го запознал Бен, неговото куче придружник, кој за многу брзо време станал негов најдобар пријател, раскажа Зоран Велески, таткото на Александар.


- „Еден без друг не можат“

Нивното пријателство започнува пред девет години. Тогашното двомесечно младенче Бен влегува во животот на Александар подарувајќи му поддршка, надеж и внимание.

Бен ја подава својата шепа на Александар, чекорејќи заедно надминуваат многу пречки, а со тоа целосно го менува неговиот поглед кон светот.

„Во основните работи, како другар му помага, дома ако нешто му затреба да му донесе, дали патиките или нешто друго. Кога шетаат низ град се заедно, ако треба да му донесе сок, му помага во тие работи. Во продавница влегуваат, купуваат, тој [Бен] му ја носи кесата, плаќаат и си заминуваат“, раскажа Велески.

Низ годините, помеѓу Бен и Александар се создала силна поврзаност, која довела до тоа тие да станат неразделни пријатели. Сите активности во текот на денот ги извршуваат заедно, а покрај во домот, Бен го придружува Александар и на неговото работно место, раскажа Велески.

Како сведок на нивното долгогодишно пријателство, Велески вели дека за лојалноста луѓето треба да учат од животните, особено од кучињата. Тој додаде дека особено го радува тоа што Бен станал член на нивното семејство, неизмерно му благодари поради тоа што ја разбудил борбеноста кај неговиот син Александар и го поттикнал повторно да верува во себе.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.