живот

Братот што го изгуби во геноцидот во Сребреница го препозна по облеката

„Братот одлучи да оди преку шума. Во колоната од илјада луѓе беше и мојот брат. Замина заедно со мојот сопруг и сопругот од сестрата. Мојот сопруг преживеа, но тој и сопругот од сестрата не", раскажува Нура

Vesna Besiç, Lejla Bıogradlıja   | 10.07.2019
Братот што го изгуби во геноцидот во Сребреница го препозна по облеката ( Foto: Samir Yordamoviç - Anadolu Agency )

СРЕБРЕНИЦА (АА) - ВЕСНА БЕШИЌ -

Нура Беговиќ е една од жените од Сребреница кои во јули 1995 година останале без своите татковци, браќа, сопрузи...

На колективниот погреб (џеназе) на 11 јули оваа година во Меморијалниот центар Сребреница - Поточари ќе бидат погребани посмртните остатоци на единствениот брат на Нура, Адил Суљиќ. Во моментот на смртта имал само 43 години. Зад него остана сопруга и две деца.

И Нура е како и повеќето други жени, кои со падот на Сребреница се наоѓале во овој град, во конвојот преминала до слободната територија. По војната се вратила дома, во близина на Меморијалниот центар во Поточари.

Додека раскажува за братот Адил во рака држи негов рачен часовник, застанал во времето на неговата смрт - 18.35 часот. Тука се и клучевите од куќата кои Адил ги имал со себе во моментот на смртта. Пронајдени се заедно со неговите посмртни остатоци. За жал, од неговите кости пронајдена е само една шака.

„Братот одлучи да оди преку шума. Во колоната од илјада луѓе беше и мојот брат. Замина заедно со мојот сопруг и сопругот од сестрата. Мојот сопруг преживеа, но тој и сопругот од сестрата не", раскажува Нура во разговор за Anadolu Agency (AA), додека ја покажува фотографијата на братот и неговите лични работи пронајдени со неговите посмртни остатоци.

Се присети и на доаѓањето во Тузла и информациите кои тогаш ги добивале за мажите кои тргнале преку шуми до слободна територија.

„На почетокот чекавме да дојдат, да стасаат до Тузла. Меѓутоа, како што доаѓаа информациите губевме надеж дека некој ќе остане жив. Мојот брат не стаса далеку, до местото Кравица. По 23 години, во ноември минатата година, добив повик од Институтот за исчезнати лица од канцеларијата во Република Српска дека се пронајдени посмртните остатоци од мојот брат", рече Нура.

Отишла и го потврдила неговиот идентитет.

„Понајдени се само малку коски, на површина на земјата. Неговите посмртни остатоци се собрани на Коштан Брдо, над Кравица. Од 2005 па до минатата година, неговите посмртни остатоци и дел од облеката биле во таа канцеларија на Институтот. Најдов само шака од целото негово тело. Дел од неговата облека - чевли, тренерка, потоа часовник и клучевите кои го потврдуваат неговиот идентитет", раскажа Нура.

- „Никогаш не престанав да го барам"

И покрај малиот број пронајдени кости се одлучиле за закопување на колективниот погреб оваа година.

„Каква беше неговата смрт, не знаеме. Знаеме само дека е убиен на најбрутален начин. За жал, мојата мајка не дочека да го закопа. Никогаш не престанав да го барам", рече Нура која беше на повеќето места каде се пронајдени поединечни и масовни гробници на убиените лица од Сребреница.

Истакна дека никогаш нема да се откаже од барање на посмртните остатоци и на останатите убиени во Сребреница. Меѓутоа испрати порака на семејствата на жртвите кои веќе се идентификувани, да ги погребаат веќе идентификуваните посмртни остатоци за да не „лежат по идентификациските центри и костурници".

Телата на жртвите што се пронајдени по војната во масовните гробници, секоја година на 11 јули се погребуваат во Меморијалниот центар „Сребреница - Поточари“.

Во Меморијалниот центар „Сребреница - Поточари“ до сега се погребани 6.610 жртви од геноцидот, а се трага за уште околу 1.000, а оваа година во Поточари ќе бидат погребани 33 жртви на геноцидот.

Посмртните остатоци на жртвите од геноцидот пронајдени се на околу 150 локалитети, од кои повеќето од 70 масовни гробници. Најмладата до сега погребана жртва во Поточари е новороденче, девојчето Фатима Мухиќ, а највозрасна е Шаха Измирлиќ, родена во 1901 година.

- Што се случи во Сребреница?

По инвазијата на српските војници под командата на Ратко Младиќ на Сребреница во источниот дел на земјата на 11 јули 1995 година, Бошњаците цивили прибежиште најдоа во холандските трупи на Обединетите нации (ОН), потоа холандските војници Бошњаците цивили ги предадоа на Србите. 

Во геноцидот врз Бошњаците во Сребреница во 1995 година извршен од страна на војската на Република Српска, која доби помош од логистички формации на Србија, брутално масакрираа 8.372 бошњачки мажи во шумите, фабриките и магацините и ги погребаа во масовни гробници.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın