економија

Турција ги зголемува трговијата, услугите и инвестициите со Јужна Кореја

„Во периодот што следи очекуваме поголема активност на полето на услугите и инвестициите со Турција“, вели Чои Хонг-Гхи, амбасадорот на Република Кореја.

Merve Özlem Çakır   | 18.02.2019
Турција ги зголемува трговијата, услугите и инвестициите со Јужна Кореја

Ankara

АНКАРА (АА) - Мерве Озлем Чакир

Чои Хонг-Гхи, амбасадорот на Република Кореја, (официјално име на Јужна Кореја) потсетувајќи дека неговата земја минатиот август потпишала нов договор со Република Турција изјави: „Во периодот што следи очекуваме поголема активност на полето на услугите и инвестициите меѓу двете земји“, јавува Anadolu Agency (AA).

Вметнувајќи ја и Република Кореја како една од земјите кон кои цели во својата надворешна трговија, турското Министерство за трговија го префрли фокусот на билатералните односи меѓу двете земји врз развојот на меѓусебните економски односи.

Во рамките на Договорот за слободна трговија меѓу Република Турција и Република Кореја, двете страни се договорија за постепена либерализација преку „Договор за тргување со стоки“, кој стапи во сила на 1 мај 2013 година.

Со стапувањето во сила на „Договорот за трговски услуги“ и „Договорот за инвестиции“ на 1 август 2018 година, Договорот за слободна трговија се претвори во структура која ќе овозможи поголем развој на трговските и економските односи меѓу двете земји.

Во врска со економските односи, новинарот на АА разговараше со амбасадорот Чои, кој истакна дека од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Турција и Република Кореја во 1957 година, трговијата меѓу двете земји следи растечки тренд. Амбасадорот Чои, правејќи споредба на трговската размена во минатото и сега, истакна дека во 1965 година, обемот на трговската размена меѓу двете земји изнесувал само 16.000 долари, додека минатата година таа достигнала 7,2 милијарди долари, од кои 6 милијарди долари е извоз на Република Кореја во Турција, а Турција во неговата земја извршила извоз од 1,2 милијарди долари.

- „Турција има зголемување на економскиот раст“

Амбасадорот Чои како основна причина за трговскиот дефицит на Турција ја истакнува разликата врз која се базира индустријата меѓу двете земји, а кога се гледа на производите што Турција ги увезува од Република Кореја може да се забележи дека повеќето од половината на вредноста од вкупниот извоз во Турција го заземаат репроматеријалите, како што се резервни делови.

Чои истакнувајќи дека за Турција, која е земја со зголемен економски раст, неизбежно е репроматеријалите да заземаат поголем процент во вкупниот увоз, додаде: „На пример, фабриката „Хјундаи автомобили Турција“ годишно ќе произведува стотици илјади автомобили и 90 отсто од нив ќе ги извезува, првенствено во Европа, што претставува голем придонес за турската економија. Во производството на автомобили, неизбежен момент е увозот на репроматеријали и резервни делови“.

Амбасадорот Чои, велејќи дека власта во Турција постојано ја следи политиката за развој на индустријата, продолжи со зборовите:

„Сметам дека власта во Турција со својата политика за постојан развој на индустријата со тек на време ќе го зголемува извозот во Република Кореја. Доколку ги споредиме минатогодишниот извоз на Турција во Република Кореја во однос на една година претходно, може да се забележи дека постои раст од 58,6 отсто и намалување на трговскиот дефицит. Во периодот што следи, Република Кореја и Турција, заемно зголемувајќи ги вкупниот обем на трговија и инвестициите, ќе се зацврстат меѓусебно, што од друга страна ќе овозможи воспоставување трговска рамнотежа. Во декември 2017 година беше остварена средба на премиерско ниво, на која стана збор дека според економската големина на двете земји и потенцијалот што го поседуваат, постоечката трговска размена е недоволна, при што премиерите се согласиле дека постои потенцијал трговската размена меѓу двете земји да достигне 15 милијарди долари.“

- „Многу поголеми активности на полето на услугите и инвестициите“

Амбасадорот Чои рече дека според истражувањето што минатата година го спроведе Одборот за надворешни економски односи на Турција, турските производи на полето на земјоделието, производи од вода, суровини и некои финални производи имаат висок капацитет да конкурираат во Република Кореја, што ќе го зголеми извозот во Р. Кореја. Од друга страна, според Чои, Р. Кореја поседува силна конкурентност и ќе продолжи на пазарот во Турција да извезува репроматеријали и финални производи на полето на полупроводници, производи од железо и челик и текстил.

Потсетувајќи дека во август минатата година, двете земји потпишале нови договори, Чои продолжи со зборовите: „Очекуваме во периодот што следи да имаме многу поголема активност на полето на услугите и инвестициите. Минатата година Турција ја посетија 160.000 Корејци, додека Кореја ја посетија 30.000 Турци. Предвидуваме дека постојано ќе се зголемува бројот на Корејци коишто ќе дојдат во посета на Турција“.

Чои информираше дека минатата година 26 милиони Корејци патувале во странство, покажувајќи голем интерес за Турција, и го истакна своето уверување дека постојано ќе се зголемува бројот на Корејци што ќе ја посетат Турција.

Истакнувајќи дека по средбите на билатералниот Самит одржан во мај минатата година, очекува во иднина зголемување на соработката на повеќе полиња, како што се транспортот, инфраструктурата, енергетиката, одбранбената индустрија, амбасадорот Чои рече: „И двете земји посакуваат зголемување на меѓусебната трговија. Освен тоа, во Р. Кореја продолжува процедурата за увоз на турските земјоделски производи како што се црешите“.

- „Се зголемува позитивната перцепција за турските производи“

Амбасдорот Чои рече дека во Р. Кореја продолжува да се зголемува продажбата на електронските производи изработени во Турција, додавајќи дека со влезот на турските брендови во Р. Кореја, како што е „Беко“, во земјата постојано се зголемува позитивната перцепција за турските производи.

Според Чои, доколку турската власт и соодветните институции поврзани со надворешната трговија продолжат со своите активности околу промоцијата на турските производи, тогаш во Р. Кореја уште повеќе ќе се зголеми позитивното мислење кон турските производи и додаде:

„Сметаме дека со стапувањето во сила на Договорот за слободна трговија од 2013 година, многу се намалени факторите кои ја спречуваа трговијата меѓу Р. Кореја и Р. Турција. Но во последниов период, поради воведувањето на мерките за заштита од увоз на некои репроматеријали со корејско потекло, корејските фирми кои делуваат во Турција имаат проблеми со купувањето на репроматеријалите потребни за производството на финалните производи и нивен извоз. Основна цел на постоечките и новите корејски фирми што работат во Турција се блиските региони, како што се Европа и Блискиот Исток. Доколку продолжат мерките за заштита од увоз на некои репроматеријали од Кореја што се користат во системот за производство на финални производи, тогаш ќе се зголеми и цената на производите што се извезуваат од Турција, а тоа може да биде причина за намалување на извозот.“

- „Посакуваме корејските и турските компании заедно да растат"

Информирајќи дека од 2018 наваму, директните корејски инвестиции во Турција достигнале 2,9 милијарди долари, а турските инвестиции во Р. Кореја изнесуваат под 100 милиони долари, амбасадорот Чои истакна дека е потребно зголемување на овие бројки.

Чои посочи дека компаниите како што се „Hyundai“ автомобили, LG-електроника и „Posco“, инвестирајќи во Турција, продолжуваат со своите активности, додаде дека овие компании даваат голем придонес на полето на вработувањето и извозот на Турција. Покрај тоа, „Kore Eximbank“ даде значајна финансиска поддршка во изградбата на значајни проекти, како што се тунелот „Евроазија“, мостот „Чанаккале“, болницата во Газиантеп.

На економските врски меѓу двете земји, според Чои, не треба да се гледа само од аспект на трговскиот дефицит, туку од многу поширок аспект, како што се структурната разлика во трговијата, инвестициите и туристичките показатели. „Во таа насока, економските структури на Р. Кореја и Р. Турција се надополнуваат и се зголемува меѓусебниот придонес. Се надеваме дека во тие рамки, корејските и турските фирми заедно ќе растат.“

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın