економија

Русија го прекина снабдувањето со електрична енергија за Финска

„Недостигот на увезената електрична енергија од Русија ќе се компензира со увоз на поголеми количини електрична енергија од Шведска и со производство на повеќе електрична енергија во Финска“

Övünç Kutlu   | 14.05.2022
Русија го прекина снабдувањето со електрична енергија за Финска

АНКАРА (АА) - Интер РАО, најголемата руска компанија за електрична енергија, го прекина снабдувањето со електрична енергија за Финска, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Филијалата на Интер РАО, РАО Нордик Ој, во Финска, вчера соопшти дека е „приморана да го прекине увозот на електрична енергија“ почнувајќи од 14 мај.

„За жал, принудени сме да соопштиме дека за количините што се продадени на берзата на Нордик пул од 6 мај, сè уште не се кредитирани средствата на нашата банкарска сметка“, се наведува во соопштението.

„Оваа ситуација е невообичаена и се случува за прв пат во над 20 години од нашата историја на тргување“, се додава.

Финскиот национален мрежен оператор за пренос на електрична енергија Фингрид Ој, исто така, вчера соопшти дека РАО Нордик Ој ќе го прекине увозот на електрична енергија во Финска во 1:00 часот по локално време денес.

„Според РАО Нордик, понатамошната директна или билатерална продажба на електрична енергија увезена од Русија ќе биде стопирана до понатамошно известување поради проблемите во примањето на плаќањата за електричната енергија што се продава на пазарот“, наведоа од Фингрид.

„Недостигот на увезената електрична енергија од Русија ќе се компензира со увоз на поголеми количини електрична енергија од Шведска и со производство на повеќе електрична енергија во Финска“, рече Реима Паивинен, потпретседател за операции на електроенергетскиот систем Фингрид.

Финска се очекува да стане независна на полето на електричната енергија во 2023 година, бидејќи нејзиното производство на енергија од ветрот се зголемува секоја година, според Фингрид.

Дополнителни 2.000 мегавати нова ветерна енергија се очекува во Финска оваа година, додаваат од Фингрид.

Според компанијата, увезената електрична енергија од Русија покривала приближно 10 % од вкупната потрошувачка на Финска.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın