економија

Производителите на медицински канабис бараат законски измени за да извезуваат цвет од канабис

„Досега во Република Северна Македонија, од тие 23 фирми никој нема извезено ниту грам цвет затоа што немаме закон. Имаме закон да можеме да извезуваме само масло“, рече Ивановски

Admir Fazlagic   | 11.09.2019
Производителите на медицински канабис бараат законски измени за да извезуваат цвет од канабис (Foto: Admir Fazlagic/ AA)

СКОПЈЕ (АА) - Здружението на одгледувачи на медицински канабис во Северна Македонија, МАККАНАБИС, апелира до надлежните државни органи да се донесат законски измени со кои компаниите ќе можат да извезувааат цвет од канабис како краен производ, јавува Anadolu Agency (AA).

Претставниците на МАККАНАБИС во Скопје одржаа прес-конференција по повод измените на Законот за одгледување канабис за медицински цели, со цел да ја информираат јавноста и надлежните институции за нивните забелешки во однос на новиот Предлог-закон за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции поставен на Единствениот национален електронски регистар (ЕНЕР) на прописи на Република Северна Македонија.

Костадин Дуковски, претседател на Здружението, во име на производителите на медицински канабис во земјава, рече дека сакаат да апелираат до Владата и Собранието да се коригираат одредени предложени измени на Законот, како што се банкарската гаранција за која сметаат дека воопшто не е потребна, вработувањето на минимум 15 лица наместо досегашните 4, како и за тоа, 10 отсто од годишната добивка да ја уплаќаат на посебна сметка. Според Дуковски, наведените измени дополнително би го отежнале работењето на фирмите кои одгледуваат канабис за медицински цели, бидејќи се оптоваруваат со дополнителни давачки.

Во однос на нивното барање да се донесат законски измени со кои компаниите би можеле да извезуваат цвет од канабис како краен производ, Дуковски рече дека тие како здружение ценат дека со амандманска измена може да се направи регулација, со цел фирмите да можат да извезуваат цвет од канабис надвор од земјава.

Според него, тоа е еден од најбитните моменти за да се спасат компаниите во земјава. Дуковски додава дека некои од државите не ги бараат сите стандарди и само со фитосанитарен документ можат да го извезуваат цветот, поради што побара поактивно учество на Владата за да се реши ова прашање.

„Ако може да апелираме до Владата, цветот да го поминеме амандмански. Затоа што, тоа е органска материја и секојдневно губи во квалитет. Фирмите се секојдневно во загуба, само со тоа што цветот им стои така, без третирање, а меѓу другото, ЏМП (CMP) стандардите за третирање на канабисот бараат доста и компаниите влегле, не знаејќи во што влегуваат, не знаејќи дека тоа е сериозна инвестиција, дека е потребно воведување стандарди што треба да се применуваат и имплементираат“, рече Дуковски.

Тој додаде дека оваа дејност е во експанзија и во Северна Македонија, но и на глобално ниво.

Славе Ивановски, претседател на Надзорен одбор на Здружението на одгледувачи на медицински канабис, МАККАНАБИС, рече дека поради немањето законска можност да извезуваат цвет од канабис, фирмите кои одгледуваат канабис за медицински цели се соочуват со пренатрупани залихи вкупно околу 10 до 12 тона суви цветови за кои, како што рече, може да се најде извоз во вредност од 30 до 50 милиони евра.

„Досега во Република Северна Македонија, од тие 23 фирми никој нема извезено ниту грам цвет затоа што немаме закон. Немаме закон да можеме да извеземе. Имаме закон да можеме да извезуваме само масло, а за да го извезеш маслото, секоја европска куќа бара европски ЏМП (CMP)... Тоа е таков висок стандард што од овие 23 фирми, мислам дека ќе го добијат максимум 5 фирми, како што сме сега во оваа фаза“, рече Ивановски.

Во однос на вредноста на сувиот цвет на канабисот, Ивановски рече дека доколку медицинскиот канабис е без тешки метали и доколку е третиран со еколошки ѓубрива, во просек достигнува цена помеѓу 3 и 4 илјади евра за килограм сув цвет.

Според Ивановски, моментално во Република Северна Македонија со лиценца за одгледување медицински канабис работат 23 компании.

Во земјава, во 2016 година беа направени законски измени, со што беше овозможено приватни комании да добиваат лиценци за производство на канабис за медицински цели.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.