економија

Владата на Северна Македонија потпиша договор за државна помош со турската компанија „Пурпласт”

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, посакувајќи добредојде на турската компанија во Северна Македонија, рече дека се надева дека заедно ќе придонесат за побрз економски раст и развој на Северна Македонија

Husamedin Gina   | 18.02.2021
Владата на Северна Македонија потпиша договор за државна помош со турската компанија „Пурпласт” ( Фото: Влада на Република Северна Македонија )

СКОПЈЕ

Владата на Северна Македонија и Дирекцијата на технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ) денеска потпишаа договор за државна помош со турската компанија „Пурпласт“ која инвестира во земјава, а според договорот компанијата добива државна помош во износ од 2,5 милиони евра, јавува Агенција Анадолија (АА).

По потпишувањето на договорот се обратија вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Јован Деспотовски и извршниот директор на „Пурпласт“, Мехмед Шишманоглу.

Директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони (ТИРЗ), Јован Деспотовски, истакнувајќи дека ова е втора инвестиција во новата 2021 година, се осврна на техничките податоци на инвестицијата.

Деспотовски на прес-конференцијата информираше за деталите од договорот за државна помош за инвеститорот „Пурпласт – Македонија“.

„Покрај земјиштето по субвенционирана цена, дополнително, самата компанија, според договорот што денеска го потпишавме, добива вкупен износ од државна помош од 2,5 милиони евра, од кои 500.000 евра се готовина, односно исплата на финансиски средства и околу 2 милиони се даночни и царински ослободувања“, рече Деспотовски.

„Наш интерес како држава е компанијата да ги искористи овие средствата и да ги плаќа обврските кон државата во делот на персонален данок и данокот на добивка. Некаде за помалку од 10 години, откако компанијата ќе излезе од шемата на државна помош, државата може да очекува поврат на направената инвестиција“, додаде тој.

Како што наведе Деспотовски, главната деловна област на компанијата е во автомобилската индустрија; компанијата своите производи ги извезува во 36 земји и во 2019 година имала обрт од 30,6 милиони евра.

Истакнувајќи дека денеска е потпишан договор за првата фаза на инвестицијата која тежи над 5 милиони евра, Деспотовски рече дека според деловниот план што компанијата го доставила до дирекцијата, вкупната инвестиција, заклучно со 2026 година, се очекува да достигне над 12 милиони евра.

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, посакувајќи добредојде на турската компанија во Северна Македонија, рече дека се надева дека заедно ќе придонесат за побрз економски раст и развој на Северна Македонија.

Обраќајќи се до извршниот директор на „Пурпласт“, Мехмед Шишманоглу, Битиќи рече: „Верувам дека ја направивте вистинската одлука, ковид-кризата да ја препознаете како можност и во постковид-периодот да влезете со нови инвестиции во нови производствени линии.“

Тој додаде дека дополнителна вредност е тоа што во погонот во Скопје се планираат и услуги за истражување и развој на компанијата.

Како што рече Битиќи, на почетокот се планира вработување на 40 лица, а според развојните планови се предвидуваат вкупно 215 работни места во „Пурпласт Македонија".

Извршниот директор на „Пурпласт“, Мехмед Шишманоглу, посочувајќи дека има лична одговорност да го заврши овој проект, рече дека со подготовка на земјиштето започнале на 1 јули 2020 година и дека за период од 7,5 месеци завршиле со 75 проценти од изградбата на фабриката.

Шишманоглу, истакнувајќи дека генерално во 2020 година пазарот на комерцијални возила е намален за 18,9 проценти, нагласи дека отворањето ќе биде најдоцна до лето, и покрај кризата предизвикана од Ковид-19.

„Со целосна интеграција во постпандемската нова нормала, компаниите како „Пурпласт – Македонија“, кои продолжуваат да напредуваат, ќе закрепнат побрзо и ќе земат поголем удел од пазарот со нова производствена линија и слободен капацитет“, нагласи Мехмед Шишманоглу, кој упати посебна благодарност до Владата на Република Северна Македонија, Турската амбасада во земјава и управата на ТИРЗ.​​​​​​​

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.