економија

Бектеши ги претстави приоритетите на претседавањето на Северна Македонија со ЦЕФТА

Како што појасни министерот, клучниот столб на претседавањето на Северна Македонија со ЦЕФТА е трговијата. „Овој столб има за цел олеснување на слободното движење на стоки, капитал, услуги и луѓе меѓу земјите на ЦЕФТА“, истакна Бектеши.

Admir Fazlagic   | 19.02.2021
Бектеши ги претстави приоритетите на претседавањето на Северна Македонија со ЦЕФТА ( Фото: Влада на Република Северна Македонија )

СКОПЈЕ 

Република Северна Македонија годинава ќе претседава со Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА), а по тој повод, министерот за економија на земјата, Крешник Бектеши и амбасадорот на Европската Унија (ЕУ) во Скопје, Дејвид Гир, ги презентираа приоритетите за 2021 година за ЦЕФТА под претседателство на Северна Македонија, јавува Агенција Анадолија (АА).

Министерот Бектеши рече дека му претставува задоволство да го претстави овогодишното претседавање на РСМ со ЦЕФТА, особено во годината кога е на својот почеток имплементацијата на стратешкиот документ кој значајно ќе влијае на економскиот развој на регионот, односно на регионалната соработка во Западен Балкан, како и на економската соработка со ЕУ.

„Претседавањето доаѓа во момент на започнување со имплементацијата на Акцискиот план на Заедничкиот регионален пазар кој беше усвоен во Софија во ноември 2020 година и во чија реализација учествуваат ЦЕФТА и Регионалниот совет за соработка. Примената на договорот ЦЕФТА и активностите предвидени во Акцискиот план на Заедничкиот регионален пазар 2021 - 2024 ќе бидат основите за претседавањето на Северна Македонија со ЦЕФТА“, рече Бектеши.

Како што појасни министерот, клучниот столб на претседавањето на Северна Македонија со ЦЕФТА е трговијата.

„Овој столб има за цел олеснување на слободното движење на стоки, капитал, услуги и луѓе меѓу земјите на ЦЕФТА, со цел да се овозможи просперитет и благосостојба за сите наши граѓани“, истакна Бектеши.

Приоритетите на претседавањето на РСМ со ЦЕФТА во 2021 година се однесуваат на слободното движење на стоките, слободна трговија со услугите, отстранување на пречките во трговијата со стоките и услугите, дополнителниот протокол 7 за решавање на споровите, како и институционалниот развој на структурите на ЦЕФТА.

„Активност која ја наметна пандемијата, секако е продолжувањето на функционирањето на зелените коридори за полесно транзитирање на стоки низ регионот, како и проширување на овие коридори кон соседните земји на ЕУ“, додаде Бектеши.

Тој порача дека претседавањето со ЦЕФТА на РСМ во 2021 година ја изразува волјата и посветеноста (на Владата на РСМ) за обезбедување непречено реализирање на договорот ЦЕФТА.

Евроамбасадорот Дејвид Гир кажа дека претседавањето со ЦЕФТА на Северна Македонија дава можност за значаен напредок во многу области.

„Економско-инвестицискиот план и ЦЕФТА делат заедничка цел: подобро да ги интегрираат економски земјите од Западен Балкан, помеѓу себе и со ЕУ. Планот исто така става силен акцент на градењето на заеднички регионален пазар како начин за зголемување на конкурентноста на земјите од Западен Балкан“, кажа евроамбасадорот Гир во своето обраќање.

Исто така, амбасадорот Гир додаде дека градењето на заедничкиот пазар за 18 милиони луѓе е пресвртница за Западен Балкан за уште повеќе да се интегрира во заедничкиот пазар на ЕУ уште пред самото интегрирање во Европската Унија.

Тој додаде дека регионалната економска интеграција не е ниту алтернатива, ниту отстапување од интегрирањето на земјите од регионот во ЕУ.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.