Балкан

„Шармот“ на Западна Европа, предизвикува миграции и од Балканот

Добриот животен стандард што го нудат земјите од Западна Европа претставува причина за миграции кон овие земји од страна на квалификуваното население од Балканот

Ekipa  | 20.01.2019
„Шармот“ на Западна Европа, предизвикува миграции и од Балканот

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Покрај од Македонија, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина (БиХ), Србија и Црна Гора, кои напредуваат кон членството во Европската Унија (ЕУ), квалификуваната работна сила кон Западна Европа, која ја гледа попривлечна, заминува и од Романија и од Бугарија, кои се дел од европското семејство од 2007 година, и од Хрватска која стана членка во 2013 година, пишува Anadolu Agency (AA).

Поради фактот дека бројката на новороденчиња е помала од бројката на починати, што претставува значаен показател за намалување на популацијата во една држава, Германија во својата агенда подготвува нов закон за миграции, кој се посочува како еден од важните фактори што ја поттикнува миграцијата од балканските земји со послабо развиени економии.


- Интензивни миграции од Македонија во последните 10 години -

Според податоците од Државниот завод за статистика на Република Македонија, во периодот од 1994 до 2013 година, од земјата мигрирале 11.380 лица, додека според податоците на меѓународните организации, како што е и Светската банка, бројот на лица што мигрирале од Македонија изнесува меѓу 450.000 до 630.000 лица. Една од најзначајните причини за големата разлика во бројките претставуваат илегалните миграции и фактот што последниот попис во Македонија е спроведен во 2002 година.

Министерот за дијаспора на Македонија, Едмонд Адеми, зборувајќи за податоците на Светската банка дека од Македонија мигрирале меѓу 500.000 до 600.000 лица, за АА изјави „Се разбира дека овие лица не заминале засекогаш од Македонија. Поголемиот дел од нив се на привремена работа. По завршувањето на работата, постепено се враќаат во Македонија.“

Министерот Адеми рече дека податоците на овие државјани на Македонија не се избришани од регистерот, бидејќи државата не знае дали тие мигрирале. Тој истакна дека Светската банка споменатите податоци ги прибрала од земјите на ЕУ во кои мигрирале државјаните на Македонија.

Адеми информираше дека државјаните на Македонија, при мигрирањето, во Европа првенствено заминуваат во Германија, Италија и Швајцарија, потоа во Канада и САД, додавајќи дека оние што мигрираат, работат во повеќе сектори, почнувајќи од градежништвото до образованието.

Министерот, нагласувајќи дека сите балкански земји се соочуваат со проблеми поради миграциите на докторите и здравствените работници, истакна „Верувам дека подобрувањето на работните услови во Македонија, членството во ЕУ и НАТО, можностите за големи инвестиции и создавањето поквалитетен простор за работа, ќе придонесат за намалување на оваа бројка.“


- Миграциите од Косово намалени во последните години -

Според податоците на Агенцијата за статистика на Косово, во 2017 година, 11.263 државјани на оваа земја, по легални или илегални патишта ја напуштиле земјата. Меѓу причините за напуштање на Косово се наведуваат обединување на семејството, бракот, вработувањето, трајната миграција и образованието.

Премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, изминатиот октомври имаше изјавено дека почнувајќи од 2015 година, миграциите на државјаните на Косово успеале да ги намалат за 95 отсто. „Додека оваа бројка во 2015 година изнесуваше 67.000, во 2018 година падна на 2.800. Потребно е многу повеќе да работиме. Нашите државјани треба да знаат дека нивната иднина е Косово, а иднината на Косово е ЕУ“, имаше речено косовскиот премеир Харадинај.


- Од 1996 година досега, Албанија ја напуштиле 1,6 милион лица -

Според податоците на албанските институции, во периодот 1990 - 2018 година, оваа земја ја напуштиле 1,6 милион лица. Интересен е податокот дека оваа бројка претставува 36 отсто од вкупното население на Албанија.

Според податоците на Албанскиот институт за статистика, само во периодот 2011 - 2017, земјата ја напуштиле 317.000 лица. Институтот истакнува дека поголемиот дел од овие лица мигрирале во западноевропските земји.


- Во последните пет години БиХ ја напуштиле 172.000 лица -

Едно од подрачјата во кое најмногу се чувствува губењето на квалификуваната работна сила е Босна и Херцеговина. Од оваа земја, од која граѓаните имаат можност безвизно да патуваат во земјите од ЕУ, во последните 5 години во земјите од Западна Европа, првенствено во Германија мигрирале 172.000 лица. Познато е дека голем број компании имаат проблеми во изнаоѓањето работници.

Унијата за Одржливо враќање и интеграција на БиХ подготви извештај, според кој во периодот 2013 - 2018, 172.000 лица мигрирале од земјата. Во извештајот се наведени податоците дека во 2013 - 23.828 лица, во 2014 - 27.305, во 2015 - 29.832, во 2016 - 34.759, во 2017 - 35.377 и во 2018 - 21.000 државјани на БиХ ја напуштиле земјата.


- Србија -

Според податоците на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), во периодот 2005 - 2014, секоја година во просек Србија ја напуштале по 31.000 лица. Се забележува дека почнувајќи од 2014 година постои раст во миграциите, но нема точни податоци колкава бројка од оние што заминале се вратиле назад.

Од друга страна, според едно друго истражување на ОЕЦД, од 2000 година досега, еден од 11 државјани на Србија мигрирал во странство. Се вели дека станува збор за бројка од околу 650.000 лица. Државјаните на Србија главно мигрираат во Германија и Австрија.


- Црна Гора -

И на Црна Гора, која според популацијата е земја со најмал број на население, негативно влијае одливот на квалификуваната работна сила. Според податоците на невладината организација „Euromost“, околу 7.000 државјани на Црна Гора, од кои поголемиот дел се дипломирани лица, ја напуштиле земјата во последните 3 години.


- Жртви на миграции се и земјите членки на ЕУ -

И Хрватска, која е земја членка на ЕУ, е една од земјите од која населението постојано мигрира. Од 2013 година, кога е примена за членка на ЕУ, од Хрватска мигрираа околу 300.000 лица.

Се намалува населението и на Бугарија, која е членка на ЕУ од 2007 година. По падот на комунистичкиот режим во 1989 година, околу 2,5 милиони државјани на Бугарија мигрираа во Турција, во земјите на ЕУ и САД. До 2007 година, Турците од оваа земја мигрираа во Турција, а откако земјата стана членка на ЕУ, и населението се пренасочи на миграции кон земјите од ЕУ, меѓу кои и оние кои претходно имаа мигрирано во Турција.

Бугарија, која сѐ уште се води како најсиромашна земја на ЕУ, голем број од младите лица на оваа земја заминуваат во земјите на ЕУ за школување и повеќе не се враќаат. Миграцијата е избор и на образованото население на Бугарија.

Поради правото на слободно движење, по 2007 година не се знае точната бројка на бугарски државјани кои мигрирале во земјите на ЕУ, но се претпоставува дека станува збор за бројка од 1,5 милион лица.

Популацијата на Унгарија се намалува и поради непропорционалноста во бројот кај новороденчињата и смртноста на населението, но и поради миграциите. Поради ниската стапка на новороденчиња, популацијата во Унгарија во 2013 се намали за 38.000, во 2014 за 34.000, во 2015 за 40.000, во 2016 за 33.000, а во 2017 за 40.000 лица.

Поради правото на слободно движење, не постојат точни податоци за оние кои мигрирале, но се претпоставува дека во земјите на Европската Унија живеат над 600.000 Унгарци, од кои 250.000 во Британија, 200.000 во Германија, 80.000 во Австрија.

Во меѓувреме, вреди да се спомене дека многу малку од оние кои мигрирале од балканските земји се вратиле.


- Извештај на ОН за миграциите -

Минатата година, Обединетите нации (ОН) подготвија извештај, според кој, поради миграциите предизвикани од економски проблеми, до 2050 година се очекува голем пад на неселението во земјите од Балканот.

Во извештајот за популацијата на населението на земјите од Балканот во 2017 година и очекувањата за 2050 година, во Македонија се очекува намалување на бројот на населението за 7,3%, во Албанија за 9,1%, во БиХ за 12,8%, Црна Гора 6,5%, Србија 15,3%, Бугарија 23,4%, Хрватска 17,4%, Унгарија 14,8% и во Романија за 16,7%.

Во извештајот место му се отстапува и на делот за разликата во новородени/починати, при што се забележува дека бројката на новородени е помала од бројката на починати.

На веб страницата на Анадолу Агенсу објавен е дел од системот на проток вести (HAS). За целосни вести, ве молиме контактирајтене за претплата.Abonelik için lütfen iletişime geçiniz.