Балкан

„Скопје се сеќава на Сребреница" - Марш на мирот во знак на сеќавање на жртвите од геноцидот

„Геноцидот кој е извршен врз Бошњаците во Сребреница не е страшен само за луѓето во Босна и Херцеговина или за Бошњаците, без оглед каде живеат. Страшен е за Европа. Страшен е за целиот свет", истакна Џевад Хот од Бошњачкиот национален совет

Admir Fazlagic   | 11.07.2019
„Скопје се сеќава на Сребреница" - Марш на мирот во знак на сеќавање на жртвите од геноцидот ( Foto: Admir Fazlagic/ Anadolu Agency )

СКОПЈЕ (АА) - Со Марш на мирот во Скопје, во чест на жртвите од геноцидот во Сребреница и со читање на имињата на оние чии остатоци од телата денес беа погребани во Меморијалниот центар во Поточари, Бошњаците во Република Северна Македонија и нивните сограѓани од различни етнички заедници го одбележаа 11 јули - Денот на сеќавање на жртвите од геноцидот во Сребреница, јавува Anadolu Agency (AA).

На настанот меѓу бројните присутни граѓани присуствуваа и пратеникот во Собранието на Република Северна Македонија, Мухамед Зекири, амбасадорката на Турција во Скопје, Тулин Еркал Кара, координаторот на Турската агенција за координација и соработка (ТИКА) во Скопје, Ајтекин Ајден, претседателот на Бошњачкиот демократски сојуз (БДС), Мунир Колашинац, како и други претставници на неколку граѓански организации и здруженија во земјата.

Организатор на Маршот на мирот е Бошњачкиот национален совет (БНС) во Република Северна Македонија, а претседателот на БНС, Џевад Хот, рече дека геноцидот во Сребреница секогаш ќе го потсетува човештвото до која мерка злосторството може да нарасте во луѓето.

„Геноцидот кој е извршен врз Бошњаците во Сребреница не е страшен само за луѓето во Босна и Херцеговина или за Бошњаците, без оглед каде живеат. Страшен е за Европа. Страшен е за целиот свет. Страшен е на секој оној кој има барем трунка човечност во себе. Затоа сме должни да истраеме во барањето вина и морална одговорност на оние кои тој геноцид го извршија, оние кои го планираа или немо го следеа и беа немарни кон злосторството кое се вршеше во нивно име", рече Хот.

Почест на страданите оддаде и амбасадорката на Турција во Скопје, Тулин Еркал Кара која се обрати пред присутните.

„Трагите и неизлечивата болка која ја остави во нашите срца геноцидот во Сребреница кој впрочем е еден срамен чин на човештвото од 20 век ќе бидат вечно свежи. Вечните сеќавања на нашите браќа кои ги изгубија животите во овој кукавички масакр, нам секогаш ќе ни сведочат за едно нешто, се додека не се постигне мир, благосостојба и стабилност на Балканот и се додека не се надмине дискриминацијата и омразата помеѓу етничките заедници не можеме да имаме иднина", истакна Кара во својот говор и додаде:

„Турција има вложено огромен труд во насока на постигнување на стабилноста и довербата на балканските простори и во иднина ќе продолжиме да ја даваме сета наша поддршка во оваа насока. Среќата на овие простори ја сметаме за наша среќа и болката на овие простори ја сметаме за наша болка".

Амбасадорката Кара потсети и дека претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, пред само неколку дена, беше во Сараево на овогодишниот комеморативен настан за жртвите од геноцидот во Сребреница, додавајќи дека тие како Турција и во иднина ќе се трудат со цел зачувување на мултикутурното ткиво на регионот.

Мухамед Зекири, пратеник во Собранието на Република Северна Македонија од редовите на Социјал-демократскиот сојуз (СДСМ) во своето обраќање пред присутните рече дека е тука да им оддаде почит на жртвите и да се сочувствува со семејствата со сите оние мајки, сестри, сопруги кои и денес храбро се борат за правда.

„Денеска сме тука да се потсетиме дека точно пред 24 години во Сребреница се случи геноцид и беа убиени над осум илјади луѓе поради една единствена причина - затоа што беа Бошњаци, односно муслимани. Судбината на овие луѓе е и наша судбина. Сите ние сме Сребреница. Тоа што се случи таму е рана на човештвото. Ако заборавиме што им се случи на повеќе од осум илјади татковци, браќа, синови, мажи и деца, ние ги убиваме жртвите по втор пат", истакна Зекири.

Фатима Шкријељ од Бошњачкиот културен центар прочита поезија „Сребреница" од бошњачкиот поет Фаиз Софтиќ, а ликовните уметници Селвер Кардовиќ од Црна Гора и Муса Ѓунеј од Турција кои присуствуваа на Маршот на мирот, со својот уметнички пеформанс, оддадоа почит на жртвите од геноцидот во Сребреница.

Свој уметнички перформанс во знак на сеќавање на жртвите од геноцидот имаа и членовите од здружението „Диванхана" од Скопје и музичарот Џенгиз Ибрахим.

Бошњачките граѓански здруженија во изминатите денови во рамките на одбележувањето на геноцидот во Сребреница организираа неколку информтивни и културни настани, меѓу кои беше и вчерашната комеморација, а делегација од Собранието на Северна Македонија, предводена од претседателот на Собранието Талат Џафери, заедно со пратениците Ферид Мухиќ и Зекир Рамчиловиќ присуствуваше на гробиштата во Меморијалниот центар Сребреница - Поточари, каде денес беше извршена погребната молитва, како и закопот на 33 жртви од геноцидот.

Во геноцидот врз Бошњаците во Сребреница во 1995 година извршен од страна на војската на Република Српска, која доби помош од логистички формации на Србија, беа убиени најмалку 8.732 цивили.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.