Балкан

„Северна Македонија постигна доволен напредок за почеток на преговорите со ЕУ"

„Дозволете ми да нагласам дека од гледна точка на Европската комисија не може да постојат сомнежи за европската перспектива на Западен Балкан. Регионот е, и ќе остане приоритет во сите области во заеднички интерес", рече Јурова

Abdula Berisha   | 18.11.2019
„Северна Македонија постигна доволен напредок за почеток на преговорите со ЕУ" (Foto: Abdula Berisha/Anadolu Agency)

СКОПЈЕ (АА) - Заврши првиот ден од Министерскиот форум за правда и внатрешни работи „Европска Унија (ЕУ) - Западен Балкан" кој што се одржува во Собранието на Република Северна Македонија“, јавува Агенција Анадолија (AA).

На прес конференцијата по завршувањето на состанокот, присуствуваа министерката за правда на Северна Македонија, Рената Дескоска, министерката за правда на Финска, Ана-Маја Хенриксон, земја која претседава со Советот на ЕУ, како и Европската комесарка за правда, Вера Јурова.

Ана-Маја Хенриксон го оцени состанокот на министрите за правда како интересен и корисен, додавајќи дека за време на средбата ја истакнале клучната важност за зајакнување на владеењето на правото и основните права, квалитетот и ефикасноста на правосудниот систем, изборниот систем, како и криминална политика и прашањата поврзани со притворот и неговите алтернативи.

„Ми беше драго што денес слушнав дека министрите од Западен Балкан ја обновија својата посветеност за засилување на реформите во владеењето на правото. Зајакнувањето на владеењето на правото е еден од приоритетите на финското претседавање со ЕУ и сите се согласивме дека ефективниот правосуден систем и ефективниот пристап до правдата се најважните елементи на владеењето на правото и тие исто така носат директни придобивки за граѓаните и бизнисите", рече Хенриксон.

Таа исто така истакна дека борбата против корупцијата е исто така тесно поврзана со владеењето на правото, додавајќи дека министрите се заложија за транспарентни и отчетни институции.

Европската комесарка за правда, Вера Јурова, зборуваше и за одлуката на Советот на ЕУ, кој не донесе одлука за датум за почнување преговори со Северна Македонија и Албанија, изразувајќи жалење за тоа, бидејќи според неа, двете земји „постигнаа доволен напредок за да го оправдаат започнувањето на пристапните преговори“.

„Дозволете ми да нагласам дека од гледна точка на Европската комисија не може да постојат сомнежи за европската перспектива на Западен Балкан. Регионот е, и ќе остане приоритет во сите области во заеднички интерес. Процесот на пристапување е условен со оригинални и одржливи резултати, особено во областа на владеењето на правото", рече Јурова.

Претходно денеска, министерката Дескоска објасни дека на првиот ден од Форумот се разговара за прашања поврзани со правдата, додека утре на дневен ред се темите од секторот за внатрешни работи.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.