Балкан

„Северна Македонија го поздравува Договорот за нормализирање на економските односи меѓу Косово и Србија“

„Секое унапредување на односите меѓу соседите носи стабилност и просперитет за целиот регион. Токму затоа го поздравуваме договорот меѓу Република Косово и Република Србија кој беше постигнат во Вашингтон“, истакна Заев

Admir Fazlagikj,Abdulbesar Ademi   | 23.10.2020
„Северна Македонија го поздравува Договорот за нормализирање на економските односи меѓу Косово и Србија“ ( Foto: Husamedin Gina / Anadolu Agency )

СКОПЈЕ

Северна Македонија го поздравува Договорот за нормализирање на економските односи меѓу Република Косово и Република Србија кој беше постигнат во Вашингтон и поддржува заемно прифатливо решение кое ќе го гарантира мирот и безбедноста во регионот, јавува Агенција Анадолија (АА).

Ова го истакна премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев на денешната заедничка прес-конференција со премиерот на Косово, Авдулах Хоти, кој престојува во официјална посета на земјата.

По свечената церемонија со која беше пречекан косовскиот премиер Хоти од премиерот Заев пред платото на Владата на Северна Македонија, помеѓу делегациите на двете земји се одржа заеднички состанок, а потоа премиерите на двете земји одржаа и прес-конференција.

Премиерот Заев истакна дека Северна Македонија и Косово имаат одлични билатерални односи и успешна соработка водена од принципите на меѓусебна поддршка и почитување. Тој истакна дека очекуваат интензивирање на политичкиот дијалог и одржување на веќе најавуваната прва заедничка седница помеѓу владите на двете земји, што, според него, ќе биде позитивен импулс за развој и соработка.

За економиите на двете земји, Заев истакна дека по структура, но и по сите основни начела на функционирање се насочени една кон друга, а со цел да ја унапредат економската соработка и комуникацијата нагласено се работи на инфраструктурно поврзување на Северна Македонија и Косово, како дел од регионалната соработка.

„Во тој контекст сакам да истакнам дека нашата географска блискост дополнително ќе ја приближи изградбата на Автопатот од Скопје до косовската граница. Скопје- Косовска граница. Овој автопат е од посебно значење не само за нашите земји туку и за целиот регион. Сакам да посочам дека од наша страна се во тек подготвителните работи за почеток на изградбата на Автопатот Скопје - Блаце, и притоа првата тендерска фаза е завршена. Се надеваме дека експропријацијата ќе заврши овие денови за да може и втората фаза да биде завршена со конечна цел да имаме автопатско решение од Скопје до Приштина“, изјави Заев.

Тој рече дека Северна Македонија е една од петте држави со кои Косово остварува највисока трговска размена и во вакви вонредни услови на Ковид-19 вкупната трговска размена заклучно со месец август е близу 170 милиони евра.

Премиерот Заев се осврна и на односите на земјите во регионот, при што истакна: „Секое унапредување на односите меѓу соседите носи стабилност и просперитет за целиот регион. Токму затоа го поздравуваме Договорот за нормализиање на економските односи меѓу Република Косово и Република Србија кој беше постигнат во Вашингтон. Воедно даваме поддршка на дијалогот меѓу Белград и Приштина кој е воведен од ЕУ. Искрено посакуваме успех. Поддржуваме заемно прифатливо решение кое ќе ги гарантира и зацврсти мирот и безбедноста во нашиот регион, ќе овозможи просперитетна иднина за сите граѓани и ќе го забрза процесот за интегрирање во ЕУ.“

Меѓу другото, Заев иформираше дека следниот петок ќе се состане со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и со албанскиот премиер Еди Рама со кои ќе разговара за унапредување на регионалната соработка.

- Хоти: „Договорот со Грција е чекор како треба да се нормализираат односите во регионот“

Косовскиот премиер Хоти ги поздрави достигнувањата на Владата на Северна Македонија на чие чело и во претходниот мандат беше премеирот Заев, кои ги опиша како изводнредни чекори кои отвораат перспектива за развој и нормализирање на односите.

„Во овој контекст, постигнувањето на Договорот со Грција е ваш личен извонреден успех, со поддршка на меѓународните пријатели и партнери. Верувам дека е добар чекор за тоа како треба да се нормализираат односите во целиот регион“, истакна Хоти.

Тој упати честитки за евроатлантскиот пат на Северна Македонија, како и за регионалните иницијативи, за кои рече дека неговата земја чека да се вклучи за да работи заедно за целосното нормализирање на односите во регионот.

Хоти ги поздрави иницијативите за започнување на изградбата на Автопатот од Скопје кон косовската граница, кој ќе биде поврзан со веќе изградениот автопат на косовската страна, за да бидат поврзани главните градови на двете земји.

Косовскиот премиер укажа на потребата на поврзувањето на Тетово и Призрен преку автопат, што, според него, позитивно ќе влиае врз односите меѓу граѓаните и бизнисите на двете земји.

Што се однесува до справувањето со пандемијата на новиот вид коронавирус (Ковид-19), Хоти рече дека постои тесна соработка меѓу двете соседни земји, додавајќи дека рестриктивните мерки, како затворање на границите, не треба да се сметаат како ограничувања, туку чекори кои треба да се преземат заедно за спречување на ширењето на пандемијата.

„Во Косово сега состојбата е малку подобра од она што беше порано, додека тука во Скопје и пошироко почна да расте бројката. Соработката е тесна и во размена на искуства и потребни информации. Она што е потребно да го правиме е да ги земеме предвид сите протоколи кои се подготвени од страна на Светската здравствена организација (СЗО) и другите организации што се однесува до воспоставување на мерките кои го спречуваат ширењето на коронавирусот. Која било мерка која ја преземаме ние или Владата во Скопје, треба да се смета како мерка за спречување на ширењето на вирусот, а не како меѓудржавно ограничување“, рече Хоти во врска со прашањето дали зголемувањето на бројот на нови сличаи со Ковид-19 повторно ќе доведе до затворање на границите меѓу двете земји.

По средбата во Владата на Северна Македонија, Хоти ќе биде пречекан на средба од страна на претседателот на државата, Стево Пендаровски, претседателот на Собранието, Талат Џафери, како и од првиот вицепремиер на земјата, Артан Груби, заедно со лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети.

Во Амбасадата на Косово во Скопје, Хоти ќе реализира одделни средби и со лидерите на останатите албански политички партии во Северна Македонија.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.