образование, Балкан

„Образовните власти да најдат решенија за секој ученик да има пристап до алатките за учење од далечина“

„Образовните власти да најдат решенија за секој ученик да има пристап до алатките за учење од далечина, бидејќи образованието не е услуга туку основно право“, порача Ходаи

Admir Fazlagic   | 30.09.2020
„Образовните власти да најдат решенија за секој ученик да има пристап до алатките за учење од далечина“ ( Фото: Архива / АА )

СКОПЈЕ

Сојузот на средношколци во Република Северна Македонија во пресрет на почетокот на учебната 2020/2021 година апелираше до образовните власти да најдат решенија за секој ученик да има пристап до алатките за учење од далечина, бидејќи, како што порачаа, „образованието не е услуга туку основно право“, јавува Агенција Анадолија (АА).

Претседателот на Сојузот на средношколци, Бленди Ходаи, на прес-конференција пред зградата на Министерството за образование и наука истакна дека овој сојуз во последните неколку недели направил напори да се разгледаат барањата на учениците во земјата за комбинираниот модел на настава и да се прифатат од институциите.

Тој истакна дека голем број барања се веќе примени од страна на Владата, меѓу кои и нивното прво барање учебната година да започне на први октомври.

„И покрај сите достигнувања што ги имаме во дискусиите со Владата, нашето најважно суштинско барање учебната година да започне со комбиниран модел не е прифатено од органите за образование и Владата“, рече Ходаи. Тој додаде дека Сојузот на средношколци е во постојан контакт со средношколците во сите градови, а постигнале и консензус за следните чекори на Сојузот на средношколци.

„Направивме компромис учебната година да започне од далечина, односно од дома, но доколку епидемиолошката состојба во текот на месец октомври ќе биде стабилна, тогаш учениците постепено треба да се вратат во училиштата со комбиниран модел. Во случај тоа да не се случи, секој ученик ќе ја бојкотира наставата во ноември. Ова не треба да се сфати како компромис туку како ултиматум од еден месец до министерката Царовска и министерот Филипче“, истакна Ходаи.

Тој додаде дека треба да се истакне дека образовните власти презеле чекори кон подобрување на онлајн наставата преку создавање на Националната платформа за учење од далечина, што го поднеле како барање од нивниот сојуз уште во месец мај. Исто така, Ходаи рече дека ова не ги решава многуте проблеми со онлајн наставата.

„Затворањето на училиштата ги продлабочува нееднаквостите при што околу 40 илјади ученици во Република Северна Македонија немаат потребни финансиски средства за учество во процесот на учење од далечина, но на ова треба да се додадат семејствата кои имаат само еден лаптоп на располагање, што не ги задоволува потребите на сите членови“, порача Ходаи и апелираше до властите:

„Во членот 26 од Конвенцијата за човековите права се вели: Секоја индивидуа има право на образование. Образованието треба да биде бесплатно за сите. Затоа ниту еден ученик не смее да биде лишен од ова право. Образовните власти да најдат решенија за секој ученик да има пристап до алатките за учење од далечина, бидејќи образованието не е услуга туку основно право.“

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.