Балкан

Џафери за Сребреница: „На оној кој го заборава минатото, може да му се случи истото“

„Главната порака на сите нас е никаде, никому да не му се случи тоа што им се случи на Бошњаците во Сребреница во текот на 1995 година“, изјави Црновршанин.

Bekim Laci   | 11.07.2018
Џафери за Сребреница: „На оној кој го заборава минатото, може да му се случи истото“ (Foto: Bekim Laci/ AA)

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Ниту еден поединец или институција не може да го заборави тоа што се случи во Сребреница, но и во други војни, бидејќи, на оној кој го заборава минатото, може да му се случи истото, истакна претседателот на Собранието на Македонија, Талат Џафери, по средбата во Собранието со претставниците на бошњачките здруженија и бошњачката заедница во Република Македонија, по повод одбележувањето на 11 јули - Денот на сеќавање на геноцидот во Сребреница во 1995 година, јавува Anadolu Agency (AA).

„Со самиот факт што Европскиот парламент со Резолуцијата го призна геноцидот врз Бошњаците во Сребреница, извршен во 1995 година, за време на војната“, рече Џафери, „обврска на парламентите членки на Европскиот совет е да го почитуваат овој датум, одбележувајќи го на различни начини.“

„Во различни места низ светот моментално се случуваат настани како во Сребреница и како во другите војни за време на распадот на Југославија. Упатуваме порака дека сите ние, како и челниците на јавните институции и функционери, имаме обврска да работиме на спречување на можностите од повторување на истите случувања“, нагласи Џафери, според кого, признавањето на злосторствата може да биде една здрава основа за повторно започнување на помирувањето меѓу народите.

Сафет Црновршанин од Одборот за одбележување на 11 јули - Денот на сеќавање на геноцидот во Сребреница, истакна дека за одбележување на овој ден организираат комеморативен марш кој ќе се одржи попладне на скопскиот плоштад Македонија, на кој ќе биде прочитана овогодишната Декларација за Сребреница.

„Главната порака на сите нас е никаде, никому да не му се случи тоа што им се случи на Бошњаците во Сребреница во текот на 1995 година“, додаде Црновршанин.

Потсетуваме дека Собранието на Македонија во февруари 2010 година ја усвои Декларацијата за поддршка на Резолуцијата на Европскиот парламент, кој на масакрот во Сребреница му го даде епитетот „геноцид“, со што се обврзува да го одбележи овој ден на соодветен начин.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.