Балкан

Шекеринска ги соопшти приоритетите на Министерството за одбрана за новиот мандат

Шекеринска нагласи дека членството на Северна Македонија во НАТО е најголемиот државен успех од периодот на независноста на земјата до денес, истакнувајќи дека членството во НАТО е печат на првиот мандат, но и влезницата за ЕУ во вториот мандат.

Furkan Abdula   | 24.09.2020
Шекеринска ги соопшти приоритетите на Министерството за одбрана за новиот мандат Фото: Фуркан Абдула / АА

СКОПЈЕ

Министерката за одбрана на Северна Македонија, Радмила Шекеринска, на прес-конференција ги соопшти приоритетите на Министерството за одбрана на земјата за мандатот 2020 - 2024 година, јавува Агенција Анадолија (АА).

Шекеринска нагласи дека членството на Северна Македонија во НАТО е најголемиот државен успех од периодот на независноста на земјата до денес, истакнувајќи дека членството во НАТО е печат на првиот мандат, но дека е и печат на влезницата за Европската Унија (ЕУ) во вториот мандат.

Таа рече дека во Министерството за одбрана ќе воспостават Центар за поддршка на домашните компании при настап на пазарот на НАТО.

„Целта ќе ни биде во првата година да обезбедиме добра и продуктивна комуникација помеѓу нашите компании, нашите стопански комари но и релевантните НАТО-агенции. Големината на овој пазар е околу 4 милијарди долари на годишно ниво“, истакна Шекеринска, додавајќи дека за тоа ќе се погрижи тим од експерти.

Според неа, ќе обезбедат стабилно финансирање на Армијата согласно нивните претходни долгорочни планови, додека, како што рече таа, благодарение на зголемениот буџет, примањата на војниците, на подофицерите и на офицерите се зголемени во некој дел дури и над 50 отсто, добиле нова опрема и добиле мотив да бидат успешни војници во служба на својата татковина.

Потсетувајќи дека минатата година го потпишале првиот договор со Владата на САД за набавка на лесни оклопни борбени возила од типот „Oshkosh JLTV“ и „Stryker“, Шекеринска рече дека при нарачката за првпат го примениле принципот на договор влада со влада којшто сакаат да го користат повеќе, бидејќи, според неа, ја враќа довербата во системот или во процесот на модернизација бидејќи ги отстранува можностите за комерцијални или коруптивни влијанија.

„Возилата се наменети за Лесната пешадиска баталјонска група која ја деклариравме како НАТО-единица, и пристигнувањето на првите возила го планираме на крајот на 2021 или во почетокот на 2022 година. Модернизацијата во овој дел предвидува набавка на вкупно 151 вакво возило и таа ќе се реализира во период од четири до шест години“, рече Шекеринска, додавајќи дека продолжуваат и со проектите за сајбер и противвоздушна одбрана.

Министерката за одбрана на Северна Македонија истакна дека инвестираат во модернизација на армискиот полигон Криволак, кој според неа е сериозен, домашен, но полека станува и сериозен НАТО-ресурс, а ќе придонесе и за зајакнување на локалната и домашната економија.

Како што рече таа, во моментот работат на подобрување на инфраструктурата на полигонот, и во неговата внатрешност и долж периметарот на полигонот, како и на отворање на нови приоди кон полигонот од север.

Таа нагласи дека работите ги извршува инженерската единица на Армијата, и дека ако не била таа како и новите инженерски машини, ќе морале за тоа да платат многу повеќе, но да бидат и многу побавни и понеефикасни.

„Планирано е главните правци во оваа инфраструктура за која реков, се протега и околу, меѓутоа и во внатрешноста на Криволак, да завршат до следната година пред почетокот на уште една голема вежба која ќе се одржи кај нас, вежбата „Одлучен удар 21“, која ќе биде организирана на Криволак во мај и дел од јуни во 2021 година, и на која очекуваме да земат учество околу 2.000 војници на армиите на САД, Бугарија, Грција, и се разбира на Северна Македонија“, рече Шекеринска, нагласувајќи дека нивната цел е полигонот да прераснува во регионален капацитет на НАТО.

Шекеринска истакна дека ќе продолжат и со реконструкција на објектите на касарните во земјата, и дека при реновирањето ќе ја следат владината политика и владината цел до 2024 да нема ниту една владина институција која ќе се грее на мазут или на масло.

Според неа, новите безбедносни ризици бараат и дополнителни инвестиции, и тоа, рече таа, не е инвестиција со пари туку инвестиција во подобри политики, тоа се инвестиции на доверба во институциите, транспарентност и интегритет.

Таа рече дека ја имаат честа до година да бидат домаќини на најголемата конференција на комуникатори на НАТО, и додаде: „500 експерти за комуникации од сите земји членки на НАТО до година доаѓаат во Скопје и тука ќе ги градат плановите за комуникации на НАТО со јавноста во борбата со лажните вести и во борбата со овој тип на нови напади.“

Министерката нагласи дека Регионалниот центар за односи со јавноста во земјата, во соработка со Центарот во Рига, сакаат да го трансформираат во Регионален центар за борба против дезинформации и лажни вести којшто ќе го покрива јужното крило на НАТО.

Осврнувајќи се на уште една новина во Министерството за одбрана, Шекеринска рече: „На Армијата сметаат и граѓаните, и невладините организации, и локалната самоуправа. Граѓаните сметаат на Армијата бидејќи им помогнала во најтешкото. И така треба бидејќи е тука за своите граѓани. Сега сакаме таа соработка да ја подигнеме на повисоко ниво. До крајот на годината ќе излеземе со нов концепт за воено-цивилна соработка во која ќе покажеме дека одбраната не е само операции дома или во странство, туку дека е градење на систем на отпорност кон ризици и создавање подобри домашни но и созјунички капацитети.“

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.