Балкан

Црна Гора: Отворањето на границите до некаде би можело да го санира влијанието на епидемијата врз туризмот

„Во Црна Гора покажавме висок степен на одговорност во однос на заштитата од епидемија, така што сите економски субјекти се подготвени да го усогласат своето работење со новите епидемиолошки правила“, рече Мичуновиќ

Samir Kajoševic   | 27.05.2020
Црна Гора: Отворањето на границите до некаде би можело да го санира влијанието на епидемијата врз туризмот

ПОДГОРИЦА 

Сопствениците на хотелите во Црна Гора очекуваат дека отворањето на границите со одредени држави би можело да го санира негативното влијание на епидемијата на коронавирусот (Ковид-19) врз туристичката сезона во таа земја, јавува Агенција Анадолија (АА).

Црногорскиот премиер Душко Марковиќ најави дека на почетокот на јуни ќе бидат отворени границите со Албанија, Хрватска, Словенија, Австрија, Германија, Чешка, Полска, Унгарија и Грција. Тој појасни дека во согласност со препораките на Институтот за јавно здравје, границите ќе бидат отворани за државите кои имаат помалку од 25 заболени од Ковид-19 на 100.000 жители.

Извршната директорка на еден хотел во Будва, Јована Мичуновиќ, истакна дека епидемијата на коронавирусот и суспензијата на меѓународниот сообраќај веќе негативно влијаеле на летната туристичка сезона во таа земја. Таа рече дека во тој хотел има резервации од средината на јули до крајот на август.

„Ова сѐ уште не се значајни цифри и треба да имаме на ум дека нашите цени се за 40 отсто пониски во однос на минатата сезона. Летната туристичка сезона требаше да започне во април, па загубите се огромни. Не можеме да сметаме ни на организираните групни доаѓања на туристите затоа што нашите партнери веќе започнаа со откажување од септември до крајот на октомври, а тоа се периоди на многу висока пополнетост во хотелите на ривиерата на Будва, токму поради организираните групни пристигнувања“, рече Мичуновиќ.

Црна Гора сè уште не ги отвори своите граници за граѓаните на Русија, Србија, Босна и Херцеговина и Косово, иако гостите од тие земји, според податоците на Заводот за статистика, во 2018 година оствариле 35,4 отсто од ноќевањата во текот на сезоната. Засега не е утврден ниту меѓународниот патнички сообраќај, а дозволено е слетување на авиони со помалку од 10 патници.

Сопственикот на хотел во Улцињ, Муниб Абазовиќ, рече дека туристичките работници во тој град се подготвени за летната сезона, иако, како што тврди, не зависи сè од нив.

„Жителите на Улцињ се подготвени за почетокот на сезоната, но во голема мерка ќе зависи од тоа какви мерки ќе бидат преземени на граничните премини. Дали туристите ќе мораат да плаќаат за тестовите, а бидејќи имаме голем број косовски граѓани кои работат во странство, тие тестови се поскапи таму. Ја изгубивме претсезоната, а сега се надеваме на јули и август. Економски, сите зависиме од туризмот и се надеваме дека ќе добиеме барем половина од сезоната од минатата година, бидејќи ние сме единствената дестинација без коронавирус во регионот“, рече Абазовиќ.

Владата од 15 мај веќе овозможи работење на хотелите, плажите и угостителските објекти со превентивни мерки. Според препораките на Националното координативно тело за спречување на заразни болести, на плажите мора да се одржува социјално растојание, додека во хотелите не смее да има повеќе од едно лице на 10 квадратни метри. Просториите во хотелите мора редовно да се дезинфицираат, а персоналот мора да носи заштитна опрема.

Мичуновиќ посочува дека хотелиерите ги почитуваат новите правила поврзани со епидемијата.

„Во Црна Гора покажавме висок степен на одговорност во однос на заштитата од епидемија, така што сите економски субјекти се подготвени да го усогласат своето работење со новите епидемиолошки правила. Особено хотелиерите кои дури и пред појавата на епидемијата имаа високи стандарди во однос на хигиената. Имајќи предвид дека од претсезоната нема ништо и дека нема да има значителни посети во постсезоната поради големо откажување на групните туристички пристигнувања, очекуваме околу 10 до 15 отсто од вкупниот промет што го остваривме во претходните години“, рече Мичуновиќ.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın