Балкан

Црна Гора: Од денес е забрането пушење во затворен простор

Со новиот закон не е дозволено пушење во која било просторија или дел каде што се консумираат храна и пијалаци

Adel Omeragic   | 14.08.2019
Црна Гора: Од денес е забрането пушење во затворен простор

ПОДГОРИЦА (AA) - Во Црна Гора од денес е забрането пушење во затворен простор, врз основа на Законот за ограничување на употреба на тутунските производи, јавува Anadolu Agency (AA).

Законот кој денес стапи во сила, а со кој се забранува употребата на тутунските производи во јавни затворени простории, освен во казината, пратениците го усвоија кон крајот на јули.

Со новиот закон не е дозволено пушење во која било просторија или дел каде што се консумираат храна и пијалаци.

Постои можност за одредување на посебен дел на простор кој сопственикот, односно корисникот ќе го одреди исклучиво за таа намена. Со законот јасно се пропишани условите за изолација, површината, позицијата и опремата на тој дел на просторот (просторијата мора да биде изолирана на начин да не е можно поминување на тутунскиот чад во останатиот дел од просторот, а површината не смее да биде помала од 10 метри квадратни, да зазема повеќе од 20 отсто од работниот, односно од јавниот простор и не смее да биде наменета за поминување во другите простории).

За кршење на законските одредби предвидени се казни и до 20 илјади евра.

Министерот за здравство на Црна Гора, Кенан Храповиќ, во текот на образложувањето на новиот предлог-закон во јули во Собранието на Црна Гора соопшти дека од рак на белите дробови заболуваат околу 400 лица годишно, а дека лекувањето на еден пациент, според податоците од 2015 година, чини околу 70 илјади евра.

Според податоците од 2017 година, во Црна Гора 35,4 отсто од возрасната популација се консументи на тутунските производи, што ја класифицира Црна Гора меѓу водечките земји во светот кога е во прашање пушењето цигари по глава на жител.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın