Балкан, Коронавирус

Хрватска од понеделник ги заострува епидемиолошките мерки

Хрватскиот министер за внатрешни работи, Давор Божиновиќ, најави додатно заострување на мерките при влезот на граѓани од трети земји со висока стапка на инциденца

Stipe Majic   | 22.07.2021
Хрватска од понеделник ги заострува епидемиолошките мерки

ЗАГРЕБ (АА) - На седницата на Владата на Хрватска клучна тема повторно беше епидемијата на коронавирусот при полниот ек на туристичката сезона на Јадранот и новите заострени епидемиолошки мерки кои предвидуваат поригорозна контрола над поголемите собири и настани, како и над влегувањето во државата на граѓани од земји со поголем број на заразени, јавува Агенција Анадолија (АА).

„Во претходните три недели во Хрватска е забележана стагнација со 500 до 600 случаи на коронавирусот неделно, а во изминатата недела е регистрирано зголемување на 871 случај“, изјави хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.

Додаде дека најголем пораст на заразени е забележан во четири далматински жупании, кои се воедно и туристички дестинации, поради што Штабот за цивилна заштита на Република Хрватска во тој дел на земјата ќе воведе дополнителни епидемиолошки мерки за да се лимитира можноста од зараза, со цел да се контролираат настаните со поголем број луѓе и да се обезбеди непречен развој на туристичката сезона.

Пленковиќ истакна дека 1,6 милиони граѓани вчера биле вакцинирани со прва доза од вакцините против Ковид-19, и дека процентот на вакцинирани се приближува до вкупно 48 проценти вакцинирани возрасни лица во Хрватска.

„Од 100 хоспитализирани, 94 лица не се вакцинирани. Секој што ќе избере да не се вакцинира се изложува себеси на ризик што на крајот може да заврши фатално. Затоа, да се вакцинираме сега, да не ја чекаме есента, за да бидеме заштитени од пробивот на евентуален четврт бран“, порача Пленковиќ.

Хрватскиот министер за здравство, Вили Берош, наведе дека денеска, на 514. ден од појавата на коронавирусот во Хрватска, биле евидентирани 179 нови случаи на вирусот, дека уделот на заразени во вкупниот број тестирани во изминатите 24 часа е 4,56 отсто.

Берош посочи дека изминатиот месец 579 граѓани биле хоспитализирани поради коронавирусот во земјата, од кои 94 проценти не биле вакцинирани.

Хрватскиот министер за здравство најави дека вакцинацијата, под надзор на лекар, наскоро ќе се спроведува во аптеките, каде што ќе се издаваат и потврди за вакцинација.

„За жал, бројот на заразени расте. Порастот на позитивните случаи во последните седум дена е 46,1 отсто. Сведоци сме на исклучителна леснотија на ширење на новата варијанта на вирусот“, рече Берош.

Тој особено ја посочи популацијата на граѓани постари од 80 години, која е најзагрозена од коронавирусот, од која 45 отсто е сѐ уште невакцинирана.

Хрватскиот министер за внатрешни работи, Давор Божиновиќ, најави додатно заострување на мерките при влезот на граѓани од трети земји со висока стапка на инциденца, како што се Велика Британија и Руската Федерација, а од понеделник, 26 јули, ќе се започне со применување на нови епидемиолошки мерки заради подобар надзор на коронавирусот во екот на туристичката сезона. Хрватскиот министер истакна дека едно од заострувањата ќе биде неиздавањето согласност за собири и настани кои епидемиолошки се тешки за контролирање.





На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.