Балкан

Филипче: „Во среда продолжува вакцинацијата според возрасната група на граѓани“

„Денеска е на ред групата преку Здружението на новинари, оние коишто навистина се во првата борбена линија, би рекол, уште од почеток на кризата“, рече министерот Филипче

Admir Fazlagic   | 12.04.2021
Филипче: „Во среда продолжува вакцинацијата според возрасната група на граѓани“

СКОПЈЕ

Денеска и утре завршува вакцинацијата на вработените од критичната инфраструктура опфатени во првата фаза, а имунизацијата против Ковид-19, согласно Националниот план, продолжува со вакцинацијата на граѓани, истакна министерот за здравство на Северна Македонија, Венко Филипче, пренесува Агенција Анадолија (АА).

„Останатиот дел од 20.000 вакцини Спутник Ве ќе бидат распределени по возрасни групи онака како што сега се одвива вакцинацијата од почеток со вакцината на АстраЗенека по вакциналните пунктови. Апелирам до сите да се пријават на сајтот за вакцинација vakcinacija.mk за податоците да влезат во системот Мој термин и на тој начин бидат регрутирани. Истовремено и матичните лекари имаат обврска да ги анкетираат своите прикрепени пациенти, посебно оние постарите кои треба да го изразат интересот за вакцинација. Значи од среда вакцинацијата ширум државата продолжува со возрасните категории граѓани, како ќе доаѓаат понатаму вакцини ќе се надополнуваат двата системи - приоритетно за постарите граѓани и продолжување на делот на критичната инфраструктура“, изјави Филипче за медиумите пред Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, каде што се одвива вакцинацијата против Ковид-19.

Министерот истакна дека вакцинирани се сите оние коишто имаа најголем ризик, кои практично учествуваат во менаџирањето на кризата од самиот почеток, како припадниците на МВР, Армијата, понатаму вработените во училиштата, наставничките од 1 до 3 одделение, МТСП во делот на градинките негувателките и воспитувачките, понатаму правосудниот систем.

„Денеска групата на вработените во Собрание, во техничките служби, од координацијата го очекувам и интересот од страна на претседателот на Собрание во делот на вакцинација на пратениците. Во таа смисла денеска се на ред групата преку Здружението на новинари, оние коишто навистина се во првата борбена линија, би рекол, уште од почеток на кризата и со своето навремено информирање, информирање на јавноста, пласирањето на важните пораки исто се едни од клучните во менаџирањето на оваа здравствена криза“, рече министерот.

- Вакцинација на медиумските работници

Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Младен Чадиковски, изјави дека заедно со Самостојниот синдикат на новинари на Македонија, во соработка со Министерството за здравство ја организирале денешната вакцинација на новинарите.

„Вакцинирани се денеска околу 600 луѓе. Станува збор за луѓе од критична група над 40 години и луѓе коишто се со хронични болести. Се надеваме во следната фаза којашто ја очекуваме наскоро сите овие медиумски работници практично беа во допир, близок контакт со вирусот, и мислам дека овој тип на заштита ќе биде заштита и за останатите луѓе коишто имаат постојани контакти со новинарите. Оваа стратегија за вакцинирање на работоспособно население мислам дека дава добри резултати и ќе дава добри резултати особено во медиумите каде постојано гравитираат многу луѓе“, рече Чадиковски.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.