Балкан

Стартуваше реализацијата на проектот „Научно-технолошки парк“

„Очекувам и не се сомневам дека Научно-технолошкиот парк ќе прерасне во место каде граѓаните ќе развиваат нови вештини, ќе се раѓаат нови идеи, ќе се креираат нови важни иновации и изуми“, рече Заев.

Husamedin Gina   | 18.02.2019
Стартуваше реализацијата на проектот „Научно-технолошки парк“ (Foto: Husameddin Gina/ AA)

Skopje

СКОПЈЕ (АА) – Премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, министерот за информатичко општество и јавна администрација, Дамјан Манчевски, денес заедно со еврокомесарката за дигитална економија и општество, Марија Габриел, го отворија Научно-технолошкиот парк за соработка помеѓу универзитетите и компаниите и трасирање на патот кон напредокот и дигиталната револуција, јавува Anadolu Agency (AA).

Премиерот Заев во својот говор одржан на отворањето, заблагодарувајќи ѝ се на еврокомесарката Марија Габриел рече дека со отварањето на Научно-технолошкиот парк ќе се трасира патот кон напредокот и дигиталната револуција.

„Очекувам и не се сомневам дека Научно-технолошкиот парк ќе прерасне во место каде граѓаните ќе развиваат нови вештини, ќе се раѓаат нови идеи, ќе се креираат нови важни иновации и изуми. Некои млади луѓе тука ќе започнат и нови стартап-бизниси“, рече Заев, додавајќи дека отварањето на Научно-технолошкиот парк ќе им овозможи на младите луѓе услови за добра работа и животен стандард кој ќе биде доволно квалитетен да им овозможи да живеат овде.

Еврокомосарката Габриел ги охрабри сите непрофитни организации, научни заедници, истражувачи, а исто така и сите компании, да го дадат својот придонес, сè со цел од овој проект да направат вистинска успешна приказна.

„Јас верувам дека Северна Македонија, регионот на Западен Балкан, вистина го има овој потенцијал да биде успешна приказна за сите нас како Европа“ рече Габриел, додавајќи дека благодарение на проектите како што е Научно-технолошкиот парк се одговара на предизвикот на оформувањето на дигиталната трансформација.

Истакнувајќи дека дигиталната трансформација е високо на агендата на Владата на Република Северна Македонија, на ЕУ и на регионот, министерот за информатичко општество и јавна администрација, Дамјан Манчевски, нагласи дека сите држави во регионот мора да го искористат овој поволен, пред сè политички период, за да се подобри квалитетот на животот на граѓаните.

„Научно-технолошкиот парк во Скопје би рекол дека е еден моите животни испити. Технологијата го менува нашиот живот, а начинот на кој живееме и работиме исто така ја менува технологијата. Дигитализацијата и четвртата револуција одамна се тука и го дефинираат нашето секојдневие“, нагласи Манчевски.

На денешното промовирање на Научно-технолошкиот парк присуствуваа и министрите за информатичко општество на Грција и Црна Гора.

Стартната инвестиција во Научно-технолошкиот парк е 500.000 евра, а согласно физибилити студијата се проценува дека неговата целосна реализација ќе чини 80 милиони евра.

Паркот ќе се заснова на три столба: дигитализација во економијата, општеството и државните институции, трансфер на технологии и акцелерација на стартап-компании.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.