Балкан, Коронавирус

Србија: Вакцинирање против Ковид-19 со шопинг и во трговските центри во Ниш

„Целта на оваа акција, што почнува во целата земја, е вакцинацијата да се приближи на населението и да се овозможи таму каде што луѓето ги извршуваат секојдневните обврски и го трошат своето слободно време“, рече епидемиологот Бранислав Тиодоровиќ

Sanja Janackovic   | 08.05.2021
Србија: Вакцинирање против Ковид-19 со шопинг и во трговските центри во Ниш ( Foto: Saša Đorđević / Anadolu Agency )

НИШ

Во текот на првиот ден од вакцинацијата против коронавирусот (Ковид-19) во два трговски центри во Ниш, вакцина примија околу 200 луѓе. Оваа акција е продолжена и денес со тоа што дополнителен вакцинален пункт е отворен во трет трговски центар, а за првите два часа низ него поминаа 12 граѓани на Ниш, јавува Агенција Анадолија (АА).

Граѓаните кои одлучија да се вакцинираат со една од трите понудени вакцини - Синофарм, Фајзер или АстраЗенека, доаѓаат во текот на купувањето во еден трговски центар, и задоволни се со ваквата идеја. Процедурата е иста како во Здравствениот дом, вакцинирањето доаѓа на ред по разговорот со лекарите и потпишување согласност.

„Дојдов до дуќанот да погледнам телефон и штом видов дека нема гужва тука за вакцинација, јас се пријавив. Голема концентрација на луѓе, доаѓаат нешто да купат и воедно да се вакцинираат. Мислам дека ова ќе ја олесни ситуацијата на младите луѓе“, рече Вера.

Јован Спасиќ го привлекло тоа што нема метеж и редици.

„Морам да се заштитам затоа што сум човек во години, болен сум, опериран, имам вградени два стента“, рече тој.

Епидемиологот и член на републичкиот Кризен штаб за борба против Ковид-19, Бранислав Тиодоровиќ, вели дека ја поддржува акцијата за вакцинирање во трговските центри бидејќи тоа им овозможува на граѓаните да се вакцинираат додека ги извршуваат секојдневните обврски и го трошат своето слободно време. Истакнува дека ова е момент кога фокусот на вакцинацијата мора да биде и во работните колективи.

„Зошто? Затоа што граѓаните на возраст од 26 до 64 години, тоа е работно активно население, имаат низок удел, нешто над 30 отсто, од вкупниот број вакцинирани. Треба да постигнеме таа бројка да биде најмалку 60 отсто“, вели Тиодоровиќ.

Во нишкиот Дом за здравје задоволни се со одзивот на граѓаните и со тоа што, како што велат, на овој начин вакцинацијата им ја приближуваат на младите. Директорот на Здравствениот дом, Милорад Јеркан, вели дека народот сфатил дека вакцинацијата е единствениот лек.

„Ги молам трудниците помеѓу третиот и шестиот месец на бременоста задолжително да се вакцинираат бидејќи тоа е најдобра заштита и го јакне имунолошкиот систем. Голема е молбата и младите луѓе да се вакцинираат“, порачува д-р Јеркан.

Градоначалничката на Ниш, Драгана Сотировски, ги повика општествено одговорните компании што работат во трговските центри да обезбедат попусти за оние што се вакцинираат и вети дека Градот Ниш ќе размисли на кои начини може да ги мотивира луѓето да се вакцинираат. Според последните податоци на Здравствениот дом, двете дози од вакцината ги примиле околу 72.000, односно 35 отсто полнолетни нишлии, а се очекува таа бројка кон средината на јуни да достигне 100.000.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın