Балкан

Специјалниот пратеник на Трамп бара од Косово укинување на таксата за стоките од Србија

„Ние во Америка не сме заинтересирани да се мешаме во формирањето на Владата, туку за економскиот развој...“

Zylfıje Adem Jakupı   | 23.01.2020
Специјалниот пратеник на Трамп бара од Косово укинување на таксата за стоките од Србија Фото: Zylfıje Adem Jakupı/AA

ПРИШТИНА (АА) - Специјалниот пратеник на американскиот претседател за дијалог меѓу Косово и Србија, амбасадорот Ричард Гренел, денеска во Косово се сретна со лидерот на Движењето Самоопределување, Албин Курти, и со претседателот на Демократскиот сојуз на Косово, Иса Мустафа, од кои побара укинување на таксата од 100 отсто за увоз на стоките од Србија, јавува Агенција Анадолија (AA).

По состанокот со Мустафа, во кратка изјава пред новинарите, Гренел, кој е амбасадор на САД во Германија, истакна дека во неговиот фокус и во фокусот на администрацијата на претседателот Трамп е економскиот развој. Тој рече дека побарал укинување на таксата за увозот на стоки од Србија.

„Ние во Америка не сме заинтересирани да се мешаме во формирањето на Владата, туку за економскиот развој. Ја споделив мојата визија за што побрзо да стигнеме до укинување на таксите, а Србија да ја прекине кампањата на повлекување на признавањето“, рече Гренел.

Истото барање Гренел го упати и до Курти и до косовскиот претседател Хашим Тачи, со кого синоќа имаше работна вечера. Тој оцени дека тоа е важно со цел претпријатијата да напредуваат и да отвораат работни места за младите луѓе.

„Истата порака ќе ја пренесам и во Белград“, изјави Гренел.

Американскиот амбасадор истакна и дека прашањето за формирање на косовската Влада не го интересира, но дека на Курти му кажал дека и земји како Велика Британија и Германија имале проблеми при формирање на владеачка коалиција.

„Кажав дека ние ги следиме и дека гледаме што се случува. Јас ги охрабрувам да ги почитуваат законите како и сите други и да сфатат дека тоа се случува и во други земји“, рече Гренел.

По Косово, Гренел попладнево заминува за Србија, каде што ќе се состане со претседателот Александар Вучиќ.





На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın