Балкан

Скопје: Вицепремиерот Груби се состана со неговиот косовски колега Тахири

Министерот Артан Груби се надева дека деновиве екипите на Северна Македонија и Косово ќе излезат со заеднички протокол и решенија за либерализирање на преминот на границите.

Husamedin Gina   | 16.09.2020
Скопје: Вицепремиерот Груби се состана со неговиот косовски колега Тахири ( Foto: Husamedin Gina / Anadolu Agency )

СКОПЈЕ

Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи помеѓу заедниците, Артан Груби, истакна дека тој лично се залага да се отворат границите помеѓу Северна Македонија и Косово, по примерот помеѓу Албанија и Косово, јавува Агенција Анадолија (АА).

Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи помеѓу заедниците, Артан Груби, и неговиот косовски колега, Бесник Тахири, денеска во Владата на Северна Македонија имаа билатерален состанок.

По состанокот, министрите Груби и Тахири одржаа заедничка прес-конференција.

Министерот Артан Груби се надева дека деновиве екипите на Северна Македонија и Косово ќе излезат со заеднички протокол и решенија за либерализирање на преминот на границите.

„Јас лично се залагам за отворање на границите по примерот на границите помеѓу Албанија и Косово, затоа што Албанија и Косово никогаш не ги затворија границите и трансмисијата на заразата е минимална, додека придонесите за економиите за двете земји беа огромни, посебно по последиците што ги носи пандемијата“, нагласи министерот Артан Груби.

Истакнувајќи дека помеѓу Северна Македонија и Косово нема никакви отворени прашања, Артан Груби рече дека односите се одлични.

Министерот Бесник Тахири истакна дека на денешната средба разговарале и за Автопатот Блаце – Скопје, што треба да се гради, и рече дека се надева оти наскоро ќе биде изграден за да може двете земји да имаат подобра економска размена.

Осврнувајќи се на отворањето на границите помеѓу Северна Македонија и Косово, рече дека треба да се видат сите можности за отворање, заштитувајќи го јавното здравје.

„За мене е целосно нелогично да имаме билатерален систем за тестирање, додека со Албанија (границата) е отворена. Размената на граѓаните на Косово со Албанија беше огромна. Јас мислам дека треба да се видат сите можности, заштитувајќи го јавното здравје, да ја олесниме комуникацијата помеѓу нашите граѓани“, нагласи Тахири.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.