Балкан

Се интензивираат активностите на тимовите што ги идентификуваат децата на улица

За две недели, мобилните тимови идентификуваа 167 деца во Скопје, од кои 18 се бебиња

Abdula Berisha   | 15.05.2019
Се интензивираат активностите на тимовите што ги идентификуваат децата на улица

СКОПЈЕ (АА) - Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, одржа состанок со претставници на меѓународни и домашни организации, на кој се дискутираше за постапувањето со децата на улица, јавува Anadolu Agency (AA).

На состанокот присуствуваа претставникот на УНИЦЕФ, Бенџамин Перкс, директорката на Центарот за социјална работа во Скопје, Наташа Станојевиќ, претставници од Црвениот крст во земјата и членови на мобилните тимови за постапување со децата на улица.

На прес-конференцијата одржана по состанокот, министерката Царовска истакна дека за само две недели, шесте мобилни тимови постигнале задоволителни резултати.

„Целта на овие тимови е да дадат поддршка на децата на улица и нивните семејства. 167 деца беа идентификувани за многу краток временски период, од кои 18 се бебиња“, рече Царовска.

Таа, исто така, истакна дека целта на овие тимови е да работат со семејствата во вклучување на децата во образовниот процес.

Бенџамин Перкс од УНИЦЕФ рече дека многу долг период општеството во Северна Македонија е навикнато ромската заедница генерално да живее во многу лоши услови. Тој истакна дека честопати децата, дури и бебињата, се изложени на услови опасни за нивниот живот.

„Тоа што е важно е дека ова не претставува проект или некоја хуманитарна интервенција, туку е системска и долгорочна владина стратегија која цели реални резултати што ќе го трансформираат животот на луѓето од ромската заедница“, рече Перкс.

Директорката на Центарот за социјална работа во Скопје, Наташа Станојевиќ, истакна дека тимовите, кои се формирани во соработка со УНИЦЕФ, на различни локации, односно крстосници во главниот град, прават идентификација на децата.

Од следната недела, тимовите ќе ги посетат домовите на децата за да ја утврдат фактичката состојба и да им помогнат на тие семејства. Ивана Божиновска, која е дел од еден мобилен тим, рече дека по првичните потешкотии, децата на улица веќе започнаа да имаат доверба кон членовите на тимовите.

Проширувањето и зајакнувањето на мобилните тимови со стручен кадар е поддржано од УНИЦЕФ, а се спроведува преку Центарот за социјална работа во соработка со Црвен крст на Град Скопје.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.