Балкан

Северна Македонија: Заклучно со вчера попишани над 500.000 граѓани

Портпаролот на Влатата, Арсовски, информираше дека заклучно со вчера до 20:00 часот попишани се 512.457 граѓани, вкупно 158.519 домаќинства и 212.464 станови

Furkan Abdula   | 14.09.2021
Северна Македонија: Заклучно со вчера попишани над 500.000 граѓани Фото: АА/Архива

СКОПЈЕ (АА) - Портпаролот на Владата на Северна Македонија, Душко Арсовски, и директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, одржаа заедничка прес-конференција на којашто информираа за тековните активности поврзани со Пописот на населението, домаќинствата и становите во Северна Македонија во 2021 година, пренесува Агенција Анадолија (АА).

„Портпаролот Арсовски информираше дека заклучно со вчера до 20:00 часот попишани се 512.457 граѓани, вкупно 158.519 домаќинства и 212.464 станови“, се вели во владиното соопштение.

„Владата се заблагодарува за поддршката што граѓаните ја даваат за успешно спроведување на пописот. Масовниот одзив покажува за свесноста и одговорноста на секој од нас да придонесе во собирањето на податоци важни за креирање на заедничката иднина. Врз основа на собраните податоци ќе се прават анализи, ќе се носат одлуки и прецизно ќе се планира развојот на земјата“, истакна Арсовски.

Тој посочи дека Владата очекува пописот да продолжи со предвидената динамика и сите активности успешно да се завршат до 30 септември.

Директорот на Државниот завод за статистика, Симовски, истакна дека пописот се одвива со посакуваниот интензитет, без никакви застои и без никакви проблеми.

„Ќе ми дозволите и јас да се заблагодарам на сите граѓани кои масовно се одзиваат на оваа наша операција и се наша најголема и најдрагоцена помош во реализација на истата“, нагласи Симовски.

Тој ги соопшти податоците од пописот за вчерашниот ден во кој се попишани 93.235 лица, 29.491 домаќинство и 40.155 станови.

Симовски рече дека станува збор за одлични резултати, ако се има предвид дека вчерашниот ден беше работен за разлика од деновите од викенд кога очекувано тие бројки се уште повисоки.

Тој посочи дека е исклучително задоволен од темпото со кое се одвива пописот, како и од работата на попишувачите, при што истакна дека со ова темпо пописот успешно ќе се спроведе во предвидениот рок.

Симовски истакна дека малите технички предизвици што постоеле на почетокот од спроведувањето на оваа статистичка операција, се надминати и дека веќе неколку дена се спроведува попишувањето без никакви проблеми со исклучително задоволувачки интензитет.

Одговарајќи на новинарски прашања, Симовски нагласи дека бројот на одбивања е исклучително мал и незначителен, и покрај негативната кампања што ја имаше и ја има цело време насочена кон тоа да се попречи спроведувањето на пописот.

„Граѓаните не наседнуваат на оваа пропаганда и самите податоци го кажуваат тоа, нема потреба да бараме било какви други начини да кажеме дека граѓаните навистина активно се вклучуваат. Самите податоци за попишани лица мислам дека кажуваат сè“, посочи Симовски, нагласувајќи дека и таму каде што има првично одбивање се оди повторно и се разговара со тие лица.

„Оди нашиот државен инструктор, оди пописната комисија и до сега праксата покажува дека луѓето ја сфаќаат важноста и релевантноста на процесот и на крајот се попишуваат. Не применуваме никакви санкции сè уште и се надеваме дека тоа нема да се случи до крајот на попишувањето, односно ќе успееме овие луѓе да ги убедиме дека онаа пропаганда којашто е насочена против спроведувањето на пописот во суштина е систем на дезинформации“, нагласи Симовски.

Во однос на попишувањето на домаќинствата, директорот Симовски истакна дека не може да се очекува дека секогаш сите членови ќе бидат дома, меѓутоа попишување без документ не може да има, односно клучот за некое лице да биде попишано е матичниот број.

Тој посочи дека без документ никој не може да биде попишан, а таму каде што недостасува некој член од домаќинството, се договара терминот кога лицето ќе биде присутно.

Во Северна Македонија во периодот од 5 до 30 септември се одржува Пописот на населението, домаќинствата и становите во Северна Македонија во 2021 година.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın