култура и уметност, Балкан

Ратајкоски: „Старата фотографија ја откраднува човековата душа"

Диме Ратајкоски е историчар и новинар истражувач, кој со години наназад ја истражува фотографијата поради љубовта кон историјата. Како приватен колекционер активно учествува низ аукциски куќи во Европа, а често патува и во Турција...

Admir Fazlagic   | 28.03.2021
Ратајкоски: „Старата фотографија ја откраднува човековата душа" Фото: Umeys Sulejman/AA

СКОПЈЕ (АА) - АДМИР ФАЗЛАГИЌ -

Фотографијата како моќен медиум, но и како историска и уметничка категорија, отсекогаш го привлекувала вниманието не само кај стручната туку и кај пошироката јавност и низ годините била истражувана и опсервирана од различни аспекти.

Диме Ратајкоски е историчар и новинар истражувач, кој со години наназад ја истражува фотографијата поради љубовта кон историјата. Како приватен колекционер активно учествува низ аукциски куќи во Европа, а често патува и во Турција каде што ја истражува старата фотографија.

Во разговор за Агенција Анадолија (АА) Ратајкоски говореше за историската и уметничката важност на фотографијата, за појавата и развојот на фотографијата на овие простори, но и за фотографијата како културно наследство на една држава.

- Дефинирањето на фотографијата -

Ратајкоски разговорот го започнува со дефинирањето на фотографијата, истакнувајќи дека во суштина, ако фотографијата ја гледаме како занает, таа е нешто што не се објаснува со зборови, зашто таа нѐ остава без зборови и на еден начин самата ја опишува својата суштина. Меѓутоа, за себе вели дека е приврзаник на универзалната дефиниција за фотографијата, според која „фотографијата ја откраднува човековата душа во определен миг, време и даден простор“. Оваа дефиниција соодветствува на старата фотографија.

Ратајкоски понатаму говори и за појавата на фотографијата на територијата на Османлиското Царство и во Истанбул како тогашен главен центар на Царството.

Како што вели тој, веќе во четириесеттите години од 19 век доаѓаат и првите западноевропски фотографи на територијата на Царството, пред сѐ во Истанбул, главниот град, каде што ги отвораат првите фотостудија за фотографија, и каде што исто така работат и документарна фотографија, со која на еден начин го отсликуваат животот во Царството.

„Многу интересно за територијата на османлиска Македонија е да се каже дека фотографијата, токму во овие предели се појавува во педесеттите години од 19 век, барем тој е историскиот податок којшто го имаме, а е пронајден во Црквата „Свети Димитрија” во градот Велес, каде што е сочуван натписот на Хаџи Косте којшто бил зограф и истовремено се потпишува како фотограф на истоимената црква. За жал, од неговиот фотографски занает немаме сочувано ништо“, раскажува Ратајкоски.

- Фотографијата во османлискиот период -

Додава дека во периодот на педесеттите, шеесеттите, а и во почетокот на седумдесеттите години, во Македонија доаѓаат пред сѐ патувачките фотографи, кои или индивидуално или заедно со патеписците коишто доаѓале од европските земји, ги регистрирале луѓето и животот во османлиска Македонија.

„Сепак, во седумдесеттите години во Македонија се појавуваат и првите домицилни фотостудија, делумно од странци коишто доаѓаат и започнуваат да работат со својот занает, а исто така и од домашни фотографи коишто својот занает го стекнуваат во Истанбул, во познатото студио на браќата Абдула. Станува збор за тројца Ерменци коишто преминуваат во ислам и стануваат дворски фотографи. Нивното студио во Истанбул практично е расадник на млади фотографи коишто ќе се населат во различни краишта во Империјата и ќе го прошират овој занает“, истакнува Ратајкоски.

Според неговото кажување, така во Солун, како центар на османлиска Македонија, во средината на седумдесеттите години на 19 век ерменскиот фотограф Богоc Зепџијан или попознат како Пол Зепџи, за кого вели дека е и основачот на фотографскиот занает во Македонија, го отвора своето прво фотостудио како ученик на браќата Абдула, а по него фотостудија се отвораат и во останатите градови во близина на Солун, пред сѐ во Битола како конзулски град, потоа и во другите поголеми центри како Скопје, Серез, Кавала, па и Велес, Куманово..., така што, со текот на времето, веќе до осумдесеттите и деведесеттите години фотографскиот занает се шири низ целата територија на османлиска Македонија. Во неговата приватна колекција има оригинали од фотостудијата на тогашните фотографи.

- Пол Зепџи официјален фотограф на султанот Абдулхамит Втори -

Како што вели тој, кога во Македонија ќе се спомене историјата на фотографијата и фотографскиот занает, синоним за нив се браќата Милтон и Јанаки Манаки, меѓутоа, покрај нив, на територијата на оваа држава работат голем број фотографи пред нив, меѓу кои и Пол Зепџи.

„Со текот на времето, студиото на Пол Зепџи се развива и достигнува навистина една голема популарност во Османлиската Империја, така што тоа го забележува и султанот Абдулхамит Втори, па така за делот на Румелија или европска Турција, Пол Зепчи ќе биде и официјален фотограф на султанот кој ќе нарачува голем број фотографии во форма на фотоалбум кои студиото на Зепџи ги испорачувало на султанскиот двор во Истанбул. Така, во Истанбулскиот архив и архивата на истанбулската Национална библиотека откривме голем број оригинални примероци од Пол Зепџи од крајот на 19 век кои се навистина фасцинантни и даваат едно сосема поинакво светло на фотографскиот занает, не само како документарна или портретна фотографија, туку и како уметничка фотографија“, објасни Ратајкоски, и истакна дека потоа од Зепџи останатите фотографски студија или фотографи ќе се инспирираат за нивната работа, но дека, сепак, Зепџи е најстариот којшто го шири фотографскиот занает во Македонија.

Ратајкоски додаде дека Зепџи, освен по студиската портретна фотографија, познат е и по тоа што изработува серија на албуми кои денес се чувааат во истанбулската Национална библиотека и во Истанбулскиот архив.

„По нарачка на султанот ги фотографира сите светогорски манастири за приватната збирка на султанот Абдулхамит Втори. Исто така, тој е официјалниот фотограф на изградбата на железницата Скопје - Битола и Скопје - Кавала (делот на поврзување на Македонија со Истанбул и на Македонија со Виена). Во 1894 и 1896 година, Зепџи ги фотографира сите железнички постојки, ја фотографира изградбата на пругите, мостовите, на работниците коишто работат на железницата. Тие фотографии денес се чуваат во Истанбулскиот архив и во неколку приватни збирки.“

Тој додава дека првите двајца фотографи регистрирани во Скопје се браќата Шафер и Антонио Мортен, кои ги поставуваат темелите на фотографскиот занает во Скопје. Исто така, Ратајкоски вели дека во почетокот на деведесеттите години, Алберт Баубин-Станковиќ и Георги Попов ги отвораат двете фотографски студија во Скопје чиишто имиња на крајот на 19 век и почетокот на 20 век ќе го одбележат фотографскиот занает.

„Интересен од Турците фотографи, кој определен период од животот престојува во Скопје е Али Сами. Тој е еден од познатите турски фотографи, официјален фотограф и на султаните, којшто работел во турската морнарица, така што освен во Скопје работел и во Солун, а својот живот и најголемиот дел од фотографската оставнина ќе ја остави во Атина, Грција, каде што и умира“, вели Ратајкоски, со напомена дека многу малку од фотографите, ако се земе предвид нивниот етникум, се Македонци или Турци; најголемиот дел од нив се странски фотографи од Европа.

Како што раскажува Ратајкоски, за жал, освен на браќата Манаки, стаклени плочи на коишто фотографите фотографирале тогаш, денес не се зачувани, и навистина е реткост да се најдат стаклени плочи од тој период со цел да се оживее стара фотографија.

Објаснува дека денес историските податоци, факти, се темелат на индивидуални парчиња на фотографии коишто може да се најдат по семејните, домашните архиви или во некои од државните архиви како Архивот во Истанбул.

- Соработка со Турскиот културен центар „Јунус Емре" во Скопје -

Во разговорот, Ратајкоски се осврна и на соработката со Турскиот културен центар „Јунус Емре“ во Скопје, со цел популаризација на старата фотографија.

„Мојата колекција во изминативе пет години и од година во година се збогатува и со истражувањата коишто имав можност да ги направам во Истанбул, преку кои откривме навистина значајни вредни фотографски албуми и фотографии коишто заслужуваат да ја видат светлината на денот. Токму таквата инспирација за проучување на старата фотографија доведе до соработка со Турскиот културен центар во Скопје, „Јунус Емре“, со кој соработуваме веќе повеќе од една година во областа на старата фотографија и нејзината популаризација во Македонија, така што тој заеднички проект за резултат го има тоа, сето она што е вредно за Македонија и историјата за османлиска Македонија, од Истанбулскиот архив и Националната библиотека да го донесеме овде, во Скопје, и да го прикажеме пред нашата јавност“, информира Ратајкоски.

„Нашата првична идеја е „Куршумли ан“, бисерот на скопската архитектура уште од византиски и османлиски времиња, да го направиме еден вид музеј на фотографијата на османлиска Македонија каде што ќе има поставки на првите фотографи на Македонија и нивните зачувани дела. Тоа ќе биде интересно не само за скопската публика туку и за сите оние коишто доаѓаат во Скопје и сакаат да уживаат во овој вид уметност“, појаснува тој.

Меѓу другото, Ратајкоски забележува дека е потребен поголем интерес и грижа од страна на македонските државни институции за старата фотографија. Тој апелира дека е неопходно државата посериозно да се посвети да направи нешто во контекст на заштита на фотографијата како културно наследство.

- Стари фотографии од личната архива на Ратајкоски -

Во разговорот за АА, Ратајкоски од својата лична архива на стари фотографии сподели фотографии од неколку автори, меѓу кои од фотоатељето на скопскиот фотограф Георги Попов. На една од фотографиите може да се забележи турски војник во Скопје. Ратајкоски појасни дека фотографијата специјално е правена во рамка и пратена со османско-турски натпис. Како што рече тој, најголем број од фотографиите имаат османско-турски натпис, на коишто најчесто го пишува лицето на кое му е пратена фотографијата.

На друга прикажана фотографија може да се види албанска носија од Скопје за која Ратајкоски вели дека е навистина уникатна, раритетна и богата носија, и на чија задна страна е жигот на фотографот Ѓорѓи Попов. Во колекцијата Ратајкоски поседува и оригинали од браќата Манаки, како што е фотографијата од турскиот гарнизон во Битола, на која е прикажан и жигот од браќата Манаки.

Ратајкоски покажа и други фотографии од својата архива, раскажувајќи дека престижното француско списание „Аутор де монд" го бира Пол Зепџи да го претставува Османлиското Царство на големата изложба во Париз во 1890 година со албумот „Слики од Македонија, градови и носии“, така што Пол Зепџи им праќа фотографии, а француското списание ги колоризира и ги објавува во посебно издание од списанието.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.