Балкан

Протест во Куманово: Граѓаните бараат правда за случајот со малиот Алмир Алиу

„Ние се собравме овде денес пред Основниот суд Куманово да го изразиме нашето граѓанско и национално негодување против одлуката на овој суд", истакна Фуат Алиу

Admir Fazlagic   | 22.02.2021
Протест во Куманово: Граѓаните бараат правда за случајот со малиот Алмир Алиу (Foto: Umeys Sulejman / Anadolu Agency )

КУМАНОВО

Група граѓани од Куманово предводени од семејството на починатиот Алмир Алиу на денешниот протест пред Основниот суд Куманово побараа предметот за случајот Алмир да се врати на повторно разгледување, а побараа и обесштетување и ослободување од вина на членови од семејството Алиу, јавува Агенција Анадолија (АА).

Протестот беше организиран под слоганот „Правда за Алмир", а во име на собраните граѓани на протестот се обрати Фуат Алиу кој рече дека граѓаните го изразуваат револтот против одлуката на судот.

„Ние се собравме овде денес пред Основниот суд Куманово да го изразиме нашето граѓанско и национално негодување против одлуката на овој суд, кој наместо да го осуди убиецот, криминалецот Бобан Илиќ на максимална затворска казна, ги казнува со затвор членовите на семејството, таткото, чичкото и братучедот на малиот четиригодишен Алмир со затвор“, истакна Алиу.

Тој рече дека „одлуката на судот е неправична, етноцентрична и антиалбанска, повикувајќи на преиспитување на одлуката."

„Ние сме потпрени на ѕид и нема каде да одиме. Затоа, бараме од овој суд и воопшто од судскиот систем да не го занемаруваат гласот на народот“, изјави Алиу.

Тој побара роднините на починатиот Алмир Алиу да бидат прогласени за невини и убиецот на Алмир Алиу да биде казнет за стореното дело, а не за сообраќајна несреќа.

Алиу исто така побара претставниците на странските амбасади во земјата да се заинтересираат за случајот.

Учесниците најавија дека ќе продолжат со протестите доколку не бидат испочитувани нивните барања.

- Случајот со Алмир Алиу

Потсетуваме, настанот кој резултираше со смртта на четиригодишниот Алмир Алиу од Куманово се случи на 25 јуни, 2016 година, кога Алмир, заедно со неговите родители, по расправа помеѓу родителот на Алмир и обвинетото лице Бобан Илиќ, беше прегазен со автомобил, а по една недела помината на интензивна нега, почина на 2 јули на Клиниката во Скопје.

Бобан Илиќ од Куманово, кој го прегази 4-годишниот Алмир Алиу, е осуден на 6 години затвор за сторено кривично дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Кривичниот совет во Основниот суд Куманово ги прогласи за виновни и ги осуди на 6 месеци затвор и таткото на детето Седат Алиу, а на по 9 месеци Сами Демири и Абдула Алиу за сторено кривично дело „насилство".

Првообвинетиот Бобан Илиќ, прво беше обвинет за убиство, а потоа делото беше преквалификувано во тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.

Поради незадоволство од судскиот процес, од страна на семејството Алиу и граѓаните беа организирани и протести пред судот во Куманово и во Скопје. Поради преквалификацијата на делото, оставка поднесе и тогашниот министер за правда Билен Саљији.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın