Балкан

Продолжуваат разговорите на македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања

„Работата на комисијата продолжува и понатаму, има мали стапки напред, има желба за работа, по мене тоа е најважно во овој момент“, истакна Ѓоргиев

Husamedin Gina   | 16.10.2020
Продолжуваат разговорите на македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања ( Foto: Umeys Sulejman / Anadolu Agency )

СКОПЈЕ

Билатералната мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија во изминатите два дена одржа разговори во Скопје, а претставниците на комисијата соопштија дека имаат „мали чекори на напредок во разговорите", јавува Агенција Анадолија (АА).

Во Клубот на пратеници денеска продолжија експертските разговори на македонско-бугарската мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања.

Веднаш по завршувањето на разговорите копретседателите на Билатералната мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, Драги Ѓоргиев и Ангел Димитров, дадоа изјава за медиумите.

Историчарот Драги Ѓоргиев, истакна дека во интензивните и напорни дискусии кои траеја два дена договорено е до крајот на оваа година да се одржи уште една средба, а за следната година уште пет средби на комисијата.

„Работата на комисијата продолжува и понатаму, има мали стапки напред, има желба за работа, по мене тоа е најважно во овој момент. Процесот на разговори продолжува и понатаму со сите тешкотии и со сите чувствителни теми кој се на маса. Ќе ве молам за трпение, и за нели поголема емпатија и кон нас и кон колегите од Бугарија за да можат тие прашања да бидат дискутирани и решени со што помалку емоции и тензии“, истакна Ѓоргиев.

Ѓорѓиев исто така додаде дека имало „суштински напредок во однос на учебниците, а за Гоце Делчев имало на маса нови предлози и нови идеи кои биле разгледувани, а ќе бидат тема на разговор на следната средба на комисијата во Софија."

Ангел Димитров, претседател на бугарскиот тим на експерти од историјата дводневната работа на комисијата ја опиша со една метафора: „Овие два дена личеа на денешното време. Сиво е, има повеќе облаци, малку дожд, од време на време се појави за кратко сонце.“

Димитров, истакна дека за прашањето за Гоце Делчев немале ниту време ниту пак можност да разговараат повеќе.

На новинарско прашање дали смета дека политичарите треба да се вклучат во овие преговори, Димитров истакнувајќи дека политичарите одамна се вклучени во тие преговори, рече дека политичарите имаат своја пат, а историчарите своја одговорност пред науката.

Десеттата средба на комисијата која започна вчера се случува по пауза од речиси една година, поради изборите кои се одржаа во Северна Македонија и потоа поради пандемијата со Ковид-19.

Потсетуваме, на први август 2017 година помеѓу владите на Република Северна Македонија и Република Бугарија потпишан е Договорот за добрососедство, пријателство и соработка.

Според Договорот за добрососедство, формирана е Билатералната мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања помеѓу Северна Македонија и Бугарија која треба да постигне согласност за историографските факти и документи кои се однесуваат на заеднички историски настани и личности.

На 16 септември, во пресрет на одлуката за започнување на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, Бугарија на земјите членки на ЕУ им испратила објаснувачки меморандум, кој се состои од шест страници со долги историски образложенија за „државна антибугарска идеологија“ во Северна Македонија.

Софија бара поддршка од нив за нејзиниот став во врска со македонскиот идентитет и јазик.

Во меморандумот се вели дека земјите кандидати не треба да внесуваат отворени спорови во ЕУ, и се смета дека несогласувањата со Скопје претставуваат нерешен конфликт кој „би можел при зачленувањето на Северна Македонија негативно да влијае врз носењето одлуки во ЕУ“.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.